Да се биде во ЕУ или не?

Вечерва, 23 јуни 2016 година, Најџел Фараж, лидерот на Партијата за независност на Велика Британија, прогласува победа на референдумот за иднината на Велика Британија во da-se-bide-vo-eu-ili-neЕвропската Унија (ЕУ). Борис Џонсон, поранешниот конзервативен градоначалник на Лондон, го повикува Дејвид Камерун да поднесе оставка од премиерската функција. Доналд Трумп ја поздравува историската одлука на Велика Британија за излегување од ЕУ. Марин Ле Пен  одржува прес-конференција и повикува на референдум за излегување на Франција од ЕУ. Евроскептиците во Холандија, Данска, Финска, го прославуваат резултатот на референдумот како сопствена победа. Прикриено се радуваат и поддржувачите на појака интеграција на ЕУ, кои во членството на Велика Британија гледаат англо-американски заговор и пречка во создавањето на европска федерална држава. Британската фунта губи 20 проценти од својата вредност, паѓа вредноста на еврото… Во Брисел главоболки, во Москва Владимир Путин отвора шампањ за прослава.  Една година подоцна на самитот на Г-7 учествуваат Доналд Трумп, Борис Џонсон, Марин Ле Пен, Бепе Грило…

Денес, на 23 јуни 2016 г. Британците ќе мора да одговорат на хамлетовското прашање „Да се биде во ЕУ или не?“. Колку да изгледа лошо опцијата за останување во бирократската, пререгулирана ЕУ, и другата перспектива за излегување не изгледа дека е добра. Во изборот на навидум две не толку добри опции, се надевам дека Британците ќе ја изберат опцијата за останување.

Како Британците се најдоа во оваа состојба? Тие не се изјаснуваат првпат на референдум за своето членство во ЕУ. Британија се приклучува на ЕУ 15 години, по првата шесторка, во 1973 година и веќе во 1975 година се одржува референдум, на кој 67 проценти Британци се изјаснуваат за ЕУ. Тогашниот референдум го организира лабуристичката влада, која се поделува, а конзервативците се на ЕУ страната. Во сегашниот референдум, конзервативците се поделени, а лабуристите, главно, се за останување во ЕУ.

ЕУ всушност предизвикува поделби и меѓу конзервативците и меѓу лабуристите. Прашањето што ги обединува дел од конзервативните гласачи и дел од лабуристичките гласачи е миграцијата (од ЕУ членки), секој од различни причини. На конзервативната страна, иако не е јасно формулиран станува збор за англиски национализам, кој поради ксенофобија се противи на миграцијата. На лабуристичката страна, станува збор за британската работничка класа, која смета дека мигрантите им ги одземат работните места, водат кон стагнација на платите, ги зголемуваат кириите за домување, и го продолжуваат редот за чекање во јавното здравство. Ќе биде иронија доколку лабуристичките гласачи одлучат  за излез од ЕУ, бидејќи десното крило на конзервативците кое се залага за излез од ЕУ е неолиберално, се залага за ограничување на работнички права, укинување на социјално домување, повеќе приватизација, вклучувајќи и приватизација на јавното здравство. Ќе биде иронија лабуристи да го донесат на власт десното крило на конзервативците! И да, покрај големите мотиви има и лична и тесногрупна борба за превласт во Конзервативната партија. Едноставно Борис Џонсон гледа можност да го замени Дејвид Камерун.

Покрај миграцијата, клучно прашање е економијата. Точно е дека Велика Британија најдобро се справи со економската криза, подобро од било која друга членка на ЕУ. И тој аргумент го користат поборниците за излегување: на Велика Британија ќе ѝ биде добро и сама. Уште Черчил велел дека предноста на Британија е во припадноста на три големи заедници: империјата и комонвелтот, англофонската заедница и обединета Европа. Всушност јачината на британската економија се заснова на припадноста на поголема заедница, а не на нејзина изолација. Сите релевантни институции од Министерството за финансии, Светска банка, ММФ, ОЕЦД предупредуваат на закани за британската економија во случај на излез. На такви последици предупредија и САД, Јапонија, Австралија, кои Британија ја гледаат како порта во ЕУ. И на крај берзите реагираат нервозно на сите анкети во кои има предност излегувањето од ЕУ. На другата страна е ветувањето на Борис Џонсон дека јавно ќе се извини доколку настапи рецесија во случајот на излегување.

Други прашања, не помалку важни се оставени на страна. На пример како ќе влијае евентda-se-bide-vo-eu-ili-ne-2уалното излегување од ЕУ на иднината на мировниот договор во Северна Ирска (во случај на воспоставување на граница меѓу Република Ирска и В. Британија), или дали ќе води кон нов референдум за независност на Шкотска, бидејќи повеќето анкети укажуваат дека мнозинството Шкоти се за останување во ЕУ.

Кампањата ќе биде запаметена како ретко валкана и заснована на заплашување. Кампањата за излегување лаже дека Велика Британија плаќа 350 милиони фунти неделно во ЕУ, или пак дека Турција брзо ќе стане членка на ЕУ и Британија нема право за вето. И кај нас стигнаа постерите со кои Британците се заплашуваат со членството во ЕУ на Македонија, Србија, Албанија и Турција. Вистината е дека Британија не плаќа ни половина од тој износ, и дека тој износ е помал од позитивниот биланс на пристапот на слободниот пазар на ЕУ. Како што Турција нема наскоро да стане членка на ЕУ, а Британија има право на вето на тоа, исто како што Грција стави вето на македонското членство. Исто како што е лага дека Британија лесно ќе се договори со ЕУ да има статус како Норвешка и Швајцарија. Лага бидејќи и Норвешка и Швајцарија за возврат на пристапот кон слободниот пазар, мора да придонесат во ЕУ буџетот. Накратко Норвешка ги исполнува сите обврски како да е членка на ЕУ, а за разлика од нив не учествува во одлучувањето.

Пред десетина дена се запалија сите црвени сигнали, на повеќето анкети излезот од ЕУ водеше пред останувањето. Дејвид Камерун со бледото водење на референдумски кампањи, првиот пат за независноста на Шкотска, и сега за ЕУ, ја става на коцка иднината на Велика Британија. Клучот како во случајот на референдумот за Шкотска, така и сега ќе зависи колку лабуристичкото водство ќе го убеди своето членство. Во кампањата за останување се вклучи поранешниот лабуристички премиер Гордон Браун, а во Северна Ирска заедничка изјава имаа поранешниот конзервативен премиер Џон Мејџор и поранешниот лабуристички премиер Тони Блер. Но по сè изгледа автоголовите на таборот за излегување може да доведе до водство на таборот за останување. Убиството на Џо Кокс, пратеник на лабуристите, од страна на британски националист, како и постерите „брејкинг поинт“ на Нaјџел Фараж кои потсетуваат на нацистичка пропаганда, стана главен аргумент дека „за излегување гласаат само лошите“ што може да влијае на неопределените гласачи и исход на референдумот кој ќе значи останување на Британија во ЕУ.

Но каков и да биде исходот на референдумот, тој ќе биде со тесна разлика, а ќе ја остави Британија поделена со горчина во односите на поборниците за излегување и за останување.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.