Турција – „автопат“ за џихадисти и бегалци [2]

Соборувањето на рускиот авион во Сирија и обвинувањата за улогата на Турција изречени од рускиот претседател Путин поттикнаа лавина на анализи и коментари, кој, кого и зошто подржува во конфликтот кој ја создаде Исламската држава на територијата на Сирија и Ирак. Во претходниот коментар напишав дека и пред Русија, доказите веќе ги има обезбедено Западот, како Институтот за изучување на човековите права на  Универзитетот „Колумбија“ кој составил „ИСИС-Турција листа“ на обвинувања, кои се кредибилни. Турција ако не со чинење, тогаш со не-чинење обезбедува „автопат“ за џихадистите. Турција нема да ја пресече поддршката за ИСИС поради своите национални интереси (ризик од независен Курдистан) или идеолошки (сунитски фундаментализам) или поради лукративни/коруптивни интереси. Но ако се декомпонираат турските национални интереси, па дури и идеолошките и коруптивните интереси, можеби трагите ќе водат кон борбата за моќ во самата Турција.

turtsija-avtopat-za-dhihadisti-i-begaltsiЗамешувањето на Турција во сириската граѓанска војна е мешавина на историско наследство на распадот на Отоманската империја, и Ердогановиот сон за нејзини обновување. И повратно, Ердогановата поддршка на сунитските бунтовници во Сирија влијае на борбата за моќ во самата Турција.  Во Турција има верско малцинство на алевити, околу 10 отсто, блиски до нам познатите Бекташи и до алавитите на кои припаѓа сирискиот претседател Асад. Но не е само Асад од ривалската група. Алевит е и Кемал Киличдароглу, претседателот на Народната републиканска партија (ЦХП) и лидер на турската опозиција и потпретседател на Социјалистичкта Интернационала. На изборите во јуни оваа година Ердогановата АКП го изгуби мнозинството поради про-курдската Демократска партија на народите (ХДП), која е лево ориентирана, посветена на грасрут-демократија, еднаквоста и посебно на правата на жените. Со едно крајно поедноставување може да се рече дека има пресликување на Ердогановите непријатели во Сирија и неговата опозиција во Турција – и едните и другите се секуларни, социјалисти и малциства (алавити, Курди). На некој начин Ердоган сирискиот конфликт го употребува и во домашната борба за моќ посебно меѓу јунските и повторените ноемвриски парламентарни избори. Меѓу јунските и ноемвриските избори во Турција, се обновија судирите со курдската ПКК-војска, а насилството ескалира во октомври со бомбашкиот напад во Анкара кој остави над 100-тина мртви. Според многумина посматрачи Турција е доведена до праг на граѓанска војна, отворај ги старите рани меѓу Турците и Курдите и Сунитите и Алевитите. Со (злоупотреба на) безбедносните закани, Ердогановата АКП победи на повторените избори во ноември 2015 година.

И хронологијата на бегалската криза оваа година укажува на (зло) употреба во борбата за моќ во Турција. Војната во Сирија не почна оваа година, туку пред неколку години. Исто така Турција не е преплавена со над 2 милиони сириски бегалци од сега, туку подолг период. Иако сириската бегалска криза трае повеќе години, таа не се претвори во Европска бегалска криза сè до оваа, 2015 година. Дури и кога се говореше за Европска бегалска криза во 2014 година се мислеше на централномедитеранската маршрута од Либија за Италија. Според Еуростат, во првите три месеци, јануари – март, оваа година најмногу азиланти во ЕУ има од Косово (48,875 азиланти), а збирната бројка на азиланти од Сирија, Авганистан и Ирак не ја надминува косовската бројка. Како од стотина илјади азиланти во првите три месеци, станаа над 750.000 азиланти до крајот на октомври?  Со отворањето на источномедитеранската или Балканската маршрута. Не треба да се занемари дека отворањето на Балканската маршрута носи приходи на шверцерите на луѓе. Според повеќе истражувачи патот на еден сириски бегалец од Сирија до Германија чини околу 4.000 до 5.000 евра, од кои 1.000 до 1.500 евра чини морскиот транспорт од Турција на некој од грчките острови. Доколку оваа маршрута ја поминале 600.000 бегалци, кои платиле по 1.000 евра од лице, тоа е износ од 600 милиони евра криминални пари за шверцерите во Турција во оваа година. Олку масовен криминал не може да не биде виден од полицијата и властите во Турција. Напротив тие најверојатно не е само што толерираат, туку и го подржуваат шверцувањето на луѓе.

Ердоган ја направи Турција автопат за бегалци да постигне донекаде хуманитарни, но пред сè политички цели. Турција ја употреби бегалската криза, како преговарачки притисок со ЕУ. Хуманитарните барања на Турција се оправдани, а тоа е поголема финансиска помош за огромниот број на сириски бегалци во Турција (и Либан и Јордан). Политичките барања се насочени кон „обелување“ на образот на Ердоган, по низата на протести и ограничувања на слободите. Турција бара обновување на ЕУ-преговорите и ЕУ-визна либерализација Турците, како знак на поддршка на турското членство во ЕУ. ЕУ, пред се Германија и Меркел, се најдоа пред огромен политички притисок, поради бегалската криза. Но барањата на Турција би имале превисока домашна цена во Германија. Меркел се обиде да бара алтернатива за запирањето на бегалците на ЕУ-самитот со Балканот во октомври. И истовремено делумно да го поддржи Ердоган со посетата на Турција пред изборите во ноември. По победата на Ердогановата АКП, на крај ЕУ мораше да седне на ЕУ-Турција самитот на 29 ноември оваа година.
Турција, како „автопат“ за џихадисти и бегалци, каде Ердоган е „сообраќаецот“ кој го регулира протокот, станува негова алатка за владеење. Најверојатно тоа е засилено со Ердогановото напуштање на турско-руско пријателство и враќањето кон Вашингтон.

***

Во „Меркел мачител, Меркел спасител“ ги отфрлив теориите кои ја објаснуваа бегалската криза со големите демографски проблеми на Германија, или како ПР акција на Меркел итн. Недоумица предизвикува неодамнешната изјава на Дојче Банк дека „бегалската криза е најдоброто што се случило во 2015 година“, баш поради демографски причини.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.