Регулаторна корупција [2]

Во претходниот коментар го почнав освртот на аферата „Телеком“,  случај на голема корупција кој се чини ќе влезе во судска разрешница во САД. Според обвинението, наводно се договарале спречување на конкуренцијата и други регулаторни поволности, се менувала регулатива за да задоволат специјални интереси на приватна фирма, на штета на пазарот и потрошувачите, а за возврат се барале услуги за партиски и лични интереси. Аферата „Телеком“ првпат открива детали за регулаторна корупција во Македонија. Досега кај нас експонираните случаи на голема корупција биле поврзани со злоупотреба на положбата во јавни набавки (тендери). Сега се открива како функционира „регулаторната корупција“, обезбедување на специјален интерес во регулативата, во законите и прописите, во замена на исполнување на партиски и/или лични интереси на одговорните функционери. Македонија е многу ранлива на ваква регулаторна корупција, поради три причини: слабиот капацитет за политики, нетранспарентни постапки и маргинализираното Собрание.

Повеќето министерства во земјава имаат слаб капацитет за политики, односно за правење на закони и прописи, за регулативи. Поради слабиот капацитет на самите министерства може незапазено да помине специјален интерес во регулативата. На ова се надоврзува начинот на донесување на регулативата, на законите и прописите, многу често регулативата се подготвува без вклученост на сите засегнати страни и на јавноста.

regulatorna-koruptsija-2Нетранспарентноста во донесувањето на регулативата, на законите и прописите, покрај невклученоста на сите засегнати страни и на јавноста, дополнително се заматува со честите промени, најчесто во скратена процедура, без објавување на прочистени текстови на регулативата. На пример, Законот за работни односи од 2005 година, кој се спомнува во врска со аферата „Телеком“, има четири измени и дополнувања, една исправка на измени и девет одлуки на Уставниот суд, а првиот прочистен текст е објавен по пет години, во 2010 година. Следните години има по неколку измени, но има подобрување бидејќи секоја година се објавува пречистен текст. Или Законот за градење од 2009 година, по последниот пречистен текст од 2013 година, до денес има цели дванаесет измени, без објава на пречистен текст. Примери има толку многу, што во истражување на бизнис асоцијации, една од најважните и најчести поплаки е регулаторната несигурност.

И на редицата слабости во целиот процес на донесување на регулативата, закони и прописи, се надоврзува маргинализираното Собрание. Маргинализирано не само во смисла на сведување на апарат за гласање на предлозите од Владата, туку и на отсуство на капацитет и кај опозицијата, која и да е таа. На пример, на една седница, на која сум учествувал, на собраниската Комисијата за политички систем, на дневен ред имаше закони кои уредуваа три сосема различни подрачја: вино; здруженија на граѓани и фондации; и затвори. Како еден пратеник може да се подготви за толку различни подрачја ако нема стручна помош. Една форма на стручна помош е отворање на комисиите за надворешни засегнати страни и стручната јавност. Друга форма може да биде рапоредување на најмалку еден до два стручни соработници на секој пратеник. Овие стручни соработници би обезбедиле поддршка на пратениците во анализа на предложените закони.

За да се справиме со регулаторната корупција ќе мора да се преземат мерки во однос на трите подрачја со слабости: слабиот капацитет за политики, нетранспарентни постапки и маргинализираното Собрание.

Дополнително многу може да се научи од самата постапка за обвинението во аферата „Телеком“. Постапката ја води Комисијата за хартии од вредност. Таа постапка е започната по индиции во независниот ревизорски извештај на телекомот, во кој се забележани нетранспарентни договори за консултантски услуги. Понатаму за истрагата комисијата ангажира приватна адвокатска фирма, односно истрагата се аутсорсира. И од тоа што е достапно на јавноста, станува збор за темелна истрага и солидно изграден случај, поткрепен со сведоштва и пресретната комуникација.

И ние имаме ревизорски извештаи, и за фирмите од независни ревизорски куќи, и за државните институции и установи од државната ревизија. Во изминатите години, сум имал можност да прочитам извештаи и на фирми на и на јавни установи, во кои ревизорите изразиле резерви или укажале на одредени состојби. Не се сеќавам, да било која надлежна установа, покренала постапка за некој случај.

Неодамна имаше еден случај кој многу потсетува на аферата Телеком. Тоа е одложувањето на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. По аналогија на одложувањето на понатамошната либерализација на телекомуникацискиот пазар во аферата „Телеком“, неминовно е прашањето дали во одложувањето на либерализацијата на енергетскиот пазар постои специјален интерес на ЕВН? Секако секој сомнеж не води во обвинение, но дали Македонија има институции кои ќе го испитаат тој сомнеж?

И сосема на крај, само нафрлено за германските фирми, од земјата која е високо рангирана во отсуство на корупција. Многу лицемерно однесување, едно за по дома, друго за во туѓи домови. Човек да се праша кое е вистинското лице, која е вистинската вредност. Но во овој коментар е исцрпен просторот, останува во некоја следна прилика да коментирам повеќе.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.