Откако пишувам коментари и мислења за Нова Македонија, го открив предизвикот за седмичното пишување: одредување на тема, анализа, став. Во разговор со колумнист кој пишува секој ден му изразив почит како има инспирација за секојдневно пишување. Добив одговор што не го очекував, дека е полесно да пишуваш дневно, отколку седмично. Кога пишуваш дневно се водиш од моменталната инспирација, а за седмично мора со одредена дистанца да донесеш одлука за кој од настаните и процесите од седмицата ќе пишуваш.
Ова седмица е една од тие седмици кога има толку настани, што тешко се донесува одлука. Седмица која ја означија три договори: договорот со Иран за нуклеарната енергија, договорот со Грција за трет пакет на помош и договорот на „големата четворка“ за излез од политичката криза во Македонија. Иако глобално важен, Иран е далеку од нашиот интерес, а за домашниот договор мора малку да слегнат првите впечатоци.
Овој коментар ќе биде за Грција. И тоа не поради ситно ситење на маките на нашиот сосед. Напротив на нашиот соседи му посакувам враќање на патот на просперитет по повеќегодишно страдање. И не поради исклучувањето на вината на Грција и Грците за дупката во која паднаа. Грција не може да се амнестира. Но овој коментар ќе биде повеќе за европските реперкусии од тоа што беше договорено во Брисел.
Пред да продолжам понатаму, само еден мој коментар за Ципрас. Еден наводно екстремен левичар, прифати и потпиша договор што еден десничар како Самарас, ни во сон не би го прифатил. Неверојатно! И на врв на тоа, Ципрас изјавува дека не верува во договорот, но ќе го спроведе!? Зошто да спроведуваш нешто во што не веруваш? Тоа ли е екстремна левица? Или на крај сè е за власт?
За наслов го избрав хаштагот на Твитер #ThisIsACoup или „ова е удар“ или по нашки „ова е пуч“. Овој хаштаг ја опишува горчината меѓу Грците. Но овој хаштаг ниту е грчки, ниту е одраз само на грчката горчина. Хаштагот прв го употребува Сандро, учител по физика од Барцелона кој ќе напише „Предлогот на еврогрупата е таен државен удар против грчкиот народ“ #ThisIsACoup. За само неколку часа тој хаштаг е употребен над 200.000 пати, станува втор глобален хаштаг и водечки хаштаг на твитер во Германија и Грција. Содржината на сите твитови, на сите пораки носи горчина и претставува сериозен зазор за Германија.
Договорот што Ципрас го прифати се оценува како понижувачки, во повеќе елементи вклучувајќи го и преносот на грчки имот од 50 милијарди во фонд во Луксембург. Недоверба има не само во содржината туку и во спроведливоста. Дали е спроведлив договор кој не е согласен со програмата на Владата во Грција, на програмата на Сириза, за кој грчкиот премиер вели дека не верува во него, за кој нема добиено мандат на избори, за кој Грците се изјаснија на референдум дека го одбиваат?
Дали е одржлива унија во која силните ги истуркуваат слабите? Дали Грција мораше да биде понижена да служи како пример, што ќе им се случи, за сите останати земји кои во иднина можеби ќе ја предизвикаат германската економска правоверност? Варуфакис, за кратко министер за финансии на Грција ги постави тие дилеми. Но само доколку останеа негови дилеми, ќе беа заборавено поради неговата ароганција. Но погорното се зборови и на Волфганг Мунхау, придружен уредник на Фајненшл Тајмс. Тој обвинува дека се случил удар, но дека тоа не само промена на режимот во Грција, туку промена на режимот во еврозоната. Според него, договорот за Грција го руши еврото како политичка идеја, и го сведува на токсична верзија на курсен механизам кој работи во корист на Германија, и донекаде Холандија и Австрија, но не и за другите земји-членки. Тоа го уништува проектот на еврозоната и ја демолира идејата дека монетарната унија е чекор кон демократска политичка унија.
Уште поостар е Пол Кругман, добитник на Нобеловата награда за економија, кој во Њујорк тајмс ќе напише мислење насловено „Убиството на Европскиот проект“. Кругман смета дека листата на барање е „лудило“, дека е повеќе од тежок, дека тој е чисто одмаздништво, комплетно растурање на националниот суверенитет и не нуди никаква надеж за подобро утре. Претходно слични ставови објави и нобеловецот Џозеф Стиглиц.
Една илустрација за одмаздништвото, кој се манифестира како триумфализам. Одредни германски медиуми осамна со наслови како „И победникот е…Ангела Меркел“ или „Меркел:Ципрас 1-0“. Тоа доаѓа од страната која редовно подучува дека Европа се заснова на дијалог, на компромис! Каков дијалог, каков компромис кога се прогласуваат победници и поразени? Но така не мисли цела Германија. #ThisIsACoup е водечки хаштаг и во Германија, а под тој хаштаг германска пратеничка од зелените во Европскиот парламент ќе напише „Тие говорат за доверба, а скицираат договор кој е понижувачки“.
За нас сето ова има неколку значења. Прво, нашиот сосед Грција може да се соочи со „ужас без крај“. Тоа не го посакувам никому, а може да не засегне нас и политички и економски.
Второто, дека дијалогот и компромисот, се условни категории и дека послабите не секогаш имаат фер и достоинствен третман.
***
Честит Рамазан-бајрам! Urime Fitër Bajrami! Iyi Bayramlar! Bahtalo Bajrami! Bajram šerif mubarek olsun!