Објавувањето на анкети, а особено од странски реномирани организации како ИРИ секогаш го привлекуваат вниманието на медиумите и на јавноста. И додека вообичаено фокусот на медиумите и на јавноста е на партиските рејтинзи и рејтинзите на партиските лидери, објавувањето на последната анкета на ИРИ предизвика внимание и на јавното мислење за институциите, односно довербата во нив. Во насловите во медиумите доминираа тие за раст на политичката нестабилност и општиот пад на доверба во институциите, а покрај тоа дел од медиумите ја акцентираа поддршката на СЈО и довербата во претседателот на државата.
Политичката стабилност е најкревка во последните десет години. По врвот на перцепцијата на стабилност (56 проценти) во 2009 година, сега сме на самото дно, при што само 5 проценти граѓани сметаат дека е состојбата стабилна, 55 проценти сметаат дека е несигурна, а 38 проценти дека е нестабилна. Со тоа е поврзана перцепцијата дека Македонија се движи во погрешна насока од високи 58 проценти, највисоки во последните десет години. Вака високи ниво на перцепција на несигурност и на нестабилност, и чувство на движење во лоша насока, се катастрофални за политиката, општеството и економијата, и се неодржливи на средни патеки. Разврската на политичката криза е есенцијална за намалување на перцепцијата на несигурноста и нестабилноста. Од тој аспект битно е како влијае можното одлагање на изборите за редовниот термин во 2018 година. Ако тоа одлагање на изборите не е дел на решението на политичката криза и ако останат чувствата на несигурност и нестабилност сигурно ќе се случат негативни трендови во сите полиња, вклучувајќи ја и економијата.
Чувството на несигурност и нестабилност е потхранувано од сегашната политичка криза, но за забележување е дека таа е само втора на листата на најсериозни проблеми на Македонија. Сигурно најсериозен проблем како во сите претходни истражувања е невработеноста (вкупно 44 проценти како прв и втор најсериозен проблем). Доколку се додадат другите слични предизвици како сиромаштија, ниски плати и сл. економската благосостојба е најсерозниот проблем за граѓаните. Значајно за анализа на сегашната состојба дека корупцијата (9 проценти), криминалот (8 проценти) и владеење на правото (3 проценти) се на 6-то, 7-мо и 12-то место на најсериозни проблеми, што значи дека тие се перципираат како многу помали проблеми отколку невработеноста и сиромаштијата.
Ваквото чувство на несигурност и нестабилност сигурно се одразува на довербата во институциите. Тука треба да се нагласи дека довербата во институциите е дел и од националната култура која е резултат на повеќе долгорочни фактори.
Во моделот на национални култури Хофстеде, постојат пет фактори и тоа јазот во моќ, индивидуализам, маскулиност/машкост, одбегнување несигурност (Uncertainty Avoidance) и долгорочна определеност. Одбегнување несигурност реферира на потрагата по Вистината и неприфатливоста на несигурност (нови, непознати различни итн. ситуации). Според некои истражувања Македонија има висок степен на одбегнување на несигурнист и тоа се одразува врз државата, религијата и идеите на повеќе начини. Постои јака потреба од многу и детални закони, дури и тогаш кога не се почитуваат. Граѓаните се перцепираат како некомпетентни и нема поддршка на граѓански протести. Граѓаните не ги интересира политика, не веруваат во институции и постои ниско учество во граѓанското општество. Постои „една вистина“ или „апсолутна вистина“, екстремизам, етнички предрасуди и ксенофобија, се верува во големи теории, релативизмот е неприфатлив и политичките опоненти не можат да бидат пријатели. Слични карактеристики на одбегнување на несигурност имаат јужни земји како Грција и посткомунистичките земји.
Значи (не)довербата во институциите не е само одраз на моменталните состојби туку и на нашата национална култура. Така на пример највисоката доверба во Владата на Македонија е забележана во 2008 година кога изнесувала 51 проценти, а сега изнесува 27 проценти и е блиска на довербата во Владата во 2006 година кога изнесуваше 26.6 проценти. За споредба во САД довербата во Претседателот обично е над 50 проценти, а никогаш не била пониска од 40 проценти.
Собранието е на историско ниско ниво на доверба од 23 проценти, и е во континуиран пад од постигнатиот врв од 42 проценти во 2013 година. И политичките партии го допираат дното на доверба од само 16 проценти, пониско од претходно најниското ниво на доверба во 2006 година од 22 проценти. Доближувањето на довербата во Владата, Собранието и политичките партии на историско ниско ниво говори за значајна политичка делегитимизација. Во прилог на тоа говори и податокот од друго истражување дека повеќе од половина граѓани немаат доверба во ниту еден политички лидер.
Дното на доверба ја достигна и правосудството. Судовите имаат доверба на 21 процент на граѓаните, еднакво на претходното дно во 2007 година. И Јавното обвинителство има релативно ниска доверба од 25 проценти. Иако беше објавено дека СЈО има поддршка од 63 проценти на граѓаните, сепак СЈО ја има стекнато довербата на 33 проценти граѓани.
Ваквите показатели ја поставуваат дилемата колку се можни и политичката разврска (избори) и правната разврска, односно дали тие ќе доведат до разврска на политичката криза.
На другата страна, според истражување на МЦМС, довербата во Армијата, полицијата, образовните, здравствените и социјалните институции како и во комуналните претпријатија се стабилни или во благ пад, но во сите случаи изнесуваат над 50 проценти. На прв поглед е контрадикторно како здравството по случаи како Тамара, има висока доверба, или пак како образованието има висока доверба по толку оспоруваното екстерно оценување. Од друга страна значајно е дека услугите од државата се уште не се негативно погодени од политичката криза.
Договорот од Пржино треба да се спроведе, и политичката разврска (избори) и правната разврска (СЈО), но треба да се бараат и долгорочни мерки за враќање на довербата во политиката и правосудството.
1 thought on “Да се има доверба или не?”