Безомразно

Деновиве беше одбележано завршувањето на „Безомразно“ двегодишниот проект на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) од Скопје. Безомразно го адресира проблемот на говорот на омразата во нашето општество, проблем што е во пораст последните години. Тоа е доволна причина за анализа и коментар. Дополнителна причина е потребата да истакнам еден проект на граѓанска организација која адресира суштински проблем на нашето општество, во создадениот амбиент дека „нема фајде од парите што ги трошат невладините организации“.

bezomraznoПроблемот на говорот на омразата, заедно со казнените, кривичните дела  на омраза, е врвот што се гледа на сантата на мраз, на нетолеранцијата, неприфаќањето и непочитувањето на разликите, предрасудите, пристрасноста. Перцепираниот пораст на говорот на омраза е одраз на најверојатниот пораст на нетолеранцијата и  неприфаќањето и непочитувањето на разликите. А пред нас стои цивилизациската потреба од развој на меѓузависност и конструктивно решавање на споровите и конфликтите (во форма на политички, социјален, граѓански и секој друг облик на дијалог), засновани на толеранција и почитување на разноличноста.

Проблемот на говорот на омраза е во пораст, според повеќе истражувања на МИМ и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Според истражувања на МИМ во пораст е говорот на омраза по етничка, верска основа и основа на сексуална ориентација, како и по партиска основа. Порастот на говорот на омраза по етничка и верска основа се зголемува и во традиционалните и во новите медиуми (интернет-страници, фејсбук, твитер), графити на ѕидовите, спортски настани. Најчести зборови препознаени како говор на омраза се „смрт“, „шиптари“ и „каури“. Во пораст е и перцепцијата на говор на омраза по партиска основа. Наспроти ваквите перцепции стојат контрадикторни ставови. На пример и покрај високата перцепција за говор на омраза на партиска основа, лично навредување доживеале помалку од еден од четири граѓани. Или порастот на говор на омраза на етничка и верска основа се судрува со висок степен на неодобрување од 97.4 проценти, та дури околу 75 проценти од членовите на навивачките групи се согласни да се криминализира говорот на омраза на спортските настани. Ваквите наоди говорат во прилог на одредено самоамнестирање на граѓаните од овој проблем, за кој одговорноста најчесто ја гледаат во политичарите и во медиумите. Ваквите наоди на МИМ се потврдени и со истражувања на МЦМС за еднакви можности и за македонските општествени вредности. Накратко постои перцепција за влошување на состојбите по партиска, етничка и сексуална основа, а одредено подобрување по основа на пол и на хендикеп.

Една илустрација за повратната спрега на влијание граѓани-медиуми. Минатата година учествував на трибина за спорот за името, заедно со Фрчковски, Боцевски и други. На трибината се случи инцидент – пожестока вербална расправа меѓу еден од воведничарите и еден од учесниците во публиката. И што пренесоа медиумите: интересни делови од дебатата или пак меѓусебното навредување? Секако пренесоа информација само за инцидентот. Ваквиот сензационалистички пристап на медиумите, каде мора да има хиперскандал или мегаскандал, мора да има јаки емоции предизвикани од страв, насилство, смрт, се храни со рејтинзи или гледаност. Кога граѓаните во функција на гледачи/читатели ќе го свртат каналот или нема да кликнат на интернет страна полна со омраза, ќе опадне пазарниот инцентив, поттик на објавување на такви содржини, и таквите емисии, страни, медиуми ќе бидат маргинализирани или ќе се сменат.

Сè додека за нас, или да не генерализирам за повеќето од нас, врв на политичка дебата е таа на Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, пред парламентарните избори од 1998 година, која заврши со жестоко меѓусебно навредување, тешко до пристојна јавна дебата, во која говорот на омраза ќе се смета за непримерен и неприфатлив. Така и во последниот период има директни и индиректни дебати во кои доминира нетолеранција, омраза и лична дисквалификација. И едните и другите ја правдаат својата страна, со однесувањето на другата страна. Зошто забрана за рекламирање на емисии на едната страна, кога има такви и на другата страна. Или дека во одбрана од сторители на (говор на) омраза, жртвите имаат право да се одбранат со (говор на) омраза!? Како со нов говор на омраза, ќе се деконструира омразата на другата страна? Како сопственото линчување, ќе се реши со линчување на другиот? Како тоа на било каков начин води во толеранција и конструктивно решавање на конфликтите?

Препознавање на (говорот на) омразата само на другата страна, го прави проблемот на борбата против (говорот на) омраза, дополнително тешко, покрај веќе постоечките проблеми во превенцијата и во сузбивањето на (говорот на) омразата.

[продолжува]

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.