Регулаторна корупција

Вест на неделата е аферата „Телеком“, објавата на обвинението против „Маѓар телеком“, од страна на Комисијата за хартии од вредност од САД. Комисијата за хартии од вредност тврди дека тројца високи извршни директори на „Маѓар Телеком“ оркестрирале, одобриле, и извршиле план  за поткуп на македонски функционери во 2005 и 2006 година за да се спречи воведувањето на нов конкурент и да се добијат други регулаторни поволности, во прописите за телекомуникации и во тие за работни односи.

t-homeКако тоа нешто што во Македонија се говори уште од 2008 и 2009 година, кога постоеше слично обвинение во македонското јавно обвинителство е вест во 2015 година? Од повеќе причини.

Конечно за еден случај на голема корупција се чини ќе влезе во судска разрешница, во САД. Сите обвинети се невини дури не се докаже спротивното, но ѝ да се стави настрана наводниот поткуп за македонски политичари, постојат доволно докази дека македонски политичари преговарале за спречување на конкуренцијата и други регулаторни поволности во замена за вработувања, исплата на дивиденди и отворање на оператор во Косово. Менувале регулатива за да задоволат специјални интереси на приватна фирма, на штета на пазарот и потрошувачите, а за возврат барале услуги, нека не бидат за лични, туку за партиски интереси.

Аферата „Телеком“ првпат открива детали за регулаторна корупција во Македонија. Во литературата постои мала и голема корупција, кај што големата е поврзана со политичари на високи функции. Досега кај нас експонираните случаи на голема корупција биле поврзани со злоупотреба на положбата во јавни набавки (тендери). Сега се открива како функционира „регулаторната корупција“, обезбедување на специјален интерес во регулативата, во законите и прописите, во замена на исполнување на лични или партиски интереси на одговорните функционери. За значајноста на ова тема говори и тоа што под покровителство на ЕУ, Регионалната антикорупциска иницијатива се фокусира на коруптивниот ризик во законодавниот процес, и препорачува десет начини на антикорупциска проверка на регулативата.

По деталниот опис на аферата „Телеком“, станува појасна една анегдота која може да се слушне кај нас. Во разговор на еден поранешен министер му велат како мора да е многу одговорно и напорно и е посебен предизвик да води министерство кое одговорно за многу подрачја и има многу сектори. На тоа поранешниот министер одговара, дека е супер, дека е одговорен за над стотина закони. Од перспективата на аферата „Телеком“ станува јасно дека поранешниот министер не ја гледал обемноста на закони како одговорност, туку како коруптивна можност.

А Македонија е многу ранлива на ваква регулаторна корупција, поради три причини: слабиот капацитет за политики, нетранспарентни постапки и маргинилизираното Собрание.

Повеќето министерства во земјава имаат слаб капацитет за политики, односно за правење на закони и прописи, за регулативи. И тоа поради едноставен факт дека министерствата или немаат оддели за стратегија и политики или таквите оддели се неекипирани и без буџет. Најчесто слабиот капацитет се решава со „ресавски“ метод или пак надворешни стручњаци. Ресавскиот метод е со препишување на регулативата, најчесто од Хрватска, бидејќи тие ја усогласуваат со ЕУ регулативите, а хрватскиот (српскиот) јазик е често единствениот странски јазик кои одговорните го разбираат. Надворешните стручњаци се обезбедуваат и од универзитетите и од странство, најчесто како техничка (стручна) подршка од ЕУ или САД. Проблемот со слабиот капацитет на самите министерства е да поради непознавање на проблематиката, во регулативата може незапазено да помине специјален интерес.

На ова се надоврзува начинот на донесување на регултивата, на законите и прописите. Многу често регулативата се подготвува без вклученост на сите засегнати страни и на јавноста. Иако Министерството за информатичко општество и администрација, воспостави Единствен национален елесктронски регистер на прописи (ЕНЕР), тоа не е доволно и не може да го замени социјалниот и граѓанскиот дијалог. Еден карактеристичен пример за отсуство на консултации е тоа дека едно министерство му достави за мислење на Економско-социјалниот совет пропис што веќе е донесен и објавен во Службен весник на РМ. За какви консултации може да стане збор.

[продолжува]

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.