Во многу краток период, во нецел месец, се случија три удари на Уставот на Македонија: на заштита на уставноста и законитоста, на одвоеноста на црквата од државата и на гаранцијата и заштита на приватноста.
Во Македонија уставноста и законитоста ја заштитува Уставниот суд. Уставниот суд последните 7-8 години е предмет на оспорување за наводни партиски влијанија во одлучувањето, само што со тек на времето се сменија страните што обвинуваат. Кога на почетокот на власта на премиерот Никола Груевски, Уставниот суд ги оспори идеолошките проекти на ВМРО-ДПМНЕ како веропоука во јавното образование, следа жестоки напади од ВМРО-ДПМНЕ врз тогашниот состав на Уставниот суд за партиски влијанија од СДСМ. Сега, по повод на прифаќањето на иницијативата против измените на Законот за помилувања, следеа протести од повеќе групи за партиски влијанија од ВМРО-ДПМНЕ. Уставниот суд, во сè поголемата поларизација на општеството, од партиите се гледа како можност на долгорочно влијание на идеолошкиот правец на земјата, пред сè заради долгиот, деветгодишен, мандат на судиите во Уставниот суд. И ВМРО-ДПМНЕ беше доволно долго на власт, да влијае на изборот на судиите во Уставниот суд. Би можело да се заклучи дека тоа се очекувани протести од про или контрагрупите, незадоволни од одредени одлуки на судот.
Но случајот со Законот за помилување не спаѓа во групата на очекувани незадоволство од про и контра групите, поради постоењето на показатели дека Уставниот суд не постапува како заштитник на уставноста и законитоста. И тука не е спорно дали навистина измените на законот за помилување се навистина противуставни, како што тогаш во 2009 година тврделе пратениците на СДСМ. Околностите, односно временското совпаѓање, како и наводите за крајно невообичаената експедитивност укажуваат на теснопартиски влијанија, а не на судиска увереност.
Измените за Законот за помилување, кои ја укинуваат можноста за помилување на лица осудени за изборни нерегуларности се донесени во 2009 година. Стамен Филипов, кој е поднесувач на големо мнозинство на претставки пред Уставниот суд, не согледал неуставност во наведениот закон, тоа не го согледал никој сите овие години од донесувањето во 2009-та, и одеднаш се појавува претставка. И на тоа се надоврзува крајно невообичаената експедитивност. За закон за кој никој не покажал интерес толку години, експресно се прифаќа иницијативата, а според Стамен Филипов очекуваниот рок за таква одлука е околу шест месеци. На тоа се надоврзува и наводната неуредност на рефератот за претставката. Премногу случајности секогаш упатуваат на постоење на специјален интерес, а во овој случај единствениот очигледен е теснопартискиот интерес на власта за контрамерки на специјалното јавно обвинителство и покренување на случајот за изборни нерегуларности.
Власта, сега се чини е на спротивни позиции од тие во 2009 година, кога самата ги донесе измените за укинување на помилување за изборни нерегуларности, за да испрати јасна порака дека насилството од изборите во 2008 година не смеат да се повторат, си нанесе повеќекратна штета. Прво, го загрози кредибилитетот на Уставниот суд, чиј состав треба да суди уште многу години. Второ, создава перцепција дека не сака правна разврска за наводните нерегуларности на изборите во 2011 и 2013 година, а без правна разврска, со одлука и за вина и за невиност, на најмалку еден случај поврзан со изборни нерегуларности, тешко ќе се гради довербата во изборите на 5 јуни 2016 година. И, трето, ја доведува во прашање својата посветеност на реформите што произлегуваат од извештајот на Прибе, што се предуслов за нашата натамошна евроатлантска интеграција.
Вториот удар е раздвоеноста на црквата од државата, во случајот на поставувањето на крстот во општина Бутел. Раздвоеноста на црквата од државата, во било кое разбирање и толкување на раздвоеноста, се нарушува во континуитет меѓудругото и со присуство на највисоки државни функционери на одредени церемонии. Учеството на заменик премиер на поставувањето на крстот во Бутел создава перцепција за државен проект, а не за црковен проект. А и доколку има потреба за црковни проекти, тоа сигурно не е поставување на крстови туку обезбедување на духовна поткрепа или пак ѓаконска служба за заштита, помош, поткрепа на социјално загрозени групи на граѓани и верници. Потребни се црковни народни кујни, а не 55 метарски крстови.
И третиот удар е на почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот, достоинството и угледот. Од средината на минатиот месец, од анонимен извор, на Јутјуб се објавуваат аудиоснимки со лични разговори на граѓани на Македонија. Загрозување на приватноста најдобро ја коментираше Катерина Блажевска во „Аудио-ропство“, која гледа ризик и во отсуството на институциски реакција и на општествена реакција. Загрозувањето на приватноста бара итен институциски одговор, бидејќи заштитата на приватноста ја гарантира државата со член 25 од Уставот.
Трите удари на Уставот, во нецел месец, укажува дека во кусогледоста на теснопартиските интереси, лесно се удира и врз Уставот, основниот општествен и државен договор, лесно се удира врз темелот на државноста.