Меѓуетнички коалиции – ем им иска, ем не им стиска

meguetnichki-koalitsii-em-im-iska-em-ne-im-stiskaСредбата на Зоран Заев, лидер на СДСМ и на Гзим Острени, лидер на новата партија Унитети, без разлика што била темата за разговор, веројатно ги постигна планираните ефекти: дебата за можноста за предизборна меѓуетничка коалиција. Средбата е остварена како пилот-средба или проба како ќе реагира јавноста на идејата за предизборна меѓуетничка коалиција. По средбата следеа повеќе новинарски написи и анализи за можноста на изборна соработка на СДСМ со новите партии кои се обраќаат на гласачите етнички Албанци, како Беса, Унитети, или движењето за реформи на ДПА.

Позицијата на Зоран Заев и СДСМ е донекаде јасна. Незадоволството од власта, особено од премиерот Никола Груевски, меѓу гласачите етнички Албанци е огромно. Многумина од најгласните, најжолчните критичари на власта се аналитичари и политички коментатори – етнички Албанци. И многумина критиката не ја прават од позиции на албански национализам, туку од граѓанска перспектива. Предизвикот е како СДСМ да стекне предност од големото мнозинство незадоволни етнички Албанци. Дали етничките Албанци би гласале за СДСМ? Зоран Заев направи неколку чекори за придобивање на овие гласачи, на пример со ставовите за употреба на албанскиот јазик, но често и ретерираше од сопствените ставови. Ниту раководството на СДСМ, ниту претходните програми на СДСМ немаат мултикултурен карактер. Присуството на етнички Албанци во врвот на раководството и на пратеничките листи е помалку од симболично. Тешко е да се очекува дека таков СДСМ би бил атрактивен за просечен гласач етнички Албанец.

Како СДСМ да се направи поатрактивен за просечен гласач етнички Албанец? Подобрување на претставеноста во раководството и програмата е секако патот на средни и долги патеки. Сега и веднаш, СДСМ има потреба од коалициски партнер(и) кои можат да ги привлечат гласачите етнички Албанци. ДУИ и ДПА, двете партии од големата четворка, не се идеалниот партнер. Ем незадоволството е насочено и кон нив, ем покажуваат значајна лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ е упатен во барањето на сојузници во новите политички партии Беса, Унитети и Движење за реформа на ДПА. Осебено ако овие три партии останат фрагментирани, необединети во коалиција, постои голем ризик на загуба на многу гласачи поради тоа што изборниот систем ги фаворизира партиите од големата четворка: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.

Потребата од меѓуетничка коалиција ја потврдуваат и истражувања на јавното мислење во кои големо мнозинство од 65,7 отсто на граѓани очекуваат партиите да бидат мултикултурни (МЦМС, 2011).

Тогаш зошто толку голема претпазливост? Затоа што многу други истражувања укажуваат дека големо мнозинство на граѓани не би гласале за кандидат од друга етничка припадност. Во истражување на МЦМС од 2011 година 6,5 отсто граѓани побарале повеќе припадници на други етнички заедници на кандидатските листи за пратеници, наспроти 51,8 отсто кои побарале повеќе жени. За кандидат од друга етничка заедница не би гласале 61,7 отсто од граѓаните, наспроти 25,9 отсто кои би гласале. Најголема спремност за гласање за кандидат од друга етничка припадност има во изборните единици 1 и 2 (Скопје). Во истражување од 2013 година, меѓу кандидатите за градоначалници повеќе припадници на други етнички заедници очекувале 6 отсто од граѓаните, наспроти 45 отсто кои очекувале повеќе млади до 27 години. За градоначалник од друга етничка заедница не би гласале 66,5 отсто граѓани, а 33,5 отсто би гласале.

Јасен е значајниот меѓуетнички јаз во изборот на политички партии и политички претставници. Затоа и Зоран Заев и СДСМ се двоумат, како да пристапат кон предизвикот. Дополнително евентуалната коалиција не би била базирана на идеолошка или политичка сличност, туку заеднички именител е тоа што се против власта на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Тоа носи ризик колку јака ќе биде внатре коалициската кохезија, ако единствен фактор на заедништво е тоа што се против Никола Груевски.

Од друга страна, формирањето на меѓуетничка предизборна коалиција може да биде од историска важност за Македонија, на раскрсницата меѓу нетериторијална федерација и граѓанскиот концепт. Македонија од самата независност има меѓуетнички коалиции, така што коалицирањето не би било ништо ново. Ново би било предизборното коалицирање, што неминовно би барало идеолошко профилирање на коалициите. Со мајскиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за коалиција на „победници на двете страни“, државата се помести кон нетериторијална федерација во која власта ја формираат два победника без разлика на идеолошката ориентација. Majскиот договор го цементира етничкиот начин на организација на политиката и го попречува развојот на интересно или идеолошко организирање. Затоа во настаните пред мајскиот договор јавно и гласно ја поддржував коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, како идеолошка коалиција, како што беше идеолошка и коалицијата на СДСМ и ДУИ. Но ДУИ со тогашната своја моќ, исклучиво поради теснопартиски интереси – да биде во власта засекогаш, без разлика дали е победник СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, го наметна мајскиот договор.

Затоа Зоран Заев и СДСМ, заслужуваат поддршка и поттик, во своите размислувања за предизборна меѓуетничка коалиција. Ако тоа не се оствари, СДСМ мора да исчекори кон мултикултурна партија, да настапи на изборите со повеќе кандидати етнички Албанци на кандидатските листи, особено млади и жени.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.