Специјални или нормални?

Донесувањето на Законот за специјален јавен обвинител, како и изборот на Катица Јанева за специјален обвинител, дополнително ја разбранува македонската јавност, и овозможи дополнителна можност за критика и на пошироката рамка, на пржинскиот рамковен договор. За специјалниот јавен обвинител во следниот коментар, сега за критиките на самиот договор.

spetsijalni-ili-normalniВо коментарот од оваа седмица почитуваната Ванковска критикувајќи го и законот и изборот на Катица Јанева, ќе го критикува и договорот затоа што „договорот од Пржино (којшто веќе го нарекоа мировен договор и го изедначија со Охридскиот) содржи низа на специјални решенија во верба дека со правење на исклучоци кои не се вообичаени за нормални држави, некако ќе станеме обична, стандардна демократска држава“.

Тези кои треба да се дискутираат, и не поради тоа што се препознавам во цитираното – дека го имам изедначено пржинскиот со Охридскиот рамковен договор.

Прво, за специјалните решенија. Стереотипно е да се говори за нормални држави, бидејќи секоја држава е изградена на сопствениот договор на граѓаните и има сопствени специјалности. Еве еден од моите омилени примери: Велика Британија. Велика Британија има склучено мировен договор – Договорот од Великпеток за Северна Ирска. И самиот договор и неговото спроведување имаат многубројни специјалности: од употребата на името на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска со и без Северна Ирска, во различни копии на договорот, бидејќи Република Ирска не признава дека постои Северна Ирска, преку амнестија на борците на паравоените организации, до изборот на странец – Канаѓанец за Полициски омбудсман. Дали Велика Британија е нормална држава? Но тоа е специјално решение за постигнување на мир во Северна Ирска. Во ред, но специјални решенија има со одлуката за деволуција на Велика Британија, односно преносот на моќи од Парламентот на Велика Британија на новите Парламенти на Северна Ирска, Шкотска и Велс. Што е специјалноста, деволуции имало, има и ќе има? На пример, тоа што Англија нема парламент, туку за англиските прашања се одлучува во Парламентот на Велика Британија. Така Англичаните не одлучуваат за прашањата на Шкотска, но Шкотланѓаните одлучуваат за прашањата во Англија. Или пак Парламентите во Шкотска, Северна Ирска и Велс немаат исти овластувања, така што има асиметрична деволуција. За која сега пак Англичаните прашуваат дали е праведна и бараат само Англичаните да одлучуваат за Англија, што може да води кон создавање на Парламент на Англија или, пак, изземање на пратениците од Шкотска од гласањето за прашање на Англија. Можете да ги следите овие специјални решенија? И да, изумив, Договорот од Великпеток за Северна Ирска е постигнат со посредување или помош на странци. Бил Клинтон го смета Договорот од Великпеток како негов најголем успех во надворешната политика! Специјалните решенија на Договорот од Великпеток заслужуваат еден посебен коментар. Со толку специјални решенија, дали Велика Британија е нормална држава? Повеќето би се согласиле дека Велика Британија е обична, стандардна демократска држава.

Постојат проблеми, постојат предизвици, и секое општество, секоја држава,  го бара својот начин, без разлика дали се нормални или специјални, на конструктивно решение. Уште еднаш да потсетам дека кога со Охридскиот рамковен договор, за заштита на малцинството од надгласување, од мајоризација, беше воведено двојното мнозинство (познато и како Бадинтерово) за одредени прашања. Тогаш се најавуваа апокалиптични сценарија, дека ќе се блокира Парламентот, дека Македонија ќе се распадне? Дали некој сè уште се сеќава на двојното мнозинство? Од друга страна, моето аргументирање дека нема специјални и нормални решенија, туку решенија што решаваат проблеми, не значи дека сите решенија од пржинскиот или Охридскиот договор се добри. Засега толку за специјалноста и за нормалноста.

Второ, за споредбата на пржинскиот со Охридскиот рамковен договор. Во август во коментарот „Страв од договори“ напишав дека политичките договори се непопуларни поради тоа што од една страна се промена, ќе го нарушат статус квото, а од друга страна се компромис и не ги исполнуваат максималните очекувања на страните. За самата споредба пишував во мојот јулски коментар „Пржинскиот рамковен договор“. Од каде споредбата? И двата договори се резултат на културата на „јас победник – ти губитник“ или „победникот добива сè“. Секако дека традиционалниот парламентарен систем значи дека има власт и опозиција, но тоа не значи дека моќта е само за и исклучиво за партиите во власта. И двата договори се резултат на тоа дека малцинството, етничко или партиско, перцепира спирала на маргинализација од страна мнозинството и не гледаат друг излез освен на добијат трајни механизми кои ги заштитуваат нивните права.

И на крај трето, дали Пржинскиот договор е мировен договор? Не сум го тврдел тоа, но веројатно со мојата алузија на Охридскиот рамковен договор, имплицитно произлегува дека е Пржинскиот договор е мировен. Ние немавме насилство, но дали е мир отсуство на насилство? Имаме две страни, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои подолг период се во спирала на ескалација на конфликт. СДСМ отворено најавуваше „украинско сценарио“. Низа институции се воздржуваа, вклучувајќи судот со неприведување на Зоран Заев, од страв дека тоа може да поттикне насилство. На сите нас ни олесна кога протестите на 17 и 18 мај поминаа мирно. Доколку пржинскиот договор ни овозможи повторно градење на согласност и договор како ќе функционираме како држава, доколку овозможи на 24 април, партијата што ќе ги изгуби изборите, без сарказам, да ја честита победата на другата страна, зарем тој договор не е договор за помирување?

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.