Пред околу 3 месеци, Собранието ги избра техничките министри по предлог на СДСМ и тоа Оливер Спасовски во МВР Фросина Ременски во МТСП, како и дополнителни заменици во министерствата за финансии, за земјоделство, за администрација… Во меѓувреме, околу две недели трае и мандатот Владата чиј мандат е организација на изборите, кое долгото име на техничка влада, што треба да биде избегнато бидејќи како такво беше барање на СДСМ.
Оценката на делувањето на министрите и замениците од СДСМ, е возможна само ако се воспостави јасен критериум за нивната улога и место во Владата. И тука започнува збрката, што е всушност мандатот, работата на овие министри и заменици? Збрка од разлики во именувањата до разлики во разбирањата на содржината. Збрката започна со преводите на договорот од Пржино. Поголем дел од медиумите објави превод на договорот во кој се вели дека „новата влада ќе има мандат до предвремените парламентарни избори“, а всушност треба „владината програма ќе се ограничи на организирањето на изборите“. Исто така во договорот мандатот на минстерот за вантрешни работи е дефиниран како технички, а мандатот на замениците е „правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите“.
Улогата на техничките министри и заменици е да го обезбедат СДСМ дека се спроведува раздвојување на партијата од државата, како дел од подготовка на избори кои ќе се одржат на израмнет терен. Позициите во министерствата се поврзани со изборите (МВР) или со социјални трансфери во Министерството за труд и социјална политика (МТСП); со земјоделски субвенции во Мининистерството за земјоделство, и со капитални вложувања во Министерството за финанси. Од тука е јасно дека станува за технички министри и заменици, а сега и техничка влада, чија задача е организација на изборите. Тоа не е политичка влада на голема коалиција, каква што беше владата во 2001 -2002 година.
Соодветно од техничкиот, а не политичкиот мандат треба да се оценува што е додадената вредност на додадените министри и заменици. Додадена вредност од нивната работа треба да биде раздвојување на партијата од државата и избори кои ќе бидат успешно организирани и што ќе ги признаат сите клучни партии во земјава. Оценката за нивната успешност или неуспешност ќе ја оценуваме на изборите и по изборите. Друга надлежност овие функционери немаат и затоа не треба да се поттикнуваат поинакви очекувања.
Поаѓајќи од тоа дека министрите се технички, неразбирлив е изборот на кадри од самиот врв на СДСМ. Зошто се потребни партиски кадри за организирањето на изборите, посебно ако целта е раздвојување на партијата, без разлика дали е ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, од државата. Значи иако владата треба да биде техничка, таа во суштина е политичка. И тука, при изборот на кадрите за министри и заменици, се чини дека СДСМ ја пропушти главната шанса. СДСМ се одлучи за теснопартикси избор наместо избор на независни кадри со кредибилитет во јавноста, на пример, Гордан Калајџиев во МВР или Звонко Шаврески во МТСП. На тој начин на личен пример ќе се демонстрираше дека на СДСМ му е најважно раздвијувањето на партијата од државата те департизацијата. Тоа ќе имаше многу поголем ефект на мобилизација на граѓаните на страна на опозицијата. Секако теоретска претпоставка е дали независни личности ќе прифатеа да бидат кандидирани или пак ќе го издржеа притосокот од двете страни. Дополнително се чини дека за некои кадровски решенија, односно разрешувања и именувања се добива впечаток на кронизам и партиски фаворизам. Очекувано е да се разрешат партиски кадри поставени од ВМРО-ДПМНЕ, но очекувањата не се да се постават партиски луѓе на СДСМ. Бидејќи целта е замена на партиски систем со мерит- систем. Министерот Спасовски говори за демонтирање на вмроизираниот систем, со професионалци, но ќе треба многу поголема јавност и транспарентност да се убеди јавноста дека компетентноста, а не партиска припадност се критеримите во кадровските промени.
Тоа што министерот Спасовски не треба да ја убедува јавноста се опструкциите што функционерите на СДСМ ја доживуваат во својата работа. Постоеја очекувања за меѓусебни блокади, бидејќи ова влада која требаше да биде техничка е политичка, а таа голема коалиција е принудна. Но ВМРО-ДПМНЕ направи сè што можеше да ги игнорира, блокира функционерите на СДСМ, што покрај нивната неутрализација, создава впечаток во јавноста за неефикасност на владаа и за отфрлање на техничката влада како модел.
Врвот на тоа е фактот што раздвојувањето на функцијата премиер од функцијата претседател на партијата ни формално, а камоли суштински, не се запазува. За некого можеби нормална ситуација, на пример како кога лидерот на ДУИ се појавува со министрите во владата од ДУИ, но во суштина е битен чекор за раздвојување на партијата од државата.
Така, наместо техничка влада чија задача е организација на избори, со цел раздвојување на партијата од државата и израмнет терен за избори, добивме политичка влада на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во која нивните министри и заменици не се борат за раздвојување на партијата од држава, туку за постигнување предност за својата страна или неутрализација на другата страна.