Пред неколку дена СДСМ, со изјава на лидерот Зоран Заев уште еднаш ја најави својата „бомба“ со изјавата: „Еден од доказите, што како документи постојат, а ќе биде објавен во соодветно обезбедени услови, што ќе гарантираат успешност, е доказ во кој министер вели ‘За нас овие избори се прашање на живот и смрт’”. Изјавата наведува дека можеби постојат повеќе, три-четири „бомби“, а не една, и дека СДСМ се двоуми за објавувањето на кои докази, во какви услови, ќе им гарантира успешност. Тоа приближно значи дека СДСМ сè уште не е на чисто во кои услови со објавување на наводни докази ќе постигне максимален ефект – пад на Владата, а при тоа нема да заврши како „бомбаш-самоубиец“.
Целиот пристап на СДСМ и околу „бомбата“ е несериозен и од аспект на процес, и на можна содржина и на сопствената легитимност.
Не знам кој е советник за односи со јавноста на СДСМ, дали е истиот тој што ги советуваше изборната кампања на Стево Пендаровски и на СДСМ да бидат одвоени, но целиот процес со тизер-делот води во промашување. Концептот на тизерот е дека со воведна најава на одредена вест го привлекувате вниманието на јавноста, која така подготвена ја добива планираната вест. Сè до тука е во ред. Тизер-фазата мора да привлече внимание, но не смее со својата должина да ја банализира веста во најава. СДСМ толку долго најавува едно те исто, да целосно ја банализира веста, односно „бомбата“, така што луѓето веќе стануваат рамнодушни. Рамнодушноста на јавноста ќе ја сведе „бомбата“ на нешто неважно. Ако смеам да извршам споредба со емоциите при загуба на блиска личност. Колку е поненадејна загубата, шокот и емоциите се поголеми, колку загубата е очекувана подолг период, емоциите не се толку силни.
За „бомбата“ да има „успешност“, да доведе до пад на Владата, неопходни се шок и силни јавни емоции. А СДСМ со банализација на темата „бомба“ како и со доволното време низ главите да ни поминат сите можни сценарија, ја зголеми подготвеноста на јавноста и го намали просторот за силни емоции, па и самиот СДСМ ја ограничи успешноста на својата „бомба“.
Кога ќе го читате овој коментар, СДСМ можеби веќе ќе се увери дека се создадени услови за објавување на доказите и можеби јавноста веќе ќе знае за што станува збор. Само се надевам дека СДСМ во создавање на услови не ја смета е успешноста на студентските протести, бидејќи доколку објавувањето на „бомбата“ ја поврзе со студентските протести, ќе ја убие и таа мала надеж во граѓански непартиски политички активизам и протести.
Чаршијата најбргу од сите ја исклучи можноста дека „бомбата“ е секс-скандал или обвинување за корупција. Македонското искуство (аферата за претседателот Киро Глигоров), како и искуството на Италија или Франција или медитеранските земји покажа дека секс-скандалите не се ниту скандали, ниту им наштетуваат на политичари, напротив често наместо да ја намалат нивната популарност, тие ја зголемуваат. Берлускони е најдобра илустрација дека ниту секс-скандал, ниту коруптивни афери, ниту го наведоа на оставка, ниту му ја намалија популарноста. Трето сценарио кое самиот СДСМ го компромитира е докази за наводна изборна измама со лажни гласачи и лажни документи за идентификација. Погорната изјава на Зоран Заев упатува на тоа дека „бомбата“ е најверојатно поврзана за изборите. Зошто СДСМ го компромитира ова сценарио? Затоа што недостасуваше соодветна акција: бела книга за изборни манипулации, оставка на претседателот на Државната изборна комисија предложен од СДСМ и масовни протести веднаш по изборите. Дополнително тоа сценарио се компромитира со несериозноста на аферата со фалсификуваните пасоши. Четврто сценарио се наводни докази за подготвување на компромис за спорот на името. Петто сценарио се докази за прислушување на лидерот Зоран Заев и/или други јавни личности. Веќе еднаш видено во Македонија, а последните години толку е присутна темата и тука и глобално, кој кого прислушува, што тешко може да предизвика силни реакции.
Последните три сценарија, изборното, за името и прислушувањето, не го исполнуваат условот за влијание на меѓуетничките односи, услов што самиот СДСМ го објави. Доколку Владата е подготвена на компромис во спорот за името тоа може само да ја зајакне и да и го зголеми рејтингот меѓу етничките Албанци. А и зошто премиерот да дава оставка за нешто што самиот СДСМ го бара, а меѓународната заедница би го поздравила со аплауз. И на крај единственото нешто што може да предизвика јавен револт е вмешаност на власта во загуба на човечки животи. Но ако е тоа случајот СДСМ веќе е губитник, бидејќи со такви работи не смее да се калкулира.
Всушност, самиот СДСМ е најдобрата одбрана на ВМРО-ДПМНЕ од било какви „бомби“. Бидејќи за успешноста на „бомбата“ е важно кој ќе биде погоден, но е важно и кој е „бомбашот“. Граѓаните ќе подржат „бомбаши“ со јасни и чисти мотиви, без калкулации за лични и партиски добивки. Пример за тоа е случајот на Мартин Нешковски. А сега СДСМ и Зоран Заев очекуваат да предизвикаат јавно згрозување со изјава на министер дека „изборите се прашење на живот или смрт“. Тоа го очекува политичарот кој изјави пред јавноста, пред камери „дека живи луѓе ќе јадат“ кога ќе дојдат на власт. Го натера ли таа изјава Зоран Заев да се повлече од политика? Не! Без сопствената легитимност, со погрешно воден процес и содржина, дали приказната за „бомбата“ е само уште една епизода од серијалот Мурто и Курто?
***
Единасетти декември е Ден на македонските студенти – честит да им е! А студентскиот парламент, наместо свечена академија, ако веќе не ги поддржува студентските протести, може барем да организира дебата за актуелните студентски предизвици.