Грција кон радикални промени или ќе си легне на брашно?

Предвремените парламентарни избори во Грција предизвикаа некаде еуфорија, а некаде загриженост, но секаде беа на насловните страни. Победата на СИРИЗА и нејзиниот лидер Алексис Ципрас, не оставија рамнодушни политичари, новинари, коментатори… Зошто?

grtsija-kon-radikalni-promeni-ili-ke-si-legne-na-brashnoПрв и клучен фактор за тоа е фактот дека СИРИЗА и Алексис Ципрас го срушија двопартитниот систем на Нова Демократија и ПАСОК, кои владееја со Грција со децении. И тоа од позиција, до само пред десет години, на маргинална партија. Да, СИРИЗА, основана во 2004 година од Синаспизмос и други левичарски групи, освојува на парламентарните избори во таа година само 3,3 отсто гласови и шест пратеници. И во 2007 година СИРИЗА нема посебен успех и има само 5,05 отсто гласови. Таа година, со доаѓањето на Алексис Ципрас за лидер и со трансформацијата од коалиција во единствена партија во 2012 година, почнува растот на СИРИЗА, што во 2015 година ќе ги доведе до победа. Некои ќе речат тоа не е толку успех на СИРИЗА, колку што е катастрофа на главните политички партии, пред сè ПАСОК кој од главна партија пред дваесет години целосни се маргинализира.

СИРИЗА и Алексис Ципрас покажаа дека двопартитниот систем, кој функционира во голем дел од Европа, може да падне кога незадоволството на граѓаните е големо, а постои умешна политичка партија што нуди политичка алтернатива. Тука, во рушењето на двопартитноста е главниот предизвик, а не во тоа дали тоа дали ќе има „grexit“ – грчки излез од еврозоната или промена на геостратегиската позиција на Грција со излез од НАТО. Во цела Јужна Европа постои големо граѓанско незадоволство од мерките за штедење и демонтажа на социјалната држава. Нови движења на левицата како Подемос во Шпанија, или на десницата како Националниот фронт во Франција, може да ги срушат политичките естаблишменти што ги водат соодветните земји со децении.

Дилемата поставена во насловот, Грција кон радикални промени или ќе си легне на брашно всушност е лажна дилема, бидејќи успехот на СИРИЗА колку да е заснован на радикалност на идеите, толку се должи и на прагматичноста на СИРИЗА и Ципрас. На пример, СИРИЗА станува единствена политичка партија во 2012 година, за да може да го добие бонусот од 50 пратенички места за победничката парија на изборите, кој не би го добила како коалиција. И сега, по победата, СИРИЗА балансира. СИРИЗА има декларирана атеистичка ориентација и Ципрас положи заклетва на Уставот на Грција, не на библијата, но сепак се сретна со архиепископот на Грчката православна црква. Или пак СИРИЗА одбра коалиција со десничарската АНЕЛ – Независни Грци, наспроти коалиција со други левичарски партии. Со формирањето на лево-десна коалиција СИРИЗА се ослободува од баластот на национални прашања, за да целосно се фокусира на економијата.

Програмата од Солун од 2014 година, политички манифест на СИРИЗА, целосно се фокусира на економијата и демократијата. Четири главни прашања се соочување со хуманитарната криза, обнова на економијата и промоција на даночна правда, враќање на вработувањата, трансформација на политичкиот систем за продлабочување на демократијата. Главни цели на СИРИЗА се „Европска должничка конференција“ и „Европски нов договор“ за Грција и Јужна Европа.

Во програмата нема ништо за промена на геостратегиската позиција на Грција, во ЕУ и НАТО. Конспиративните теории дека СИРИЗА е американска направија за дестабилизација на ЕУ и еврото, а за задржување на моќта на доларот може да бидат само шпекулација. Грчката левица е длабоко антиамериканска, и до некаде проруска, како наследство од граѓанската војна во Грција 1946-49 година и фашистичките диктатури потоа. И не само левицата – Грција е меѓу топ 10 земји кои не ги сакаат САД, односно со 63 отсто од популацијата на кои не им се допаѓа САД се на шесто место, меѓу Палестина и Пакистан. Но тоа не значи дека ќе има промена во позициите. Изјавите за германската воена оштета на Грција, реакциите против санкциите на Русија, гласањето во ЕУ парламентот, против или воздржан, за асоцијацијата на Украина, Молдавија и Грузија предизвикуваат загриженост во ЕУ. Но поверојатно е од Ципрас да се очекува дека ќе го употреби благиот евроскептицизам и антиамериканизам, за стекнување на подобра позиција за остварување на неговата главна цел – долгот и обновата.

grtsija-kon-radikalni-promeni-ili-ke-si-legne-na-brashno-2Што значи СИРИЗА и Ципрас за Македонија? СИРИЗА, раководството и симпатизерите, имаат најпозитивен став за Македонија од сите политички партии во Грција. Тоа е неспорно. Но на кратки патеки, следејќи ги насоките за компромиси на надворешно политиките цели за внатрешни добивки, нема да има промени во спорот за името. Коалицијата со Независни Грци на СИРИЗА ѝ обезбедува неутрализирање на критика на национални теми. За потсетување, Независни Грци е една од двете партии заедно со неонацистичката Златна Зора што се противи на компромис во кој воопшто би се содржел зборот Македонија. И од тој агол  изборот на Марија Колиа Царуша од Независни Грци, инаку родум од Серез, за министер за Македонија и Тракија во грчката Влада, може да се толкува како статус кво во спорот за името.

Од друга страна, на подолги патеки, покрај релативно позитивниот став за Македонија, успехот на СИРИЗА во економијата и посебно во демократизацијата и секуларизацијата (владиката Антимос од Солун како битен антимакедонски чинител), може да создадат поповолен амбиент за грчко-македонските односи. Тоа е доволна причина да посакаме успех на новата грчка влада.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.