Безмилосност е тоа што го посакува Исламската држава, тоа што ќе ги одреди подалекoсежните последици од терористичките напади, и што го открива главниот мотив на терористите од Исламска држава на Ирак и Сирија (Левант) – ИСИС/ИСИЛ или само Исламска држава. ИСИС можел да заклучи дека веројатноста за моќна светска коалиција и воена интервенција на територијата на Исламската држава не е непосредна опасност. Констатацијата во коментарот од претходната седмица, по само неколку дена, со соборувањето на рускиот авион од страна на Турција, е уште повалидна. Но за соборувањето на рускиот авион, подолу.
Доколку воена интервенција не е непосредна опасност, тогаш ИСИС можат со терористичките напади да се обидат да ги постигнат своите политички цели. А нивната политичка цел е наметнување на својата идеологија, на своите вредности, како околина на судирот меѓу Западот и ИСИС. И тука не мислам да идеологија на исламот, туку на ИСИС, бидејќи мора да се постави граница меѓу исламот и исламизмот како радикална идеологија. Со терористичките напади сака да предизвика одмаздничка реакција, ИСИС сака да ја наметне безмилосноста, наспроти солидарноста на Западот. Зошто така ќе го наведе Западот да води идеолошка конфронтација со вредносен систем во кој ИСИС многу подобро се снаоѓа. Сè додека Западот опстои на сопствените вредности пред сè солидарноста, ИСИС ќе води изгубена борба. И обратно, Запад не може да добие борба со безмилосност, поле во кое ИСИС покажа дека нема граници. Како што некој рекол Запад не е само географски поим, туку симбол за одреден морал, етика и вредности кои се инспирирачки за целиот свет. Без тие вредности Западот е само една страна во војната.
ИСИС свесни дека солидарноста лесно се постигнува кога е сè добро, а многу потешко во состојба на страв, несигурност, паника, ги презема терористичките напади. Колку повеќе страв толку потешко ќе се опстои на солидарноста. Колку повеќе страв толку повеќе желба за одмазда.
Успех на ИСИС е ако тоа ја наведе Европа на војна како единствено решение, бидејќи решението не може да биде само воено. Колку повеќе Европа се вовлече во војна и заборави на политичко решение толку подобро за ИСИС. Посебно ако војната стане валкана. Европа досега се спротивставуваше на „војната против теророт“, така како САД ја водеа изминатиот период, без запазувања на меѓународните стандарди на војување. Минатите години видовме сè од незаконски киднапирања, затворање и убивање на луѓе без судска пресуда, класична тортура врз затвореници до целење на цивилни цели, како последното бомбардирање на болница во Авганистан. ИСИС сака да ја вовлече Европа во таква војна, во валкана војна. Затоа што, на пример, војната со дронови со мноштво цивилни жртви се најдобрата кампања за мобилизација на нови регрути за ИСИС! Таква војна само понатаму ќе ги отуѓува муслиманите, и во исламскиот свет и во неисламскиот свет, од Западот.
И како Исламската држава е далеку, како во народната поговорка, удри не по магарето – ИСИС, туку по самарот – исламот и муслиманите околу нас. ИСИС посакува јакнење на екстремно десните политички опции во Европа. На ИСИС му е неопходен „партнер“ на европската страна, бидејќи екстремизмот на двете страни се потхранува меѓусебно. Колку повеќе има екстремни политички и општествени сили во Европа кои ќе ги стигматизираат сите муслимани, толку подобро за ИСИС! Колку посегрегирани-помалку интегрирани, поизолирани, постигматизирани, подискриминирани муслимани, толку подобро за ИСИС! Колку повеќе затворени граници за бегалците од Сирија или од било која земја, колку повеќе полициска бруталност или запалени прифатилишта за бегалци, толку подобро за ИСИС! ИСИС многу посакува Запад да ги затвори границите за бегалците! На сите муслимани кои се плашат да се конфронтираат со исламизмот, со затворените врати на Западот, ќе им се упати порака и дека нема каде да побегнат, дека единствено им преостанува да се покорат на исламизмот!
Но и да не одиме толку далеку, повикот на Франција за ограничување на Шенген зоната, покрај солидарноста, го погодува и вториот вредносен столб на Европа – слободата (на движење). Скратено доколку Европа одмазднички влезе во „војна со теророт“, без пошироко политичко решение, доколку не се спротивстави на сопствениот политички екстремизам и посегне по ограничување на слобода на движење или затворање на границите за бегалците, ќе влета во остварување на целите на ИСИС.
***
Соборувањето на рускиот авион во Сирија од страна на Турција, покажува колку е сложена и испреплетена мрежата на различни интереси или судир на интереси, која обезбедува „кислород“ за Исламската држава. Русија е втор трговски партнер на Турција, интересите во енергетиката, градежништвото, туризмот (Русите се втори најбројни туристи во Турција), други бизнис подрачја се толку големи, да Турција сигурно длабоко размислила кога донела одлука да сруши рускиот авион. Затоа не може да се говори за инцидент, туку за одраз на судир на интереси и политики. И тој интерес не е само за грижа за етничките Туркмени во Сирија. Рускиот ангажман во Сирија, за кој Ердоган не бил предупреден, го смени балансот на сили во Сирија, и ја (с)руши турската стратегија во Сирија: Сирија без Асад. Дополнително нападите врз про-турските туркменски сили (околу 10.000 борци) ја заслабува единствената воена сила која е баланс на курдските сили. А Турција најмалку би сакала на руините на Сирија да добие сосед независен Курдистан. И секако пропаѓа бизнисот со „крвава нафта“ кој наводно го водат членови на семејството на Ердоган.
И тоа би бил „сирискиот агол“ на анализа. Пред неколку дена со саботажа изведена од активисти на кримските Татари и Десниот Сектор е прекинато снадбувањето со електрична енергија на Крим од Украина. Наведените активисти ја блокираат поправката на далекуводите и како Крим целосно зависи од Украина, е во целосно темница. Случувањата во Украина можеби се показател за можни геостратешки поместувања за ограничување на Путин.