Со шокот и болката од ноемвриските терористички напади во Париз сè уште не стивнати, започнаа анализите и коментарите за сите можни аспекти. Некои аспекти како колективизацијата на вината врз целиот ислам, наспроти индивидуалната одговорност на терористите кои се безначаен број во однос на следбениците на исламот или, пак, евро-центричноста на солидарноста, наспроти тоа што во Сирија секој ден се убиваат толку луѓе колку што погинаа во Париз, веќе ги имав коментирано во јануари оваа година во „Сите се Шарли, а ние?“. Mногу домашни и странски коментатори пишуваа за тоа, а и многумина на социјалните медиуми го изразија својот став. Овој осврт е за подалекoсежните последици, а за тоа се важни мотивите на терористите од Исламска држава на Ирак и Сирија (Левант) – ИСИС/ИСИЛ или само Исламска држава.
ИСИС прво успеа да воспостави протодржава Исламска држава, со донекаде стабилни територија и граници, второ, да поттикне сестрински организации во повеќе држави како Нигерија, Либија и Египет (Синај), и трето да организира или инспирира терористички напади во соседството (Турција, Либан) или пак на моќни земји (Русија, Франција и др.). Сериозни медиуми објавија анализи дека нападот во Париз е почеток на крајот на ИСИС, заснована на размислувањето дека сите терористички организации биле уништени кога влегле во конфликт со моќна земја, а ИСИС со последните терористички напади влегува во директна конфронтација најмалку со Русија и Франција.
Дали тие што воспоставија прото-држава „Исламска држава“, се толку глупи или луди „да ги задираат лавовите дури спијат“?
Но пред понатамошна анализа, краток преглед кои се ИСИС.
ИСИС е откинат огранок на Ал-Каеда во Ирак, кој успехот го должи на здобивање поддршка од незадоволните Арапи-сунити, маргинализирани од шиитските власти во Ирак и Сирија, како и (не)скриената поддршка од регионални сили. Најголемиот успех на ИСИС е окупацијата на Мосул во северен Ирак, град со над еден милион жители, главно Арапи-сунити. Заземањето на Мосул не е можно без пристапување кон ИСИС на Арапите-сунити, односно прогонуваниот естаблишмент на БААС-партијата и на Садам Хусеин, вклучувајќи високи офицери на Садамовата армија. Окупацијата на Мосул на ИСИС му обезбеди многу најсовремено американско оружје, оставено од разбеганата ирачка армија и многу готовина од ирачката национална банка и секако многу нафта. (Не)скриени поддржувачи на ИСИС се регионалните сили како Саудиска Арабија, Катар и Турција секој од своја причини, првите како баланс на шиитската оска Иран, Ирак, Сирија и Либан (Хезбулах), а последната како баланс на можен независен Курдистан на границите на Турција. Доколку крајно се поедностави, успехот на ИСИС не е идеолошки (верски), туку заснован на исклученоста на Арапите-сунити, како и регионалното ривалство на сунитите (Саудиска Арабија) и шиитите (Иран).
Зошто ИСИС, во моментот кога ја консолидира протодржавата, би го навлекувал гневот на моќни држави? Зошто би предизвикал моќна коалиција против себе со жестоки авио бомбардирања или копнена воена интервенција наместо изнудените симболични бомбардирања од Запад?
Веројатно затоа што шансите за моќна светска коалиција и воена интервенција се релативно мали. Западот доживеа/доживува неуспех во Ирак и Авганистан и нема јасна стратегија што понатаму во овие две земји. Патем, заедно со Сирија, најголем дел од бегалците на „Балканската рута“ потекнуваат од Авганистан и од Ирак. САД се во изборен период, а и претседателот Обама и да не е при крај на својот мандатот, не е поддржувач на воени, особено копнени интервенции. И тој во изјава деновиве ја отфрли можноста САД да учествува во копнена интервенција. Во Либија се покажа дека НАТО без САД имаат многу мал капацитет за воена интервенција. Та дури сега, по Париз, САД ѝ го олеснија пристапот на Франција кон разузнавачки информации за да го овозможи бомбардирањето на Рака -„главниот град“ на Исламската држава. Од друга страна е привремената коалиција на Русија, со Иран, Ирак и Сирија. Таа коалиција го запре напредувањето на ИСИС во Сирија, на начин на кој коалицијата на САД го запре напредувањето на ИСИС во Ирак. Но запирањето на напредувањето и малиот поврат на територии во основа го постигнаа Курдите и шиитските милиции од Ирак и Либан (Хезбулах). Курдите, кои се обучени и вооружени од САД, ја прават нервозна Турција, која дури ги бомбардираше Курдите. Шиитските милиции, обучени и вооружени од Иран (и Русија) ја прават нервозна Саудиска Арабија. Во едена таков испреплетен судир на интереси, прв предизвик е да се договорат САД, Русија и ЕУ-членките. Дали САД и ЕУ ќе склучат пакт со толку демонизираниот Путин? Ќе го заборават Крим и Украина, ќе го проголтаат Асад? Ќе има нов ресет на односите? И кога тие ќе се договорат, регионалните сили како Саудиска Арабија и Турција ќе треба да се договорат со Иран. Не треба да се биди експерт за геостратегија да се заклучи дека дури да се постигне моќна светска коалиција против ИСИС, многу вода ќе протече низ Тигар и Еуфрат.
И ИСИС можел да заклучи дека веројатноста за моќна светска коалиција и воена интервенција на територијата на Исламската држава не е непосредна опасност. Тогаш можат со терористичките напади да се обидат да ги постигнат своите политички цели. Оланд, претседателот на Франција, најави одговор. При тоа зборот кој го употреби има двојно значење и на непоколебливост, но и на безмилосност, немилосрдност, беспоштедност. А токму тоа, безмилосност е тоа што го посакува Исламската држава.
[продолжува]