Да се прави политичка анализа во Македонија, станува сè повеќе невозможно. Покрај кусогледоста на теснопартиските интереси, што ги стави во залог фундаментални начела како владеење на правото и макроекономска стабилност, како и евроатланските интеграции, се чини сè повеќе доминираат и тесногрупни и лични интереси на малкумина во врвовите на политичкиот естаблишмент. И тие врвови стануваат сè повеќе ирационални во потезите што ги влечат. Затоа и дел од моите последни коментари се насловени „Луд, збунет и (не)нормален“ и „Луд, полуд, најлуд, [стави име]“. Во такви услови рационална и логичка анализа не доведува до соодветни заклучоци.
Затоа во моментов сите политички анализи завршуваат со заклучок за можни сценарија кои вклучуваат десетици сценарија од одржување на избори на 5 јуни, без политички натпревар, од неучество само на СДСМ до неучество на повеќето главни политички партии, преку одлагање на изборите за [стави датум] од септември или декември 2016 година или 2017 година, до повторно воспоставување на политичка влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Кога толку многу сценарија се актуелни, јасно е дека ништо не е јасно!
Од сите сценарија единствено што може да се реализира без акција, а кое најверојатно најмногу ќе ја продлабочи политичката криза, е одржување на избори на 5 јуни. За тоа треба во моментов кога ќе го читате овој напис, политички партии да достават листи на кандидати. Како листите на кандидати мора да бидат подржани со согласност на кандидатите заверени на нотар, најверојатно тоа е активност која е веќе преземена, а на 11 мај, партиите ќе проценат дали ќе ги поднесат или не. Според одредени инсајдерски информации сите партии ги имаат подготвено кандидатските листи, за секој случај. За многумина од ВМРО-ДПМНЕ одржувањето на избори на 5 јуни, и по цена на непризнавање на легитимноста на изборите е единствено можно решение.
Одлагањето на изборите бара акција – свикување на распуштеното Собрание и донесување одлука за одлагање на изборите. Правните експерти се поделени за уставната и законската можност за свикување на веќе распуштеното Собрание. И, секако треба политичка волја на владеачкото мнозинство, да постапи спротивно од своите теснопартиски интереси.
На тој правен проблем се надоврзува прашањето на поништување на аболицијата, за која се појасни законските решенија. И доколку за аболицијата се појасни законските решенија отколку во случајот на свикување на распуштеното Собрание, дотолку не се јасни мотивите. Аболицијата се случи во момент кога се чинеше дека патеката кон политичка разврска, избори на 5 јуни, е извесна. Таквиот тек е посакуваното сценарио на ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш се случува аболицијата, која предизвикува општо граѓанско незадоволство, доволно силно да сите политички партии јавно ја осудат. Дополнително аболицијата ги става во втор план изборите на 5 јуни. Ваквиот развој на настани е целосно непожелен за ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш зошто ВМРО-ДПМНЕ влета во авантура која доведува до непожелен развој за самите нив? Одговорот на оваа прашање може да води кон индиректно потврдување на вината за наводните кривични дела.
Барајќи одговори за заплетот кој го предизвика аболицијата, фокусот беше на тоа кој е на листата на аболирани лица, и на тоа кој не е на листата. За мене на пример беше видливо отсуството на Љубе Бошковски и на Владо Бучковски, двајца лидери кои се веќе осудени или се водат нови кривични постапки. Мој драг пријател, етнички Албанец, ми фрли ново светло на листата на аболирани. Делумно поради фокусот на судирот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, помина незапазено дека единствен лидер од „големата четворка“ што не е аболиран е Али Ахмети, додека тројцата други, Никола Груевски, Зоран Заев и Мендух Тачи се аболирани. Тоа е можеби поради спорењето за надлежноста на СЈО за случајот Македонски телеком. Дали во неопфаќањето на врвот на ДУИ во аболицијата, може да се бара причината за промената на ставот на ДУИ за (не)одржување на изборите на 5 јуни?
Севкупната јавност има јасен став против аболицијата, што покрај аболицијата го доведува во прашање легитимитет на Ѓорѓе Иванов, претседателот на Републиката. Донесувањето на толку лоша и штетна одлука мора да има политички последици по претседателот.
Покрај претседателот на Републиката, се чини легитимитет го потрошија и најголем дел од претставниците на меѓународната заедница вклучени во посредувањето меѓу политичките партии. Како поинаку да се толкува вклучувањето на Јоханес Хајндл, специјален претставник на Германија, отколку дека досегашните претставници не се доволно делотворни.
Доаѓањето на Јоханес Хајндл, по круг на консултации со клучни глобални и регионални сили, како и по 11 мај, важен датум поврзан за одржување на изборите на 5 јуни, можеби покажува дека фокусот на меѓународната заедница од кратки стази се поместува на долги стази, на промена на системот на владеење, или во потесна смисла на спроведување на препораките на Прибе, а во рамките на Берлинската агенда.
За согледување на регионалната рамка, треба да се согледа политичкиот развој во Црна Гора, каде е во тек вклучување на министри од опозицијата во Владата, и Албанија, каде деновиве опозицијата декларира дека бараат техничка влада да ги спроведе идните парламентарни избори.
Иако бара многу повеќе простор, само краток вовед на протестите на Беса и етничката албанска опозиција на 9 мај 2016 година во Скопје. Доминацијата само на црвено-црната, етничка, боја на протестите е во јасна контраст со шарената, граѓанска, револуција. Замешувањето на меѓуетничките односи може да ја промени динамиката и на меѓупартиските спорови и на граѓанските протести.
Многу непознати, единствено е јасно дека ништо не јасно.