Луд, полуд, најлуд, [стави име]!

Пред еден месец напишав коментар што го насловив „Луд, збунет и (не)нормален“, што е врв на неубави зборови што можам да ги употребам во напис. И од тогаш станува само полудо, позбунето и поненормално. Спиралата на ескалација на лудост ја донесе на повисоко ниво, никој друг туку Ѓорѓе Иванов, претседателот на Републиката, со својата одлука за прекин на кривичните постапки за над педесетина лица. По тоа ми се чини настана општ натпревар, кој ќе постигне највисоко ниво во скалата луд, полуд, најлуд, [стави име]!

lud-polud-najlud-stavi-imeДо тука стигнавме преку употреба на договорот од Пржино, од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, на политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го стави акцентот на политичката  разврска – избори, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска – специјалното јавно обвинителство (СЈО). Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија. А не може да има само едно од нив, мора да се случи и политичка и правна разврска. Најдоброто  можно сценарио за Македонија, изборите би се одржале што поскоро, со прочистен избирачки список, правна разврска (обвинителска одлука) би имал најмалку еден случај поврзан со наводни изборни злоупотреби, а во првите 100 дена на новата Влада би се постигнал договор со Грција за мерките за градење на доверба, се уште е можно. Но во моментот се придвижуваме кон најлошото можно решение за земјава, да со меѓусебно блокирање се одлага и политичката и правната разврска. ВМРО-ДПМНЕ мора да му даде поддршка на СЈО, како што СДСМ мора да излезе на избори, без разлика што може да не им се допаѓа исходот.

На Претседателот на Републиката, во натпреварот во лудост, се приклучија делови од опозицијата, со поттикнување на стравот од неликвидност на земјава. Опозициски претставници и проопозициски медиуми се натпреваруваа во предизвикувањето недоверба во ликвидноста на државата (буџетот), во банките, во стабилноста на денарот. Банките, како ниедна друга институција се базирани на доверба, бидејќи им ги доверуваме нашите пари на чување. Удирањето по довербата во банките, за постигнување на партиска цел, по долгогодишното макотрпно градење на доверба во нив, не е само неодговорно, туку лудо. Како што Ѓорѓе Иванов со аболицијата удри врз владеење на правото, така шпекулациите на некои опозиционери се удар врз макроекономската стабилност. Како што аболицијата предизвика револт кај многумина, така и шпекулациите предизвикаа реакции кај многумина. И тука не пишувам за тие што реагираат по службена должност како Димитар Богов, гувернерот на Народна банка, туку многу други како независниот тинк танк „Фајнанс тинк“ или Зоран Јовановски, поранешен потпретседател на СДСМ кој ќе напише: „Само неодговорен медиум може да долева масло на огнот кога има вештачки креирана нервоза кај граѓаните во однос на курсот на денарот и депозитите во банките.“ Сепак довербата во банките во Македонија не е разнишана. Та македонските банки имаа многу посилен стрес-тест кога во 1999 и 2001 година, издржаа високи нивоа на нестабилност во услови на голема бегалска криза или на насилен конфликт.

Секако одредени поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, мораа да го продолжат натпреварот во лудост, со засилување на шпекулациите за странски заговор против власта во Македонија. Кулминација на етикетирање на странски агенти и домашни платеници и предавници. Жесток антиамериканизам, анти-ЕУ и антизападна реторика, која покрај САД посебно ги таргетира Велика Британија, Италија, Холандија… Жестоко клеветење по граѓанките и граѓаните од #Протестирам, барање за забрана на граѓански организации. Јас моите ставови сум ги изразил повеќепати, како во „(Анти)Американизам“ и во „Ik ben Nederlands“, да не ги повторувам. До промотерите на омразата кон Запад, неколку прашања. Како да ја разбереме двојноста на од една страна пишувањата на американските лобисти за „проамериканска ориентација“ на власта и од друга страна вашите пишувања за американски заговор против нас? Како да ја разбереме хајката против амбасадорите Бејли, Гарет, Пломп и други кои ја рушат власта, а не дека не се протерани, туку нема ниту вербална нота за нивното однесување, па дури функционери од врвот на власта имаар пријатни разговори со нив, како на пример на приемот за роденденот на холандската кралица (достапни фотографии во дневните весници). Удирањето по Западот, односно на евроатлантската ориентација на земјава за постигнување на партиска цел, не е само неодговорно, туку лудо.

Спиралата на спорот или конфликтот достигна фаза во која спротивставените страни се фокусирани на нанесување на штета на другата страна. Тоа не е нанесување на штета на другата страна туку удирање на темелите на државата. Кусогледоста на теснопартискиоте интереси, ги стави во залог фундаментални начела како владеење на правото и макроеконоска стабилност, и стратешки ориентации како евроатлантските интеграции. Пред ситуацијава да стане „од играчка, плачка“, мора сите да се стремиме кон деескалација. Првиот чекор мора да биде таму каде што започна овој круг на ескалација – поништување на аболицијата.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.