2015 – година на дијалог или на заострување?

Доколку 2014 година може да се оцени како  година на поларизација, и во светот и дома, каква ќе биде 2015 година – година на дијалог или на заострување?

Во светот од, за нас, трите важни процеси кои се заострија во 2014 година: политиката во ЕУ, Запад-ислам и Запад-Русија, сите три има завршница во 2014 година или почеток во 2015 година што не ветува многу.

Политиката во ЕУ формулирана, од јакнење на радикалната десница и левица, како „помалку Европа“, веќе овој месец ќе биде пред нов предизвик со предвремените парламентарни избори во Грција. Сета политичка класа во ЕУ, многу внимателно ја одржуваше владата на конзервативниот Самарас, бидејќи тој се вклопуваше во големиот план за излез на ЕУ од економската криза. И сега кога е неминовно изборно соочување во Грција, ЕУ-политичката класа застана и ќе застане позади Самарас и Нова Демократија. Тоа се случува веќе со пишувањата на германскиот печат за „Grexit“ – излез на Грција од еврозоната, дека тоа веќе не е закана за ЕУ, или изјавите на францускиот претседател Оланд дека Грција мора да се придржува на договорените мерки за штедење. И конзервативната Меркел и социјалистот Оланд се на истата страна во одбрана на главните политички текови. Заканите со излегување од ЕУ се веќе видени во кампањата за заплашување на гласачите на референдумот за независност на Шкотска. Таа кампања има за главна цел да ги „скрати крилјата“ на некогаш радикалната Сириза, со максимална цел да обезбеди победа на Нова Демократија, а минимална да го намали маневарскиот простор на Ципрас дека постои било какво друго решение освен мерките на штедење. И со тоа да се превенира Аргентинско сценарио, и да се спречи помислата дека гласачите во Италија, Шпанија или било која друга земја имаат алтернатива надвор од етаблираните главни партии и политики.

Односите Запад-ислам, по изненадувањето од ПЕГИДА во Германија и од тоа предизвиканата мобилизација на прогресивните чинители ќе влезе во еден период на преиспитување. Тоа можеби е неопходно по изјавата на Меркел, од пред неколку години, дека мултикултурата во Германија не функционира. Односите Запад-Русија, по омекнувањето на изјавите од Германија и Франција, во почетокот на 2015 година најверојатно ќе се соочат со нов предизвик во Украина. Договорот од Минск не се спроведува, а опаѓа и оптимизмот пред средбата во Казахстан на четворката Германија, Франција, Украина и Русија.

Збирно, ваквите односи на меѓународната сцена не се ветувачки за нашата евроатлантска интеграција. Како што напишав за 2014 година, иако Путин нè врати назад во интересот, „помалку Европа“ не дава надеж за брза евроатлантска интеграција на Македонија.

Новата надеж во Македонија за спорот за името, разбудена од можноста во Грција да победи радикалната левица Сириза, е донекаде неиздржана. И доколку победи Сириза, најверојатно Грција ќе влезе во период на политичка нестабилност. Веднаш следува изборот на Претседател на Грција, а прашање е дали и Сириза ќе го обезбеди потребното мнозинство. Дополнително главен приоритет на Сириза е грчката економија и се што би го одвлекло вниманието од тоа ќе се избегнува. За потсетување спорот за името не беше во приоритетните точки од претходната изборна програма на Сириза. И иако Сириза има најпозитивен став за спорот за името од сите политички партии во Грција, нема да го стави своето внатрешно единство на испит, сега кога е пред историска можност од партија на маргините да стане власт во Грција.

Во таков меѓународен контекст Македонија ќе треба да се сосредоточи на внатрешните работи, кои  се обележани со новото дно на односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во 2014 година. Одлагањето на седницата на Собранието за одземање на мандатите на СДСМ е давање на уште една можност за политичкиот дијалог. Сите засегнати страни пред јавноста демонстрираат непоколебливост во ставовите, но на сите страни им е јасно дека одземањето на мандатите ќе биде точка на ескалација, која најверојатно ќе заврши во предвремени избори. Никој не посакува предвремени избори во 2015 година, и ќе има уште обиди за политички дијалог и покрај партиската реторика на непопуштање. Одредена надеж буди парламентот во Албанија, каде по шестмесечен бојкот, со ЕУ-посредување е постигнат договор за враќање на опозицијата во Собранието. Ако до пролет не се дојде до решение, можно е да дојдеме до предвремени избори. Но и предвремените избори не можат да бидат решение, доколку СДСМ не учествува на нив. СДСМ е главна опозициска партија и парламентарни избори без СДСМ може ќе бидат легални, но нема да бидат легитимни. Предвремените избори може да се употребуваат како тактика, но не се решение. И вониституциското делување на СДСМ не е решение. Само политичкиот дијалог е решение. Студентските протести и првите чекори за дијалог за законот за високо образование, што се далеку од идеални, ја подотворија вратата. Ова, 2015 година ќе даде одговор, дали Македонија има капацитет, има ли сили за политички дијалог?

***

Кога напишав дека процесите имаат почеток во 2015 година што не ветува многу, не беше случен терористичкиот напад на Шарли Ебдо во Париз! Во моментите на сочувство со блиските на настраданите, мислите веќе се насочуваат кон тоа каков ќе биде ефектот на најголемиот терористички напад во Франција по 1961 година врз социјалната кохезија на Франција, но и на Европа, во моментите на сериозни предизвици на односите Запад-ислам. И Македонија треба да извлече поука од настаните, посебно поради тоа што најверојатно извршители се повратници од Сирија.

***

Среќен Божиќ!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.