Здрав идентитет во здрава држава!

zdrav-identitet-vo-zdrava-drzhavaПосле мојот последен коментар „Луд, збунет и (не)нормален“ и една седмица пауза, не помислував дека може состојбата да стане уште полуда, позбунета и поненормална. И дека земјата во таква состојба ќе ја турне Ѓорѓе Иванов, претседателот на Македонија, со својата одлука за прекин на кривичните постапки за над педесетина политичари и лица поврзани со нив. Одлуката е атака врз владеење на правото, правно неиздржана за што веќе се приознесоа повеќе правни експерти, а образложението за одлуката е повеќе од понижувачко за сите нас. Колку што јас можев да го разберам образложението, прекинот на кривичните постапки е да се спречи тие постапки да влијаат на изборите, и можното загрозување на македонската позиција во спорот за името и загрозување на идентитетот. Патем се спомнуваат странски сили што ѝ мислат лошо на земјата и наводни подготовки на атентати на два политички лидери. Иако имаме историја на политички атентати (Киро Глигоров), навредливо е да се тврди дека постои заговор за ликвидација на наши лидери, а притоа да нема ниту еден уапсен за тоа!? Но уште понавредливо е дека македонскиот идентитет зависи од еден, десет, дваесет или педесет  политичари, и најнавредливо е дека македонскиот идентитет најдобро вирее во беззаконие! Поголема негација на сè македонско, амин! Македонскиот идентитет е вкоренета во земјата, граѓаните и културата, и ги надживеа своите лидери како Делчев, Ченто или Глигоров, па ќе надживее и било кој актуелен политичар! И за да се развива и јакне на македонскиот идентитет не му треба беззаконие, туку му треба владеење на правото! Затоа што за здрав идентитет треба здрава држава, во која владее правото!

Како стигнавме дотука? Преку употреба на договорот од Пржино, од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, на политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го стави акцентот на политичката разврска – избори, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска – специјалното јавно обвинителство (СЈО). Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија. А не може да има само едно од нив, мора да се случи и политичка и правна разврска. Најлошото можно решение за земјава е да со меѓусебно блокирање се одлага и политичката и правната разврска, а тоа се случува сега. ВМРО-ДПМНЕ мора да му даде поддршка на СЈО, како што СДСМ мора да излезе на избори, без разлика што може да не им се допаѓа исходот. Во најдоброто сценарио за земјата, изборите би се одржале што поскоро, со прочистен избирачки список, правна разврска (обвинителска одлука) би имал најмалку еден случај поврзан со наводни изборни злоупотреби, а во првите 100 дена на новата Влада би се постигнал договор со Грција за мерките за градење на доверба.

Read more

Луд, збунет и (не)нормален

Со влегувањето во можната фаза на расплет на нашата актуелна политичка криза, сè потешко е да се анализираат работите, делумно поради комплексноста, но во поголем дел поради дневните промени на ставовите.

Всушност првиот проблем со анализата е дали нашата актуелна политичка состојба воопшто може да ја опишеме како политичка криза. Зошто? Политичка криза е состојба на v-sнестабилност, ако смеам да речам на ненормалност, која отстапува од просечната, обичната, нормалната политичка состојба. Но оваа политичка криза трае скоро од декември 2012 година, последователниот мартовски договор, бојкотот на резултатите на последните парламентарни избори, „бомбите“, пржинскиот договор… Во претходниот период се редеа бојкоти  од ДУИ (мајскиот договор 2008), од ДПА, серијата инциденти кои започнаа со македонската енциклопедија во 2009 година итн. Пред тој период беше конфликтот од 2001 година и последователните тешки години на спроведување на Охридскиот договор. Пред тоа беше косовската криза во 1999 година. Пред тоа имавме еднопартиски парламент во периодот 1994-1998 година итн. Всушност ретки беа периодите на  стабилност како тој 1998-1999 година и 2006-2008 година. Во повеќе децениски период политичка криза, нестабилноста и ненормалноста е нашата просечна, вообичаена и нова нормална состојба!

Вториот проблем е комплексноста. Ние и поминавме низ транзиција од федерална единка во независна држава, од планска економија во пазарна економија, од социјалистички еднопартизам во политички плурализам. Од национална држава во граѓанска држава со мултикултурно општество. И цело време оспорувани од далеку помоќната Грција.

Покомплексно амин!

И третиот предизвик е дневните промени на ставовите.

Во последните период, дневни промени на ставови имаше на сите можни прашања, од улогата на меѓународната заедница, преку Уставниот суд и одлуката за помилувањето, албанскиот јазик, мерит систем за избор на министри и функционери, избирачкиот список и личните податоци, спорот за името… Всушност како да нема прашање за кое нема дневнополитичка промена на ставовите. Во таква состојба нема многу простор за анализа, има повеќе простор за навивање!

Read more