Во актуелната политичка криза, и во наративот на ВМРО-ДПМНЕ за „Пуч“ и во наративот на СДСМ за „Бомбите“ вклучени се странски држави или меѓународната заедница. Секако во едниот наратив во дестабилизација на земјава, а во вториот наратив за стабилизација. Актуелната политичка криза се одвива во контекст на зголемен ривалитет меѓу Западот и Русија, при што директно Германија се вклучи во пополнувањето на геостратегискиот вакуум поради одолжените ЕУ-интеграции на Западен Балкан и го презеде водството во одржување на животот на ЕУ-агендата.
ВМРО-ДПМНЕ со наративот за странско учество во дестабилизација на Македонија на одреден начин се обидува да ја задржи меѓународната заедница на страна, а СДСМ бара вклучување на ЕУ во решавање на кризата. ЕУ досега се држи донекаде настрана, за да ја тестира зрелоста на државата, институциите и општеството, но и немешање без, од сите страни, јасно изразено барање за ЕУ вклучување.
За многу краток период се наредија изјави и настани, како, изјавата на премиерот Груевски за поширока стратегија во која Зоран Заев е пион, најавените мерки за градење на доверба меѓу Македонија и Грција, посетата на премерот Груевски на НАТО, отстапувањето на Зоран Заев, исклучиво од политичка разврска, со вклучување на непристрасна истрага за прислушувањето, резолуцијата за вклучување на Федерика Могерини, ЕУ комесар во медијација меѓу двете партии, подоцна појаснето дека вклучувањето е во спорот за името, како и шпекулациите за средба на премиерите на Македонија и Германија… Сето ова зборува за висок интензитет на случувања, кои не се јасни докрај и транспарентни за јавноста.
За што станува збор? Постојат најмалку две можни сценарија: спорот за името и борба против корупцијата. А двете не се исклучуваат меѓусебно.
Шпекулативно да претпоставам дека пошироката стратегија за која говори премиерот Груевски е спорот за името. Спорот за името по неуспехот во Букурешт во 2008 година, и обидите за решавање низ билатералните средби на премиерите Груевски и Папандреу, по изборот на Самарас за премиер на Грција беа замрзнати во периодот 2012-2015 година. Во тој период од Берлин стигнуваа пораки дека спорот ќе се реши, но за тоа треба време. Германија во ниту еден случај не беше спремна да врши притисок врз Самарас, омилениот политичар во Грција кој се нафати да ја спроведува политиката на штедење. Со изборите на 25 јануари, настана промена во Грција. Новата влада во Атина не само што се противи на политиките на штедење, туку често поттикнува анимозитет спрема Германија. На променетиот меѓународен контекст, доаѓа до промена во Грција, која отвора можност за решавање на долгогодишниот спор за името.
Постои редослед на настани кои говорат во прилог на решавање на спорот за името. Во Грција се случуваат избори на 25 јануари, а веќе на 26 јануари 2015 година е формирана новата лево-десна влада. На 9 февруари, Зоран Заев и СДСМ на прес конференција ја најавуваат „Вистината за Македонија“, односно скандалот за прислушувањето. На 10 февруари се случува телефонски разговор Груевски со Ципрас, за честитка на изборот. На 07 март од грчките медиуми се најавуваат мерки за градење на доверба меѓу Грција и Македонија. На 13 март, Никола Димитров, поранешниот преговарач за спорот за името, потврдува дека во 2008 година државното раководство прифатило да организира референдум за Република Македонија (Скопје), предлог што го отфрла Грција. Во својот говор на 15 март, премиерот Груевски рече: „Не ни треба преодна влада за да ни држи страв или или за да креира решенија кои ќе треба на сила да се истуркаат“. Понатаму Грувски вели дека ставот ВМРО-ДПМНЕ е објавен во нивната програма и ги повторува црвените линии за спорот за името, вклучувајќи одржување на референдум. Во еден ваков контекст на настани, премиерот Груевски ја поставува идејата за преодна влада во функција на спорот за името. Всушност подолго време за решение на спорот за името се спомнуваат форматот на рамковниот договор, а проопозициски коментатори говорат за голема коалиција како начин на споделување на одговорноста за решавање на спорот за името. Говорот на премиерот Груевски може да се толкува како порака до меѓународната заедница дека тој и владата на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени без голема коалиција со СДСМ да ја преземат одговорноста за решавање на спорот за името.
Дали станува збор за спорот за името, ќе биде појасно по евентуалната средба на премиерите Меркел и Груевски и последователните настани. Доколку станува збор за тоа, премиерот Груевски е должен да обезбеди јасни, точни и транспарентни информации, како и суштинска јавна дебата за можниот предлог за решение на спорот за името.
Но можеби станува збор за борба против корупција. Зоран Заев и СДСМ може да го олеснат сосредоточувањето на еден дел на македонската јавност на содржината на прислушуваните разговори, доколку ја адресира загриженоста за спорот за името. Зоран Заев и СДСМ треба јавно да ја повторат својата поддршка на македонските црвени линии за спорот за името, вклучувајќи и референдум. Неколку пати СДСМ изјавува дека ќе прифати тоа што ќе биде прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ. Реафирмирајќи ги таквите позиции ќе ја намали загриженоста на дел од јавноста за грчки сценарија. Со тоа ќе даде придонес во расчистување на патот кон политичка и истражна разврска на актуелната политичка криза.