ВМРО-ДПМНЕ да му даде поддршка на СЈО, СДСМ да излезе на избори

Се приближува 20 февруари, датумот кога меѓународната заедница ќе се изјасни дали се создадени услови за одржување на парламентарните избори закажани за 24 април 2016 година. Всушност тоа ќе биде една оценка на спроведувањето на договореното од Пржино.

Исполнувањето на договорот од Пржино е одраз на јазот и спротивставеноста на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во теснопартиска смисла што им одговара, а што не им одговара. Двете страни, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во основа ги употребуваа политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го стави акцентот на политичката разврска – избори на 24 април 2016 година, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска – специјалното јавно обвинителство (СЈО). Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија. А не може да има само едно од нив, мора да се случи и политичка и правна разврска.

Политичката состојба оваа година се чини бавно, но сепак нè води во напредок на исполнување на договорот од Пржино и тоа полека нè оддалечува од најлошото можно решение за земјава, а тоа да со меѓусебно блокирање на власта и опозицијата се одлага и политичката и правната разврска. Полека се поместуваме во насока кон најдоброто сценарио за земјата, во кое изборите би се одржале во предвидениот термин на 24 април 2016 година, со прочистен избирачки список, правна разврска (обвинителска одлука) би имал најмалку еден случај поврзан со наводни изборни злоупотреби, а во првите 100 дена на новата Влада би се постигнал договор со Грција за мерките за градење на доверба.

vmro-dpmne-da-mu-dade-poddrshka-na-sjo-sdsm-da-izleze-na-izboriЗа одржување на избори на 24 април 2016, од договорените мерки за  израмнет терен за избори, пред се преку раздвојување на партијата од државата и балансираност на медиумите, потребен е пречистен избирачки список и постигнување на договор за медиумите. Според последните медиумски извештаи, ДИК ги има собрано базите на податоци на граѓани од околу десетина различни институции како МВР, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско осигурување, Министерството за труд и социјална политика и други. Завршена е и првата фаза на усогласување на базите на податоци, што значи дека веќе е можно вкрстувањето на податоците, што би водело кон откривање на грешки и нелогичности во избирачкиот список, кои би се провериле на терен. Колку што следам за избори на 24 април, избирачкиот список треба да биде составен до 5 март, за потоа да биде достапен на граѓаните за проверка од нивна страна. Тој рок е постиглив, ако се сака и достапни се потребните ресурси.

Во однос на медиумите, видливи се поместување во претставеноста на опозицијата, иако е тоа сè уште далеку од израмнет терен. Првите појавување на лидерите на СДСМ во „непријателските“ медиуми, неминовно завршија во дебакл. Долго наталоженото непријателство неминовно водеше во празнење на негативните емоции едни спроти други во првите меѓусебни соочувања. И тоа мораше да се случи, како што тој процес мора да продолжи – колку почести ќе бидат меѓусебните комуникации веројатно ќе се намалува меѓусебниот јаз. Законот за медиумите, од друга страна, е подрачје на кршење на копјата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Има многу расправа за формата и позициите, а многу малку за суштината, при што се чини дека јавноста има многу малку информации што е суштината на предлозите. Кое било решение мора да се води од принципот дека за слобода на медиуми, мора да се праша еснафот и да се остави простор за саморегулација, а законот треба да има што помалку регулација и казните за прекршувања на законот не смеат да бидат драконски, како досега. И провладините медиуми мора да ја запрат стигматизацијата на посредникот Ван хауте.

Доколку СДСМ ги поттикне своите претставници во ДИК и МВР да се забрза пречистувањето на избирачкиот список и доколку ВМРО-ДПМНЕ поддржи компромис за медиумите, изборите на 24 април 2016 година стануваат реалност. Во спротивно станува извесно нивно одлагање за 29 мај или 5 јуни 2016 година.

Во прилог на одржување на изборите на 24 април 2016 година, оди и првиот случај на СЈО за криминално здружување за изборни нерегуларности. Клучно за изборите на 24 април 2016 година е да постои јасна порака дека нема да има неказнивост за изборни нерегуларности. Како што кривичното гонење на групата на Красниќи, даде јасна порака за казнивост на изборно насилство, кое по 2008 година не се повтори, така и сега е потребна јасна порака. Појавувањето на поранешни министри пред судија за претходна постапка е почетен знак дека изборни нерегуларности ќе се санкционираат. Во повеќе наврати нагласувам дека СЈО мора да биде екстремно внимателен и темелно да ги аргументира своите одлуки, бидејќи неговите постапки треба да бидат прифатени од јавноста како објективни и непристрасни. Два детали, според достапните информации, фрлат сенка на случајот „Титаник“. Првиот, килавоста на формулацијата за вклученост на „целиот извршен комитет“ на политичка партија (ВМРО-ДПМНЕ) во криминално здружување за изборни нерегуларности. Ако СЈО има докази за „целиот извршен комитет“, тогаш мора да има истрага за секој член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, индивидуално со име и презиме, а не само против три члена на тој извршен комитет. Ако СЈО нема докази „целиот извршен комитет“, не смее да ја колективизира вината, бидејќи со политички, а не правни оцени самиот ќе се дисквалификува. Вториот, демонстрација на сила при апсењето на Едмонд Темелко. МВР под раководство на СДСМ мора да демонстрира дека поинаку ќе пристапи кон прашањата на апсење и притвор, од тоа како ВМРО-ДПМНЕ тоа го практикуваше. И апсењето на Едмонд Темелко, најнемоќниот од сите обвинети, е груба демонстрација на сила кон најслабите. Не е јунаштво најслабиот да го апсиш, туку некој од првоосомничените.

ВМРО-ДПМНЕ мора да му даде поддршка на СЈО, како што СДСМ мора да излезе на избори, без разлика што може да не им се допаѓа исходот. Така ќе се намалува поларизираноста, и ќе напредуваме во надминување на политичкката криза.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.