Црвени кругови, соросоиди, предавници и …

Вчеравечер, во организација на Левичарското движење „Солидарност“ се одржа трибина „Црвени кругови, соросоиди и предавници – етикетирањето, жигосувањето и поларизацијата на македонското општество“ чиј наслов го позајмив за насловот на мојот коментар. Според најавата, трибината се фокусира на личниот углед и на личната дискредитација пред сè преку етикетирање. Во чаршијата, во јавниот простор, личниот углед е императив, и соодветно етикетирањето е честа партиска техника и пракса. Етикетата е кратенка, брз пат до некакво tsrveni-krugovi-sorosoidi-predavnitsi-iзначење, позитивно и негативно, каде позитивната е резервирана за себе, а негативната е резервирана за партискиот ривал. Негативното етикетирање ги одбележува непријателите и ги дехуманизира. Поделба на општеството на непријателски групи, наместо на неистомисленици и спротивставени страни, но со еднакви права на различно мислење, е погубна. Притоа се заборава дека угледот е поврзан со човековото достоинство, веројатно најуниверзалната човечка вредност и основа за дефинирање на човековите права. „Солидарност“ бара начин на надминувањето на овие погубни техники на владеење и се обидува да отвори пат за креирање нов политички субјект – зрел демократски граѓанин кој ќе го уважува правото на различност.

Негативното етикетирање или стигматизирање, односно придавањето на непосакувана или дискредитирачка особина на лице или група насочена кон снижување на статусот во очите на заедницата е дел од (говор на) омразата, за што пишував претходните два коментари. Како што заклучив (говорот на) омразата, превенцијата и сузбивањето, е нашиот цивилизациски вредносен предизвик, неопходниот предуслов за развој на дијалог, политички, социјален, граѓански… за функционална партиципативна  демократија, за нормално општество!

Надминувањето на етикетирањето, како партиска техника, е битен дел од превенцијата и сузбивањето на (говорот на) омраза. И веројатно еден од првите чекори во надминување на сегашната политичка криза. Како да го надминеме етикетирањето? Потребни се анализи, градење на јавна свест, политики.

Последните години повеќе граѓански организации, како МИМ, МЦМС и други, правеа истражувања, кои можат да послужат како основа за анализа. Стигматизација на партиска основа се појавува со партискиот плурализам, и како таква е релативно понова од етничката и верската и други кои се присутни многу подолго време. И покрај новоста, партиската припадност, според повеќе истражувања, е во брз пораст и станува водечка причина за дискриминација во Македонија. Предрасудите (и стигматизацијата) и дискриминацијата на етничка и верска основа би требало да бидат поизразени од тие на партиска. Социјалната, општествената дистанца меѓу етничките и верските заедници, во образованието, живеалиштата и во семејството (бракот) е јасно изразена. Ваквата дистанца ги прави личните контакти како помалку чест начин на создавање на перцепциите за другиот, наспроти улогата на информациските посредници како медиумите. Меѓу припадниците на различни партии не постои таква социјална дистанца и личниот контакт е примарен начин на информирање. Сепак перцепцијата и на дискриминација и на говор на омраза на партиска основа ги надминува тие на етничка или верска основа. Така наспроти 52 проценти на граѓани што забележале говор на омраза на етничка основа, дури 80 проценти забележале говор на омраза на партиска основа. Постои и високо чувство на виктимизација: 23 проценти на наши сограѓани биле лично навредувани, 17 проценти биле заплашувани, а 6 проценти трпеле насилство на партиска основа.

Ваквите податоци може да укажуваат на одредено поместување на натпреварот на различни општествени групи од етничка/верска основа на партиска основа или поместување на фокусот од меѓуетничките односи во меѓупартиски или внатреетнички односи. Дали ова поместување е позитивен резултат на рамковниот договор и намалување на меѓутничкото ривалство или, пак, е негативен резултат на евентуално зголемена меѓутничка дистанца е прашање за посебна анализа. Како и да е се чини дека меѓупартиските односи, односно односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, меѓу ДПА и ДУИ, итн. добиваат се поголемо значење. Тоа не мора неминовно да значи дека е лошо за Македонија. Во земји како Македонија, кои се мултикултурни, постоењето на други општествени јазеви (или расцепи) може да го релативизираат постоењето на етнички и верски јазеви.

Но растечката поларизација на меѓупартискиот јаз, како и растечкиот говор на омраза на основ на партиска припадност, како и партиското етикетирање составен дел од тој говор на омраза, укажува на пореметување на меѓупартиските односи. Тие меѓупартиски пореметувања одразуваат подлабоки општествени проблеми. Соодветно справување само со етикетирањето, без да се адресираат подлабоките причини, ќе биде само гребење по површината на проблемот.

(продолжува)

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.