Во свое обраќање до нацијата претседателот Обама, го обвинува републиканецот Меккејн, дека го уценувал со наводни документи за злоупотреби во финансирање на неговата кампања, обезбедени од севернокорејската разузнавачка служба. Меккејн одговара дека документите не се од севернокорејската разузнавачка служба, туку од патриоти од НЦА… Ова не може да биде реалност во САД, ова може да биде сценарио за филм од Б-класа. Ова сценарио за филм од Б-класа за жал стана реалност во Македонија. На „бомбата“ се надоврза „пуч“, а реакциите поларизирани, навивачки, секој за својата страна, за својата вистина.
Неколкумесечните изјави на Зоран Заев, лидерот на СДСМ, дека поседува информации т.н. „бомба“ која ќе ја принуди власта да се повлече, се разви во кривично обвинение против Зоран Заев и други вклучени лица. Иако е најавена судска разврска, таа не може да се случи без политичка разврска.
Се чини политичката разврска, која страна ќе стекне повеќе доверба од јавноста, од граѓаните, зависи пред сè од перцепциите за изворот на информациите кои Зоран Заев вели дека ќе ги објави и дека ќе ја срушат власта. Според власта изворот на информациите е странска разузнавачка служба, а според опозицијата тоа се патриоти од домашните безбедносни органи. Повеќемина сметаат дека собирање на информации од тој обем, стотици илјади разговори од илјадници различни личности, вклучувајќи шифрирани разговори на раководството на државата, не е можно без странска разузнавачка служба. Одговорот на прашањето кој е изворот ќе влијае на перцепциите на јавноста дали Зоран Заев е свиркач (whistleblower) – укажувач на криминални активности или, пак, е соработник на странски разузнавачки служби. Тоа ќе го одреди правецот на политичката разврска. И неколку други перцепции ќе влијаат врз јавноста.
На страната на власта, на уверливоста, влијаат квалификацијата на делото, одговорноста за пропустите во контраразузнавањето и (не)посочувањето на странската разузнавачка служба. Насилство врз институции или пуч, квалификацијата на обвинувањето за Зоран Заев за лаиците звучи претерано, пред се зошто тешко да се убеди јавноста дека Зоран Заев има капацитет за пуч. За одговорноста на нашето контраразузнавање, се отвора тоа прашање доколку е точно дека се прислушувани илјадници граѓани, во подолг период и тоа го има направено странска разузнавачка служба,. Точно е дека и НЦА ја прислушкувале Ангела Меркел, без тоа да го открие германското контраразузнавање, но сепак работа е на контраразузнавањето да спречи прислушување. И на крајот, доколку е вклучена странска разузнавачка служба зошто досега не е повлечен нашиот амбасадор од таа странска земја, зошто нема барем нота до амбасадата на таа странска земја. По случајот „Шпион“ во јавноста протече информација за вклученост на унгарската служба, а сега владее молк за која е странската разузнавачка служба. Сериозноста на кривичен прогон на лидерот на опозицијата не е можна без соодветни постапки кон странската држава.
На страна на опозицијата, на уверливоста влијаат мотивите за „бомбата“, со тоа поврзаната легитимност, како и објавувањето на информациите. Клучното прашање што СДСМ не го одговара е зошто го прави ова? Слоганите за враќање на слободата звучат многу неуверливо, баш поради средбите на Зоран Заев со премерот Никола Груевски. Доколку Никола Груевски се согласеше со барањето на СДСМ за техничка влада и избори, што ќе се случеше со сите наводни докази за криминал? Дали понудата на Зоран Заев била техничка влада во замена за неказнивост – негонење на наводниот криминал на власта? Ако Зоран Заев сакал да го заштити јавниот интерес тогаш морал да ги достави наводните докази за криминал до јавното обвинителство, до медиумите.
СДСМ е свесен дека наводните докази, се обезбедени на незаконски начин. Кој и да го правел прислушувањето, најверојатно го правел без соодветен судски налог. Иако постои европска судска пракса на прифаќање од страна на суд на докази обезбедени на незаконски начин, вообичаено судовите ги отфрлаат таквите докази. Самиот СДСМ го потврдува тоа со барање на кривична одговорност за лицето кое тајно ја снимало средбата на Груевски и Заев. Доколку е криминал тајното снимање на средбата Груевски – Заев, тогаш е криминал и тајното прислушување на илјадници луѓе. Понатаму, доколку наводните докази се незаконски обезбедени, дали е легитимно нивното објавување? Дилемата е ако тоа е легитимно, тогаш секој секого ќе прислушува, што, нели, е незаконски. И да се прифати дека објавувањето е легитимно заради заштита на јавниот интерес, тоа паѓа во вода доколку изворот е странска разузнавачка служба.
За СДСМ е пораз дека премногу долго шпекулираа со „бомбата“. Всушност Премиерот Никола Груевски, најверојатно ќе ја има заслугата ако јавноста ги добие наводните докази, бидејќи премиерот ги прекина шпекулациите и го потврди постоењето на такви информации. Тврдењата дека целата операција „пуч“ е обид да се спречи објавувањето на информациите кои Зоран Заев ги има може да биде само лошо оправдување доколку СДСМ не ги објави информациите. Во денешното време на Интернет и нови медиуми кога секој може сешто да објави, а ниту најмоќните влади на светот тоа не можат да го спречат, може и СДСМ да го објави тоа што го има.
И колку што времето ќе покаже кој ќе има повеќе штета, отсега е јасно дека најмногу штета ќе има политичкиот дијалог и Македонија. Јазот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се чини се цементира, политичкиот дијалог изгледа невозможен во скора иднина. Таква перспектива на зголемена конфронтација неминовно ќе одзема енергија, ресурси, време! Изјавата на руското МНР предизвикува дополнителна загриженост, дали Македонија во политичка криза може да стане жртва на геостратегиски игри. Сите политички чинители имаат одговорност, низ обнова на политичкиот дијалог, да бараат што побрз излез од состојбава, за да се намалат штетите што сите ние ќе ги претрпиме.