Со влегувањето во можната фаза на расплет на нашата актуелна политичка криза, сè потешко е да се анализираат работите, делумно поради комплексноста, но во поголем дел поради дневните промени на ставовите.
Всушност првиот проблем со анализата е дали нашата актуелна политичка состојба воопшто може да ја опишеме како политичка криза. Зошто? Политичка криза е состојба на нестабилност, ако смеам да речам на ненормалност, која отстапува од просечната, обичната, нормалната политичка состојба. Но оваа политичка криза трае скоро од декември 2012 година, последователниот мартовски договор, бојкотот на резултатите на последните парламентарни избори, „бомбите“, пржинскиот договор… Во претходниот период се редеа бојкоти од ДУИ (мајскиот договор 2008), од ДПА, серијата инциденти кои започнаа со македонската енциклопедија во 2009 година итн. Пред тој период беше конфликтот од 2001 година и последователните тешки години на спроведување на Охридскиот договор. Пред тоа беше косовската криза во 1999 година. Пред тоа имавме еднопартиски парламент во периодот 1994-1998 година итн. Всушност ретки беа периодите на стабилност како тој 1998-1999 година и 2006-2008 година. Во повеќе децениски период политичка криза, нестабилноста и ненормалноста е нашата просечна, вообичаена и нова нормална состојба!
Вториот проблем е комплексноста. Ние и поминавме низ транзиција од федерална единка во независна држава, од планска економија во пазарна економија, од социјалистички еднопартизам во политички плурализам. Од национална држава во граѓанска држава со мултикултурно општество. И цело време оспорувани од далеку помоќната Грција.
Покомплексно амин!
И третиот предизвик е дневните промени на ставовите.
Во последните период, дневни промени на ставови имаше на сите можни прашања, од улогата на меѓународната заедница, преку Уставниот суд и одлуката за помилувањето, албанскиот јазик, мерит систем за избор на министри и функционери, избирачкиот список и личните податоци, спорот за името… Всушност како да нема прашање за кое нема дневнополитичка промена на ставовите. Во таква состојба нема многу простор за анализа, има повеќе простор за навивање!
Меѓународната заедница и самата остави простор за дневнополитички коментари, бидејќи секогаш остава простор за двоумење што е нејзината позиција: бескомпромисна борба против корупцијата и залагање за владеење на правото или создавање на услови за решавање на спорот за името (вклучувајќи враќање на СДСМ во институциите). Најдобра илустрација се коментарите за комесарот Хан, кој од јунак на про-опозицискита јавност се претвораше во ситен коцкарски сопственик па повторно назад. Кој е ставот кон меѓународната заедница?
Уставниот суд и неговата одлука за помилување беа во центарот на вниманието неколку недели. Кога на почетокот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Уставниот суд укинуваше закони, тогаш за СДСМ не се коментираа одлуките на Уставниот суд. Сега и тоа како се коментираа. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ организараше протести против Уставниот суд, сега СДСМ. Кој е ставот за коментирање на судски одлуки? Во 2009 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ги донесе измените во законот за помилување, СДСМ се противеше и тврдеше дека е противуставно ограничување на претседателските надлежности. Тогаш претседател беше Бранко Црвенковски. Сега ВМРО-ДПМНЕ се предомисли, а СДСМ има обратна позиција. Кој е ставот за помилувањето?
Кога обвинителката Фатиме Фетаи проговори на албански јазик на прес-конференција, за дел од про-вмровската јавноста тоа беше причина за омаловажување. Што не беше случај утредента кога Никола Груевски проговори албански јазик. На другата страна проопозиционерите се нафрлија на Фејсбук објава со „ФИРОМ“, на еден од новите министри од ДУИ, но не им сметаа знамиња со голема Албанија на протестите на 17 мај 2015 година. Кој е ставот кон етничките Албанци и албанскиот јазик?
Избирачкиот список и неговото прочистување предизвикува еуфорија на различните страни во зависност од развојот на настаните. Интересна се промените околу ставовите за објавувањето на лични податоци со објавувањето на избирачкиот список. Со ретки критички гласови, опозицијата немаше проблем со објавувањето на личните податоци по првичното објавување на избирачкиот список. Но по фијаското со спорните избирачи, СДСМ побара забрана на објавувањето. Обратни беа реакциите од ВМРО-ДПМНЕ. Кој е ставот за тоа?
Кога ДУИ ги предложи, со исклучок на Агим Нухиу, професор на Правниот факултет на ДУТ, кандидатите за министри кои се млади и без докажани резултати, опозицијата се нафрли со омаловажувања за „навреда за Албанците интелектуалци“, „детска градинка“, „другарчиња на Диме Спасов“. А молк имаше кога во законот за специјалниот јавен обвинител се избриша ставот за „докажани резултати“, за да се избере соодветен обвинител. Или кога Љупчо Николовски, шефот на кабинетот на Зоран Заев, стана заменик министер, зошто не сметаше кабинетско промовирање? Кои се резултатите на Николовски и Кирацовски со кои го заслужија изборот? А според годините и тие можат да бидат „другарчиња на Диме Спасов“. „Политичката педофилија“ воведена во Македонија со изборот на Бранко Црвенковски за премиер со 29 години, може да биде предмет на посебна анализа. Кој е ставот за избор на министри и функционери!
И за спорот за името, дали треба да се реши или не, кој е ставот?
Состојбите се такви поради тоа што нашите политички партии не се организирани врз основа на општи интереси, туку се организирани како патрон – клиентелистички групи кои делуваат врз основа на нивниот теснопартиски интерес Сега веќе не сум сигурен дека е во прашање и теснопартиски интерес, туку внатрепартиски тесногрупен и личен интерес. Кога има општи интереси, вредности, начела, постои одредена конзистентност, односно предвидливост на политичките процеси. Кога постои тесногрупен и личен интерес, нема конзистентност, политичките процеси се непредвидливи. Друга можност е, пак, елементот на непредвидливост политичарите да го употребуваат за спинување на процесите, за да се доведе во забуна јавноста околу тоа што навистина се случува.
Без разлика дали е отсуство на интереси, вредности, конзистентност, односно доминација на тесногрупни и лични интереси или пак спинување на настани, се наоѓаме во состојба на луд, збунет и (не)нормален.