Со воспоставување на политичкиот дијалог меѓу „големата четворка“ – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, се раздвижи јавноста и започна дебата за структурните промени што треба да придонесат кон подобра Македонија. За изненадување, повеќе идеи и предлози се слушаат од граѓански активисти и од помалубројните партии, отколку од „големата четворка“. Но дали е за изненадување што всушност нема идеи и предлози од големата четворка? Во неколку наврати во претходните години пишував на оваа тема, а особено ја третирав во „Окупирај ја политиката 1 и 2“ во 2013 година.
Во други држави граѓаните ги губат илузиите за традиционалната репрезентативна демократија, поради тоа што од една страна избраните политичари не се способни да ги решат најбитните проблеми, а од друга страна клубот на политичари станува сè позатворен, а „брокерите на моќта“ работат само за сопствениот интерес и ги употребуваат гласачите само за одржување на власт. Ние во Македонија не успеавме ни да постигнеме традиционална репрезентативна демократија, па да ја доживееме кризата на истата.
Во „Да, отпор, но за чии лаги (3)“, напишав „СДСМ не се развиваше како политичка партија заснована на идеологија, туку како патрон-клиенталистички систем, кој потоа го пресликаа сите други партии… Во тој систем нема судир на идеологии или идеи, нема левици, центар или десница, туку судир околу самата власт, како начин на контрола на јавните ресурси“. Ваквиот партиски клиенталистички систем не само што го пресликаа сите политички партии, туку заедно го бранат. Заробувањето на политиката во Македонија, се случи преку две подрачја: меѓуетничките односи и заробување на политичкиот натпревар.
Меѓуетничките односи, односно заплашувањето поврзано со нив, од независноста до сега, партиските елити го користат како ефективен инструмент за владеење. Секогаш кога елитите сакале да концентрираат повеќе моќ или да ја закочат деконцентрацијата, без разлика дали се тоа подрачја како локална самоуправа или образование, се употребувал другиот како бауч.
Заробувањето на политичките партии и политичкиот натпревар се одвиваат во три фази: елиминација на „заканата“ од непартиски политички чинители, елиминација на конкуренти надвор од големата четворка и на крајот заробување на сопствените партии.
Во правата фаза се елиминираа „заканите“ од непартиските политички чинители. Се подигна ограда, ѕид меѓу граѓанското општество, синдикатите, црквите и политичките партии. Секаде во Европа, има синдикални лидери во партиите од левицата, само кај нас нема. Се дискредитираше секаков непартиски политички ангажман. Се укина суштинска јавна дебата, се оневозможија формите за директна демократија како граѓански иницијативи и референдуми. И тоа го правеа и ВМРО-ДПМНЕ (укинување на јавна дебата) и СДСМ (оневозможување на референдуми).
Во втората фаза се елиминираа конкурентите надвор од големата четворка. Тоа се постигна со изборниот модел и шесте изборни единици и високиот изборен праг, или пак со тоа што во изборните органи се вклучени партиски претставници само од големата четворка. Кога тоа не беше доволно, партиите од големата четворка си помагаа на теренот да ги истиснат другите партии. Велат тоа му се случило на Руфи Османи и НДП во Гостивар.
Во третата фаза „брокерите на моќта“ ги заробија сами своите партии. Првиот чекор беше промената на мнозинскиот во пропорционален изборен систем. Колку да тоа беше оправдано во елиминација на владеење на локални моќници или „феудалци“, партиските лидери умешно ги елиминираа сите силни личности во партиите кои својот легитимитет го црпеа од фактот дека беа директно избрани од граѓаните. Пратениците ја губат моќта на претставници на граѓаните, бидејќи стануваат само претставници на лидерот или партијата. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги отфрлаат предлозите за реформи на изборниот пропорционален систем, иако станува јасно дека за разлика на пропорционалниот, мнозинскиот изборен модел на локално ниво води кон позитивна селекција во изборите за градоначалници.
Потоа, сите партии направија промени на статутите, каде поставија државна организација, каде претседателот ги бира извршните тела, а не обратно – каде извршните тела на партијата го избираат претседателот. До апсурдна внатрепартиска контрола, каде претседателот ги избира делегатите за конгрес, за тие делегати потоа го избираат претседателот.
И на крајот, сите три фази на заробување на политичкиот натпревар, се цементира со „американизација“ на изборните кампањи во Македонија. Изборните кампањи во Македонија, станаа телевизиски кампањи, како во ретко која земја во Европа. Телевизиските кампањи, чинат многу пари. А многу пари може да обезбедат само партиите од големата четворка, а и меѓу нив тие партии што во моментот го контролираат јавните ресурси.
Овие работи нема да ги каже никој од големата четворка. Кога тие разговараат за нееднаков терен за избори, можеби ќе реферираат само на (зло)употребата на јавни ресурси. И да, за прочистување на избирачкиот список. Прочистувањето на избирачки список, е важен само за Мурто и Курто приказната. А тоа не е приказна за слободно општество. За ослободување на партиите, не се доволни ниту 6 или 12 или 18 месеци, потребни се структурни реформи на средни и долги патеки.
(продолжува)