Казните не се бауч

Казните се една од препознатливите линии на критика на власта од страна на опозицијата. Елементите на оваа линија се дека казните се елемент на репресија и на полнење на буџетот, дека се воведуваат огромен број на казни, има инфлација од норми и казни и казните се огромни, а граѓаните не може да го следат сите во толкав број. Обраќањето на опозицијата кон граѓаните е едноставен – власта воведува многу казни што граѓаните ги туркаaт надвор од зоната на комфорот (м.з. – зона каде не требаат нови знаења и вештини, ниту промени и приспособувања), а ете тие, опозицијата, ќе ги заштитат во комфорот.

kaznite-ne-se-bauchЕдна илустрација е пишувањето на еден весник, што во повеќе наврати објавуваше досие „Популизам во казнената политика на Македонија“, а ми го привлече вниманието сторијата од 4 декември 2014 година, насловена „Збират арач без жал“. Сторијата потпишана од новинарка и од уредникот, поранешен претседател на организација за јакнење на професионализмот во новинарството. Сторијата ми го привлече вниманието бидејќи започнуваше со фамозниот „план за архивски знаци“, тема за која пишував истиот 4 декември во мојот коментар „Архивска магла“. Во сторијата „Збират арач без жал“ се критикува воведување на нова обврска, со високи казни од 1.000-2.000 евра со „закана дека непослушните ќе се казнат“. Понатаму се тврди дека тоа е за полнење на државниот буџет. А во поткрепа се пренесени ставови на четири експерти.

Што е проблемот со оваа сторија? Во обврската за поднесување архивски план, нема ништо ново, туку постоела отсекогаш. Новиот Закон за архивски материјали е донесен во 2012 година, но го заменува претходниот Закон за архивска граѓа од 1990 година, изменет и дополнет во 1995 година, каде постоела истата обврска. Високите казни од 1.000 до 2.000 евра, всушност се пониски од предвидените во 1995 година, кога изнесуваат до 20 просечни плати, што со сегашната просечна плата од 350 евра би било 7.000 евра! Значи максималната казна е намалена од 7.000 на 2.000 евра. Во однос на полнењето на буџетот, неделникот „Фокус“ имаше добра анализа, која констатира, доколку добро се сеќавам, дека во буџетот не влегуваат повеќе од 30 милиони евра од казни. 30 милиони евра какво значење имаат за буџет од 2.8 милијарди евра? Со казни со кикиритки не се храни толкав буџет, се храни со даноци. И на крајот, целата сторија е поткрепена со ставови од четири експерти, за кои за еден се наведува дека е поранешен пратеник, а всушност само еден нема партиско минато. Еден од ставовите е од актуелен потпретседател на СДСМ, а е претставен  само како универзитетски професор. Во ред е и тоа, само доколку истовремено за перцепираните други редовно не се користи назнака провладин. Каде е тука другата страна, каде е тука дијалогот? Тоа ли е професионалноста која се нуди како замена за пропагандата на власта? Или пропагандисти се само другите, додека самите сме си професионални?

Дали може наводниот популизам во казнената политика во Македонија, да се промени со пропагандистичко третирање на темата? Не! Популистичко третирање на темата на казните може евентуално да донесе некој поен на опозицијата, и ништо повеќе.

Прописи и норми ќе има сè повеќе, сакале тоа ние или не! Пред сè поради ЕУ интеграциите, но тоа не значи дека не треба да се оценува оправданоста на секоја нова норма. Граѓаните ќе мора да излезат од зоната на комфорот и ќе мора да се справуваат со новите потреби. Некои од тие норми ги бараме сите ние. Погледнете ја фејсбук страната „Ѕидот на сообраќајниот срам“. Погледнете ги јавните дебати откако во петок навечер во лудо возење ќе се загуби живот! Тоа што граѓаните очекуваат е всушност „нула толеранција“. Тоа што се очекува се масовни алкотестови на возачи во сабота навечер! Кои ги нема! Тоа што се очекува е контроли на брзина на полноќно возење по булеварите! Кои ги нема!  А секој граѓанин лесно може да биде неказнет – само треба да паркира каде е за тоа означено, да не поминува на црвено светло, да не вози повеќе од дозволеното. Сето тоа е за лично и добро на другите.

За висината на казните е прашање на јавна дебата за одмерување на делото и казната. Но левица да се буни за високи казни за заштита на работниците е мешање на идеолошките лончиња. Исто како што е мешање на лончиња, како што е во погоре споменатата сторија за одредување на казните како процент на годишен приход. Та нели тоа левицата треба да го бара, паричните казни да ги чувствуваат подеднакво и граѓаните со поплиток и со подлабок џеб? Не ли е правично казната на занаетчија и банка да не биде иста? Исто ли ги чувствуваат 2.000 евра занаетчија со 10.000 евра годишни приходи и фирма со 35 милиони евра приходи? Затоа Владата треба што побрзо да го спроведе тоа што го вети во проектот 4  „нивелирање на санкциите согласно со економската моќ“ од изборната програма во главата „Економија со висок и одржлив раст“. Покрај тоа, за микро и малите претпријатијата, како во помалите сообраќајни прекршоци, мора да се воведат и едукативни опомени, а казна само при повторување на прекршокот. И слично како во сообраќајните прекршоци може да се воведат книшки за казни, со кои микро и малите претпријатија би имале одреден бонус за казни. И секако до подобри решенија ќе стигнеме само преку дијалог!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.