Ловење крупни риби

lovene-krupni-ribiДо некаде во информативна сенка на терористичките напади во Брисел, изминатиот вторник се одржа еднодневна конференција на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС): Ефективна борба против корупција на високо ниво: прашање на личност или на систем? Покрај официјалните гости како Аднан Јашари, министер за правда и Џес Бејли, амбасадор на САД, како и регионални и домашни стручњаци, клучни учесници беа Лаура Кодрута Ковеси, главен обвинител на Националниот директорат за антокорупција (ДНА) на Романија, Марко Зврлевски, јавен обвинител на Македонија и Катица Јанева, јавен обвинител во специјалното јавно обвинителство (СЈО). Ретка можност за расправа за борба против корупцијата на високо ниво или ловењето на крупни риби, потенцирана со учеството на романската гостинка, како и учеството и на Марко Зврлевски и на Катица Јанева на ист настан.

Корупцијата граѓаните ја перцепираат во врвот на општествени предизвици (проблеми), веднаш зад невработеноста и сиромаштијата, во целиот период по независноста на земјата. Малата корупција што им задава проблеми на граѓаните во секојдневниот живот при употреба јавните услуги или, пак, во бизнисот е дури и помал дел од проблемот. Корупцијата, посебно на високо ниво, меѓу крупните риби е посебен проблем ако е поврзан со неказнивост, што го подрива еден од клучните столбови на модерната држава – владеењето на правото и последователно довербата во институциите. И ниту едно општество не имуно на корупција, прашањето е дали се бори против неа!

Работата на ДНА од Романија покажува дека битката против корупцијата на високо ниво не е невозможна мисија! Во изманите неколку години Романија од земја со репутација на најкорумпирана членка на ЕУ стана пример за бескомпромисна борба против корупцијата на државните функционери. ДНА е  посебно тело во состав на обвинителството задолжено исклучиво за случаи на корупција од високо и средно ниво.  По именувањето на новата јавна обвинителка Лаура Ковеси во 2013 година, ДНА забележува значајни резултати: 1.138 обвиненија во 2014 година и 970 обвиненија во 2015 година, со над 90 проценти пресуди. На листата на обвинети и осудени се наоѓаат Адријан Настасе, поранешн премиер, неколки министри, десетици пратеници, повеќе градоначалници меѓу кои и актуелниот градоначалник на Букурешт Сорин Опреску, генерали, обвинители, судии…  Во јуни 2015 година, ДНА поведува истрага и против во тој момент актуелниот премиер Виктор Понта и дава налог за замрзнување на неговиот имот. Истрагата за негова вмешаност во корупција предизвика демонстрации и голем притисок од јавноста кои кулминираа на почетокот на ноември по пожар во ноќен клуб во Букурешт, каде што животот го загубуваат повеќе десетица лица. Истрагата покажува дека ноќниот клуб не ги исполнувал минималните критериуми за безбедност, a демонстрантите добиваат нов слоган: „Корупцијата убива!“. По тој настан, Понта конечно дава оставка. Во 2015 година ДНА има замрзнато имот во вредност од 500 милиони евра, а врз оснава на пресуди има одземено имот во вредност на 195 милиони евра.

Импресивни резултати!

Според Лаура Ковеси, тоа се должи на ДНА како специјализирана структура, со соодветни закони и административни и раководни капацитети. ДНА е организациски и функционално независна и претставува комплексна структура на обвинители (195 обвинители), судски полициајци и агенти (220 полицајци) и експерти во економија, финансии, банкарство, царина, ИТ (70 експерти)… ДНА има право на тајни истраги преку надгледување на комуникации и сметки, како и  право на конфискација, заштитени сведоци и спогодување за казната.
ДНА предводен од Ковеси се соочува со институциски опструкции и јавни дисквалификации. Имено, иако романските политичари најчесто јавно ги поддржуваат антикорупциските активности, во практика често го менуваат законодавството со цел да ги ограничат надлежностите на ДНА за да се заштитат самите себеси.

Од друга страна, најголем дел од дисквалификациите се дека ДНА и Ковеси одработуваат за политичките опоненти на Понта, како и дека нивните методи за откривање на корупцијата потсетуваат на Секуритате – романската тајна служба во времето на социјализмот. Јавната кампања против ДНА добива на интизитет со поведувањето на истрага против четири од петте најголеми телевизии во Романија.

Ковеси вели дека тоа што е јавно дисквалификувана од политичари е показател дека добро си ја врши работата! Најголем сојузник на ДНА и Ковеси е огромната доверба од 61 проценти што ја ужива во јавноста.

Многу елементи од случајот на Романија, ДНА и Ковеси, можат да послужат за одлична споредбена анализа, која ќе следи следната седмица. Прво одговор на дилемата од насловото на конференцијата: борба против корупција на високо ниво: прашање на личност или на систем. Од случајот на Романија, може да се заклучи дека е потребен е систем, но потребна е и личност. И покрај скромноста на Ковеси, јасно е дека на добро поставената ДНА и требала личност како Ковеси, за да ги постигне импресивните резултати. За целиот регион може да се каже дека личностите се важен дел од ефективната борба против корупцијата!

[продолжува]

***

Благодарност на Борјан Ѓузелов, за придонесот во овој коментар.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.