Година на опасно живеење, така ја опиша 2015 година британскиот весник „Гардијан“, од глобален агол, а од мој агол 2015 е година што треба да ја оставиме зад нас што побргу. Прегледот на темите за кои пишував во текот на ова година, укажува дека трендот од 2014 година како година на поларизација продолжи и понатаму.
Трите важни подрачја кои се важни за нас – политиката во ЕУ, Запад-ислам и Запад-Русија, и понатаму се движат во продлабочена криза и поларизација. Годината започна („Шарли Ебдо“) и заврши („Батаклан“) со терористички напади на исламисти во Париз. Безмилосноста на ИСИС што ја гледавме таму некаде далеку во Ирак и Сирија (Левантот), дојде во Европа. Дојдоа и околу еден милион бегалци, кои бегаат од истата таа безмилосност што веќе пристигна во Европа.
Невидениот бран на бегалци само ги продлабочи поделбите во Европската унија, кои започнаа претходно со должничката криза. На постојната поделба меѓу Северот и Југот на ЕУ, се додаде и поделбата меѓу Западот и Истокот. Расте популарноста на екстремните и радикални партии, на двете страни од спектарот. Екстремно десниот Националниот фронт, беше попречен во триумфална победа на регионалните избори во Франција најмногу со одлуката на левицата да ги повлече своите кандидати во вториот круг и на тој начин да ја поддржи умерената десница наспроти екстремната десница. Само што се надмина бездната на Грегзитот, се отвори новата бездна на Брегзит – референдумот на иднината на Велика Британија во ЕУ што ќе се одржи во 2016 година.
Западот и Русија, по воената интервенција на Русија во Сирија, можеби се приближија во ставовите во однос на Сирија, но останаа разликите во однос на Украина. Тие разлики се должат на различните перцепции и одговори на прашањето – дали проширување на евроатлантските сојузи е закана за Русија или не. Ривалитетот меѓу Западот и Русија се одрази на повеќето земји во Балканот. Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија, Албанија се во политички кризи, во некои од нив со јасни знаци на влијание на поларизацијата Запад-Русија.
Во рамките тие односи Запад-Русија, свесноста во Македонија дека евроатлантските интеграции се во ризик од назадување, како и промените во Грција со победата на Ципрас и СИРИЗА, и заминувањето на Самарас во политичка пензија, отвори надеж за постоење на момент за решение на спорот за името. Годинава беа направени првите чекори со разговорите меѓу Атина и Скопје за мерките за градење на доверба.
И доколку постои зрак на надеж за решение на спорот за името, внатре во земјата надежта за намалување на поларизацијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и отворање на политички дијалог е сè помала.
Годинава земјата ја потресе аферата со прислушуваните телефонски разговори или „бомбите“, засилен говор на омраза, црвени кругови… Во услови на целосен прекин на политичкиот дијалог, надвиснаа стравувања од насилство, се случи терористичкиот акт во Куманово. Сериозноста на состојбата ги натера политичките лидери на еден од ретките моменти на нивен заеднички напор за надминување на заедничките опасности! Но тоа траеше пократко од болката и тагата по пролевањето на крв во Куманово.
Започнувањето на меѓупартиските преговори во форматот на „големата четворка“ нè врати во реалноста, во грдата реалност дека политички дијалог во Македонија е можен само со силен притисок од Западот, од Брисел и Вашингтон. Култура на мачо политика, политика на недоговарање, дојде до полн израз. Изнудениот Договор во Пржино, цело време е под знак прашалник – ќе го биде ли договорот? Двете страни, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во оснава ги употребуваа политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го стави нагласокот на политичката разврска – избори на 24 април 2016 година, а СДСМ го стави нагласокот на правната разврска – Специјалното јавно обвинителство. Едните сметаат на предноста во јавната поддршка, другите на обвиненија. А не може да има само едно од нив, мора да се случи и политичка и правна разврска.
Подгреаните очекувања со враќањето на СДСМ во Собранието, брзо спласнаа со начинот на работа на Анкетната комисија. Се разбија сите илузии дека Собранието има капацитет да биде дом за политичкиот дијалог. И тука е затворениот круг или circulus vitiosus – дали меѓупартиските преговори водат до излез од политичката криза? Дали кризата може да биде надмината со порамнување на нееднаквиот терен за избори или се потребни подлабоки промени – слободни партии за слободно општество! Дали сме заробени од лични и тесногрупни интереси? Последната афера со фалсификувани лични карти (Чаушгејт), само го продлабочува впечатокот дека се оддалечуваме од излез од политичката криза. Во таа насока е и кампањата „ВМРО-ДПМНЕ, дај им на луѓето“, во која на дневна основа се менуваат закони, дел од нив оправдани, но дел од нив со целосно нејасни последици по јавите финансии.
Малку надеж во многу тешка година ни дадоа студентите и средношколците. Тие покажаа дека студентите можат да ја помрднат демократската трансформација на нашето општество. Oдмаздничкиот порив е да им се поткастрат крилјата на младите, а млади без крилја значи општество без иднина. Затоа уште еднаш – не потсекувајте им ги крилјата!
Со исклучок на студентите и средношколците, 2015 е година што треба да ја оставиме зад нас, година од која што побрзо треба да се дистанцираме!
Среќни празници!