Спорот за името пред решение?

Изјавата на Метју Нимиц, медијаторот помеѓу Македонија и Грција во спорот за името, пред неколку дена за грчкиот конзервативен весник „Екатимерини“, го врати во внимание спорот за sporot-za-imeto-pred-reshenieимето. Изјавата на Метју Нимиц, вообичаено крајно воздржан во откривање на деталите на медијацијата, го привлече вниманието, затоа што се чини првпат открива детали на можниот договор и првпат дава конкретна временска рамка од 15 месеци. Од друга страна, точките изнесени од Нимиц не се непознати: решение со кое Република Македонија, би го зачувала достоинството, но би имала географска одредница за да се разликува од другите делови на Македонија. Нимиц нагласува дека треба да се разговара за опсегот на употреба, за преодниот период, за територијалните претензии (!?), за идентитетот и културното наследство, како и за временска рамка за евроатлантските интеграции.

Доколку Нимиц не соопшти детали, од каде е тогаш овој оптимизам? Веројатно оптимизмот е заснован на промените во трите страни во спорот за името: Македонија, Грција и меѓународната заедница.

Почетната промена се случи всушност кај меѓународната заедница (читај Вашингтон и Брисел). Како што пишав во април 2014 година во „Спасибо Путин!“, со конфликтот во Украина и измената на контекстот во Источна Европа, НАТО се реенергизираше и НАТО-проширувањето повторно стана приоритет, и со тоа се создаде поволен меѓународен контекст за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Во меѓувреме, ривалитетот меѓу Запад и Русија се зголеми и на Западниот Балкан, со кризи и тензии скоро во сите контакт земји: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Македонија.  На тоа се надоврзува сериозната бегалска криза, како и други предизвици.

Се поставува прашање дали сегашната политичка криза во Македонија ја поткопува Македонија и македонската позиција. Се чини дека Македонија поголема спремност за ангажман во спорот изразува поодамна.  Но сега земјата стигна до точка во која е јасно дека евроатлантските интеграции се тргнати надолу. Да парафразирам една изрека за бизнис, за нашите евроатлантски интеграции – тие се како велосипед или возиш напред или паѓаш. Меѓу нас и НАТО и ЕУ стои спорот за името. Секако дека и барањето на мнозинство, од страна на ВМРО-ДПМНЕ, на претходните избори, како и сегашната политичка криза на одреден начин најверојатно се поврзани со спорот за името.

Како што во март 2015 година коментирав  во „Бомбите, пучот и меѓународната заедница“, постои редослед  на настани кои одат во прилог на поврзаност на политичката криза и спорот за името. Во Грција се случуваат избори на 25 јануари на кои победува Сириза. На 9 февруари, Зоран Заев и СДСМ на прес конференција ја најавуваат „Вистината за Македонија“, односно скандалот за прислушувањето. На 10 февруари се случува телефонски разговор Груевски со Ципрас. Во својот говор на 15 март, премиерот Груевски рече: „Не ни треба преодна влада за да ни држи страв…“. Понатаму Грувски вели дека ставот  ВМРО-ДПМНЕ е објавен во нивната програма и ги повторува црвените линии за спорот за името, вклучувајќи одржување на референдум. По тој период, следуваа повеќе средби на министрите за надворешни работи, средби на двете министерства за градање на доверба, како и „кратки средби“ на премиерите Груевски и Ципрас во Њујорк, септември оваа година и на крај посетата на Викториа Нуланд, американска функционерка на Атина во октомври оваа година. Во таа низа изјавата на Нимиц не треба да е изненадување.

Проопозициски и антивладини аналитичари и коментатори најавуваат тоа што го нарекуваат „амнестија за името“, односно дека премеирот Груевски ќе прифати промена на уставното име, за амнестија за наводно сторениот криминал. Таквата позиција значи лоцирање на целата вина за застојот на спорот за името на македонската страна, те. Груевски, кога повеќе од јасно е дека сегашниот циклус на разговори е овозможен со промената на власта во Атина.

По промените на меѓународниот контекст, клучна е промената на власта во Атина. Од политиката замина Самарас, кој е еден од клучните генератори на спорот за името во Грција. Самарас во годините во кои ја водеше Грција, прифати спроведување на тешките економски реформи, во замена на замрзнување на надворешнополитичките теми: Кипар и Македонија. Со победата на Ципрас, посебно на вторите избори оваа година, создадоа претпоставки за промена. Ципрас и Сириза имаа полиберален став во однос на спорот за името, како и кон Кипарското прашање. Нивен главен приоритет е спас на земјата од долгот и економскиот застој. Дури и коалицијата со Независни Грци, која има крајно негаторски став за спорот со името, ист како фашистичката Златна Зора, не е хендикеп, туку може да го зголеми легитимитетот на Владата во Атина да реши значајни прашања како Кипар и Македонија. И со таа промена започна да се одмотува јазолот на спорот за името. Мерките за градење на доверба кои сега ги усогласуваат двете министерства за надворешни работи, македоноскта страна ги понуди пред неколку години, но во владата на Самарас едноставно не постоеше соговорник за подобрување на грчко-македонските односи.

По многугодишен застој, се чини дека контекстот во меѓународната заедница, Грција и Македонија, се најповолни за решавање на спорот за името. Секако до постигнување на решение ќе има многу проблеми, но треба да се направи сè оваа шанса да се употреби.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.