Игра која е „кукавица“ – второ продолжение

Кога пред само една седмица пишував дека пред нас е 2016 година и таа може да биде година на ескалација или на разврска, не очекував дека во неколку дена дека ќе дојде до ваква ескалација на нашата политичка криза. По неуспехот на „големата четворка“ да постигне договор дека 24 април е дефинитивен датум за избори, поради забелешките на СДСМ за избирачките списоци и за медиумите, власта се одлучи да ги распише изборите за 24 април 2016 година, кои ќе треба да ги спроведе новата влада со мандат на организација на изборите.

Зголемување на поларизацијата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ негативно влијае и на правната и на политичката разврска. Како што пишував, мора да има и  политичка разврска и правна разврска, иако ВМРО-ДПМНЕ го стави акцентот на политичката разврска – избори на 24 април 2016 година, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска – специјалното igra-koja-e-kukavitsa-vtoro-prodolzhenieјавно обвинителство. Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија. Решенијата се движат во распонот меѓу најлошото решение и најдоброто решение. Најлошото можно решение за земјава е да со меѓусебно блокирање се одлага и политичката и правната разврска. Тоа одлагање ќе ја засили перцепцијата на бесперспективност и ќе ја исцрпи земјата и политички и економски. Во најдоброто сценарио за земјата, изборите би се одржале во предвидениот термин на 24 април, со прочистен избирачки список, правна разврска (обвинителска одлука) би имал најмалку еден случај поврзан со наводни изборни злоупотреби, а во првите 100 дена на новата Влада би се постигнал договор со Грција за мерките за градење на доверба. Очекувано беше дека на 15 јануари, ќе се знае во која насока меѓу најдоброто и најлошото сценарио ќе се движи Македонија. Доколку не се избере нова Влада на 15 јануари, нема да има избори на 24 април, а можен компромис е одлагање на изборите за не подоцна од почетокот на јуни, бидејќи понатамошни одлагања веројатно би довеле до распаѓање на договорот од Пржино.

И се случи неочекуваното: се избра нова Влада, Никола Груевски не е повеќе премиер, едно од клучните барања на СДСМ и на опозицијата, но нема согласност за датумот на изборите.  Исто така се избра Емил Димитриев за нов премиер, иако како можни кандидати се спомнуваа сосема други – Емил Димитриев не беше спомнуван воопшто. Оттука, веројатно треба да се извлече поука дека политичката анализа во Македонија заснована на очекуваните решенија не е соодветна, и дека во анализите мора да се вклучат сите неочекувани сценарија.

Се враќаат сеќавањата на крајот на 2012 година и почетокот на 2013 година, пред локалните избори, и  мартовскиот договор. Во многу елементи сегашната состојба потсетува на тогашната, но има и значајни разлики.

Сличноста потекнува од сличноста на моделот. И тогаш и сега и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ играат игра „кукавица“, односно во обид да обезбедат најдобар можен исход за себе, го ризикуваат најлошото и за себе и за сите нас. Играта „кукавица“ или „chicken“ е модел според кој двојца возачи возат во една лента во насока еден кон друг.  Во моделот во зависност од однесувањето на двете страни, да завртат или продолжат право, можни исходи се од блокада, преку победник-губитник (кукавица) до жесток судир. Втората сличност на 2013 година е чувството на симпатизерите на СДСМ на неправедност на меѓународната заедница, пред сè на ЕУ.

Кои се разликите? За разлика од тогаш, сегашниот договор од Пржино е во напредната фаза на спроведување. Формирани се две институции кои треба да ги водат разврските, ДИК за политичката разврска и СЈО за правната разврска. СДСМ го контролира и МВР, што заедно со ДИК, треба да им обезбеди доволно гаранции за политичката разврска – избори. И според СДСМ остануваат две подрачја – избирачкиот список и медиумите. Првиот, избирачкиот список, треба да е решлив, бидејќи зависи од колку ресурси ќе се стават на располагање. Вториот, медиумите, е потешко решлив, бидејќи проблемите се структурни и бараат среднорочни решенија.

Влогот е голем и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, и за сите нас. Што ќе добијат и изгубат двете партии, ќе заклучат самите. Сите ние, Македонија, ќе изгуби многу, доколку нема договор за учеството на СДСМ на изборите. Нема да се вратиме назад во летото 2015 година, ќе се вратиме во 1994 година. Тогаш поради бојкот на тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ и ДП добивме скоро еднопартиски парламент, каде Либералната партија, партнерот на СДСМ, го пополни местото на опозиција. Тој период 1994 -1998 година, беше катастрофален за Македонија, бидејќи меѓу другото доведе до нееднаква дистрибуција на националното богатство и до еднопартиско влијание на судовите и обвинителство. Клатното отиде толку многу на една страна, на страната на СДСМ, што ВМРО-ДПМНЕ на двапати оди во екстрем на другата страна, за да го воспостави замислениот баланс.

Еднопартиски парламент не може да донесе ништо добро за Македонија. Враќање во 1994 година е погубно. Веројатно ќе ја изгубиме препораката за членство за ЕУ, и евроатлантските интеграции ќе станат уште подалечна цел.

ВМРО-ДПМНЕ ја остави подотворена вратата за договор. Никола Груевски не е повеќе премиер, министрите на СДСМ се реизбрани во новата Влада. СДСМ, со одлука да не ги повлече министрите од Владата, може да обезбеди започнување на пречистување на избирачкиот список и продолжување на дијалогот за медиумите. СДСМ може да донесе одлука да ги бојкотира изборите, кога сака, и денес, но и за две  недели или еден месец. За одлука за бојкот на изборите никогаш не е доцна, сè до почеток на изборната кампања.

Доколку СДСМ повлече чекор на компромис и не ги повлече министрите, ВМРО-ДПМНЕ треба да размисли за свој чекор на компромис – одложување на изборите за 5 јуни 2016 година, како би се запазиле некои од роковите од изборниот календар.

Како сега сите очекуваме ескалација од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, дали ќе се случи неочекуваното – договор меѓу нив?

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.