Датумот кога меѓународната заедница требаше да се изјасни дали се создадени услови за одржување на парламентарните избори на 24 април 2016 година, доживеа неколку одложувања во обид на пронаоѓање на можни решенија за ситуацијата. Претставниците на САД и ЕУ објавија дека не се постигнати сите услови за одржување на изборите, што беше очекувано, земајќи ги во предвид почетните доцнења во спроведувањето на договорот во Пржино. Во коментарот од минатата седмица напишав „ Доколку СДСМ ги поттикне своите претставници во ДИК и МВР да се забрза пречистувањето на избирачкиот список и доколку ВМРО-ДПМНЕ поддржи компромис за медиумите, изборите на 24 април 2016 година стануваат реалност. Во спротивно станува извесно нивно одлагање за 29 мај или 5 јуни 2016 година“.
И покрај извесноста на одложувањето за изборите, земјата влезе во драматична завршница на 23 февруари, последниот ден пред распуштањето на Собранието, во кој рок можеше да се постигне договор за можните решенија. Како што напишаа на социјалните медиуми „македонската политика исто како македонскиот ракомет, мора да има драма во последните моменти, во завршницата“.
Зошто одложувањето на изборите беше извесно? Одржување на избори во најбрз можен термин со кредибилен избирачки список и израмнет терен не е само најдоброто решение туку и единствено што Македонија ќе ја води кон излез од политичка криза. Кои беа другите опции? Покрај одлагањето на изборите, опција беше одржување изборите во веќе закажаниот термин на 24 април 2016 година, како и суспензија на договорот од Пржино во однос на политичката разврска. Одржување на изборите на 24 април 2016 година, со став на меѓународната заедница дека не се исполнети докрај условите, како и став на СДСМ дека да учествуваат на изборите, не беше можно, бидејќи со бојкот на СДСМ и меѓународно непризнание тие избори нема да беа излез од политичка криза туку ќе водеа во уште подлабока политичка криза, губење на препораката за членство во ЕУ и меѓународна изолација. Суспензија на договорот од Пржино во однос на политичката разврска, би значело оставка на (техничка) Влада за спроведување на зиборите, со избор на политичка влада најверојатно повторно од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Изборите би се одржале во редовниот термин во 2018 година или пак заедно со локалните избори во 2017 годима, кога согласно законот повторно би се избрала (техничка) Влада за спроведување на изборите. Тоа би значело дека СДСМ го признава легитимитетот на Владата на ВМРО-ДПННЕ и ДУИ, што би било политичко самоубиство. Непризнавањето на легитимитетот на Владата, пак неминовно води кон обновување на политичката криза, која може да се реши само со предвремени избори. За извесноста на одложувањето на изборите говори и тоа што сите пратеници од сите политички партии беа во Собранието, по крајот на нивното работно време.
Ако одложувањето на изборите беше извесно, зошто тогаш е драмата? Тоа е веројатно затоа што нашите политички лидери и партии политичкиот дијалог не го разбираат како дијалог, изнесување на аргументи и информации за постигнување на меѓусебно разбирање, туку како ценкање во арапски стил. Во ценкање од арапски стил двете страни почнуваат од екстремни позиции, за да низ ценкање ја постигнат посакуваната позиција. Пред многу години во Тунис набљудував како трговец на тарабуки се ценка со турист. Почетната цена на трговецот беше 150 долари, а по долго ценкање ја продаде за 15 долари. Туристот беше многу задоволен со огромниот попуст што го постигна, сè до првиот излог на 50 м. каде можеше да се купи тарабука за 8 долари. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги подигаат преговарачките позиции до максимум и затоа се создаде драмата.
Од друга страна одлагањето се чини не е само одложување на датумот на изборите на 5 јуни, туку и одложување на дел од проблемите. Одлуката за одложување не е постигната со консензус на големата четворка. СДСМ опстои на својот став за неодредување на датум, без постигнување на условите. СДСМ го постигна посакуваното одлагање, а ВМРО-ДПМНЕ издејствува фиксен датум, кој ќе биде сè потешко да се одложува. Една од причините за одложување – ДИК да обезбеди кредибилен избирачки список, не ќе може да биде повторно причина за одложување. Сега одговорноста е во ДИК. Во тоа насока е и изјавата на амбасадорот Бејли дека со напорна работа може да се постигнат избори на 5 јуни, вклучувајќи кредибилен избирачки список. Таа изјава звучи и како гаранција од САД дека тоа ќе се случи. Втората причина за одложување – балансираност на медиумите – и понатаму ќе биде предмет на спорење. За едни одредбите за медиумите во Изборниот законик, кој вклучуваат забрана за владини рекламирање, која веќе се спроведува, еднаков пристап во МРТ и еднаков пристап до платена политичка програма, ќе бидат доволни. За други тоа е прашање на еснафска саморегулација. За трети, неопходни се измени на законот за медиуми. Но сега притисикот врз сите страни за постигнување на договор за последното отворено прашање ќе биде огромен, што го прави 5 јуни 2016 година извесен датум на парламентарните избори.