Три предлози за туристички пораст [2]

Претходната седмица, поттикнат од предлогот на туристичките работници да се продолжи летниот одмор за учениците од 31 август на 15 септември, а со тоа да се продолжи туристичката сезона, се осврнав на можностите за туристички пораст, на што се надоврзувам и во овој напис. Во меѓувреме Министерството за образование и наука (МОН), одговори на барањето на туристичките работници, дека барањето за продолжување на летниот одмор за учениците, на еден месец пред крајот на распустот, е со прекраток рок за да се анализираат ефектите врз учениците, од таков чекор. И со Влада која е акцијашки, предизборно расположена, МОН учтиво одговори дека барањето е несериозно. Што не значи дека не треба да се согледаат, како што пишував, искуствата од Холандија и Германија, за стратегиско планирање на школските одмори, меѓу другото и за развој на туризмот. Барањето е показател на состојбите во туризмот – краткорочно размислување и ад-хок мерки.

tri-predlozi-za-turistichki-porast-2А, како што пишував во претходниот коментар, веќе постојат сериозни стратегиски документи за развој на туризмот. Документот што особено ми остави впечаток предлага четири чекори: фокус на три географски пазари и туристичка понуда специфична за тие пазари; дефинирање на територијални производи за трите географски пазари; фокус на квалитетот на објектите и услугите; и подобрување на сезонската туристичка шема. Трите географски пазари кои се предлагаат се домашниот, регионалниот (Балкан плус Турција) и меѓународниот – Западна Европа и Северна Америка. За овие три пазари се предлагаат пет тематски групи, кои би се примениле на неколку пилот локации. Првата тематска група е езерски туризам, наменет пред сè за домашните туристи, и предлог локација…не е Охрид, туку е Дојран. Охрид е предлог локација за третата група – културен туризам. Втората тематска група е вински туризам, кој како у културниот туризам е пред сè наменет за странските туристи. Предлог локација е Тиквеш. Четвртата група е рурален туризам лоциран во Маврово и Река, а петтата група е планински и еко-туризам лоцирани на Шар Планина. Во документот се предложени и следни локации на кои би се примениле тематските групи. На пример руралниот туризам по Маврово-Река би се применил во Вевчани и Берово.

Не знам дали документот толку ми остави впечаток бидејќи е добар, или дека ги потврдува моите претходни размислувања, но мислев дека е сепак добро, уште еднаш да го актуализирам.

Сега да се вратам на моите три предлози за туристички пораст. И како што најавив всушност моите три предлози не се однесуваат директно на туризмот, туку повеќе на околината во која се одвива туризмот. Моите три предлози се флексибилност, флексибилност и флексибилност, во работните односи, во размена на пари и во задоволствата или ако, сакате дел од пороците.

Првата флексибилност е во работните односи. Туризмот и угостителството е дејност со огромни варијации во обемот на работа, варијации кои не се само сезонски, туку и однос на работни денови – викенд или пак ден и вечер. Во дејност со толку големи варијации во обемот неминовно има и варијации во потребата на сезонски работници или пак работници за седмичен или дури дневен врв на работата. Просто речено има потреба од работници вечерва, утре не, или овој месец, а другиот не итн. Во повеќето земји овие дополнителни работници вообичаено се студенти, кои работат од време на време за да го дополнат својот буџет. Кај нас порано постоеја студентски задруги, што обезбедува повремена и привремена потреба на работници. Тие задруги се укинаа, и се заменија со Агенции за привремено вработување. Тие пак сепак не нудат доволно флексибилност, бидејќи повеќе одговараат за вработување на повеќемесечен период. Значи постои потреба за законска можност за ангажирање на студенти на неколку часа или дена, за покривање на варијациите во обемот  на работа.

Втората флексибилност е во плаќањето. Обезбедивме многу летови со кои странците може да пристигнат во Македонија, на аеродром со кој може да се гордееме. Но кога ќе пристигнат мора да бараат менувачница, бидејќи не обезбедивме да можат да плаќаат во странска валута. Поточно тоа е возможно во Охрид, како туристичка зона, а во сите други места плаќањето во евра е забрането, дури дуќаните, рестораните и други кои ќе примат евра можат да се соочат со драконски казни! Зошто? Не сакаме Берово, Дојран и Битола да бидат туристички места, па таму е забрането плаќање во евра? Наспроти нашето искуство каде странските туристи се упатуваат да сменат пари, па да се вратат да платат, да посочам искуство од Турција – земја со туристичкиот бум. Во Кемер – мало место на Егејско море, банкоматите работеа со турски лири, евра и долари, и секаде од такси до хотел можеше да се плати во трите валути. Зошто не може така да биде во Македонија? Или, пак, лобито на менувачниците е прејако, па поради тоа имаме рестрикции во употреба на девизи. Или пак ако има некоја друга причина, може властите да ја појаснат.

И третата флексибилност е задоволствата. Владата утврди социјално конзервативен пристап во однос на работното време на угостителските објекти и во однос на продажбата на алкохол и други прашања. Забраната на пушење не ја ставам во оваа група, бидејќи е општо прифатена во Европа. Но ограничувањата за продажба на алкохол се претерани, и повторно спаѓаат во мерките на колективно казнување – ако не можеш да санкционираш прекршители воведуваш колективни забрани. Во Германија може да се купи алкохол на бензинска, но истовремено има и нулта толеранција за возење автомобил под дејство на алкохол. Кај нас обратно, по 21 часот никаде не може да се купи алкохол, а пијани возачи колку сакаш. Туку друго ми беше поентата. Луѓето кога се одмараат сакат да си допуштат мали задоволства. А ние имаме поставено многу забрани, пречки и сл. за контрола на тие задоволства. Тоа не е благопријатен амбиент за туристички пораст, и Владата ќе мора да се одлучи која политика ѝ е поважна.

Ајнштајн рекол „лудило: го прават истото одново и одново и очекуваат различни резултати“. За да добиеме поинакви резултати треба да промениме како ги правиме работите.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.