Регулаторна корупција [2]

Во претходниот коментар го почнав освртот на аферата „Телеком“,  случај на голема корупција кој се чини ќе влезе во судска разрешница во САД. Според обвинението, наводно се договарале спречување на конкуренцијата и други регулаторни поволности, се менувала регулатива за да задоволат специјални интереси на приватна фирма, на штета на пазарот и потрошувачите, а за возврат се барале услуги за партиски и лични интереси. Аферата „Телеком“ првпат открива детали за регулаторна корупција во Македонија. Досега кај нас експонираните случаи на голема корупција биле поврзани со злоупотреба на положбата во јавни набавки (тендери). Сега се открива како функционира „регулаторната корупција“, обезбедување на специјален интерес во регулативата, во законите и прописите, во замена на исполнување на партиски и/или лични интереси на одговорните функционери. Македонија е многу ранлива на ваква регулаторна корупција, поради три причини: слабиот капацитет за политики, нетранспарентни постапки и маргинализираното Собрание.

Повеќето министерства во земјава имаат слаб капацитет за политики, односно за правење на закони и прописи, за регулативи. Поради слабиот капацитет на самите министерства може незапазено да помине специјален интерес во регулативата. На ова се надоврзува начинот на донесување на регулативата, на законите и прописите, многу често регулативата се подготвува без вклученост на сите засегнати страни и на јавноста.

regulatorna-koruptsija-2Нетранспарентноста во донесувањето на регулативата, на законите и прописите, покрај невклученоста на сите засегнати страни и на јавноста, дополнително се заматува со честите промени, најчесто во скратена процедура, без објавување на прочистени текстови на регулативата. На пример, Законот за работни односи од 2005 година, кој се спомнува во врска со аферата „Телеком“, има четири измени и дополнувања, една исправка на измени и девет одлуки на Уставниот суд, а првиот прочистен текст е објавен по пет години, во 2010 година. Следните години има по неколку измени, но има подобрување бидејќи секоја година се објавува пречистен текст. Или Законот за градење од 2009 година, по последниот пречистен текст од 2013 година, до денес има цели дванаесет измени, без објава на пречистен текст. Примери има толку многу, што во истражување на бизнис асоцијации, една од најважните и најчести поплаки е регулаторната несигурност.

Read more

Регулаторна корупција

Вест на неделата е аферата „Телеком“, објавата на обвинението против „Маѓар телеком“, од страна на Комисијата за хартии од вредност од САД. Комисијата за хартии од вредност тврди дека тројца високи извршни директори на „Маѓар Телеком“ оркестрирале, одобриле, и извршиле план  за поткуп на македонски функционери во 2005 и 2006 година за да се спречи воведувањето на нов конкурент и да се добијат други регулаторни поволности, во прописите за телекомуникации и во тие за работни односи.

t-homeКако тоа нешто што во Македонија се говори уште од 2008 и 2009 година, кога постоеше слично обвинение во македонското јавно обвинителство е вест во 2015 година? Од повеќе причини.

Конечно за еден случај на голема корупција се чини ќе влезе во судска разрешница, во САД. Сите обвинети се невини дури не се докаже спротивното, но ѝ да се стави настрана наводниот поткуп за македонски политичари, постојат доволно докази дека македонски политичари преговарале за спречување на конкуренцијата и други регулаторни поволности во замена за вработувања, исплата на дивиденди и отворање на оператор во Косово. Менувале регулатива за да задоволат специјални интереси на приватна фирма, на штета на пазарот и потрошувачите, а за возврат барале услуги, нека не бидат за лични, туку за партиски интереси.

Аферата „Телеком“ првпат открива детали за регулаторна корупција во Македонија. Во литературата постои мала и голема корупција, кај што големата е поврзана со политичари на високи функции. Досега кај нас експонираните случаи на голема корупција биле поврзани со злоупотреба на положбата во јавни набавки (тендери). Сега се открива како функционира „регулаторната корупција“, обезбедување на специјален интерес во регулативата, во законите и прописите, во замена на исполнување на лични или партиски интереси на одговорните функционери. За значајноста на ова тема говори и тоа што под покровителство на ЕУ, Регионалната антикорупциска иницијатива се фокусира на коруптивниот ризик во законодавниот процес, и препорачува десет начини на антикорупциска проверка на регулативата.

Read more

Од федералистички до граѓански

Предизборново формирање на нови политички партии и граѓански движења со желба да прераснат во политички партии за час потсетува на македонското политичко минато обележано со голем број на политички партии. По ослободувањето од пресијата на комунистичкиот еднопартиски систем, се формираа повеќе партии како Лигата за демократија, Сојузот за реформски сили, сега Либерална партија која го слави 25-годишниот јубилеј, МААК, ПДП итн. Но понатаму, делумно формирани од големите лидерски суети, делумно од тајната полиција достигнавме до над 150 партии. Тоа се големи партиски амбиции за малобројна земја како Македонија. По врвот од 2009 година бројот на партии опаѓа и денес изнесува околу 35 партии.

Во Македонија постепено се етаблира двоен бипартизам, на една страна ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а на друга ДУИ и ДПА. Тие четири партии сега ја формираат „големата четворка“. Тоа е делумно поради демографијата на земјава и ограниченоста на ресурсите,  делумно поради изборниот модел. Многуте обиди и по првичниот успех, како на пример на ДА и НСДП или на ВМРО-НП, постепено се претопувале во бипартизмот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и на ДУИ и ДПА (претходно ПДП). Почетен успех имале и партиите кои се основале со отцепување на фракција (НСДП, ВМРО-НП), поретко сосема новите (ДА). ЛДП која беше трета партија и во еден момент имаше околу 100.000 гласачи, помина низ фрагментација со заминувањето на Стојан Андов (Либералната партија), Лилјана Поповска (ДОМ) и Стевче Јакимовски, Аце Коцевски и Владо Поповски.

Новиот бран на политики партии се поттикнати од значајниот број на неопределени граѓани. Кај политичките партии кои се надеваат на гласовите на граѓаните етнички Албанци се формира Движењето за реформи на ДПА или во жаргон ДПА-Села, која се формира со отцепување на Зијадин Села од ДПА. Тоа не е првпат да се случува во историјата на ДПА, каде што незадоволните се одалечувале, на пример Замир Дика, Руфи Османи, Имер Селмани и други,  а некои и формирале нови партии како Нова Демократија (Имер Селмани) или НДП (Руфи Османи), кои често целеле на гласачкото тело на ДПА во нивниот регион. Овие партии постигнале почетен успех, обично локално или регионално, таму откаде потекнува лидерот, Скопје, Гостивар, со привлекување најчесто на гласачкото тело што го имала ДПА, но не успеале да стекнат поддршка на национално ниво, по што се губеле од политиката. Голема е веројатноста тоа да се случи со ДПА- Села: да постигне успех во Струга, со постоечкото гласачко тело на ДПА, но са мали шанси да се одржи на подолги патеки. Освен ако со значајноста на својот успех не поттикне како што нејзиното име говори – реформа во ДПА.

Read more

СЈО – специјален или странски?

Во коментарот од минатата седмица „Специјални или нормални“, пишував за критиките на договорот од Пржино, како специјални решенија кои се исклучоци и не се вообичаени решенија за нормални држави. Аргументирав дека нема специјални или нормални решенија, туку решенија што решаваат проблеми, но тоа исто така не мора да значи дека сите решенија од Пржинскиот или Охридскиот рамковен договор се добри.

Пред да продолжам понатаму да се извинам за моето спомнување на почитуваната Ванковска, во минатиот коментар. Прво, многу ја почитувам Билјана Ванковска. Второ, бидејќи многу ја почитувам сакав да дебатирам, не да водам полемика, бидејќи дебатата има за цел разбирање, а полемиката наметнување на сопствениот став. За жал јас пишувам политички коментари во Нова Македонија, мојот блог и на твитер, а Фејсбук, каде Ванковска е активна го употребувам само за лични цели, а не за политички дебати.

Во критиките на Ванковска во „Игорче и Кејти“, покрај одредени работи за кои не се согласувам, има работите за кои се согласувам. Не се согласувам дека Законот за специјален обвинител, не е вообичаен во нормални држави. Во САД е вообичаено именување на специјални обвинители за истраги на злоупотреби од власта, поаѓајќи од тоа дека Јавниот обвинител е дел од владата во поширока смисла. На пример последна расправа во САД за потребата од специјален обвинител е во врска со Хилари Клинтон и нејзината употреба на приватна електронска пошта за службени цели. За оцена на уставноста на законот, дали се коси со одредбата дека „Јавното обвинитеоство е единствен и самостоен државен орган“, останува да се изјасни Уставниот суд. Но фактот дека специјалниот јавен обвинител (СЈО), како и помошниците, е од редот на јавните обвинители и дека го избира советот на јавни обвинители, говори во прилог на запазување на интегритетот.

katica-janevaОд друга страна, се согласувам со критиката на изборот на Катица  Јанева, за специјален јавен обвинител. Не е во прашање само штуроста на нејзината биографија. Основно јавното обвинителство на Гевгелија, каде Катица Јанева е јавен обвинител, нема надлежности и искуство со организиран криминал и корупција. Соодветно со тоа Катица Јанева нема искуство и потврдени резултати во подрачјето на организиран криминал и корупција. И тука е всушност клучната разлика на формулацијата на критериумите за избор на јавниот обвинител и специјалниот јавен обвинител. И за едната и за другата функција може да се изберат правници со правосуден испит со осумгодишно работно искуство или професори на Правен факултет со десетгодишно работно искуство. Разликата во формулацијата е дека за избор на јавен обвинител се потребни „потврдени резултати“, а таквата формулација отсуствува во критериумите за избор на специјалниот јавен обвинител. Како пишувачот на законот, да ја испуштил ова формулација, бидејќи веќе имал во предвид правник без потврдени резултати.

Read more