Крај на турскиот демократски експеримент?

Обидот за воен удар во Турција, го привлече фокусот на македонската јавност, не поради љубовта кон конспирации, туку поради тоа што се случува во Турција, директно или индиректно,  ќе влијае на Македонија.

kraj-na-turskiot-demokratski-eksperiment-1Збор-два за воениот удар. Несомнено, станува збор за обид за воен удар, во кој е вклучена една третина од високите офицери на армијата, која изведе координиран напад на повеќе точки во двата клучни града Истанбул и Анкара, но кој пропаднал поради три работи: прво, неуспехот да се зароби Ердоган, како и премиерот и министерот за внатрешни работи, второ, неуспехот да се заземе  претседателската палата, и трето, незаземањето на приватните телевизии и неблокирањето на интернетот. Но најважната причина за неуспехот е отсуство на јавна поддршка, не само во народот, туку и во бизнисот и елитата. Воениот урар го осудија сите опозициски партии, вклучувајќи кемалистичката Републиканска народна партија (ЦХП) и  курдската Демократска партија на народите (ХДП).

Од друга страна, тоа што ударот не е изрежиран, не  значи дека ситуацијата не злоупотребена („дар од бога“) од страна на Ердоган за конечна пресметка со движењто „Хизмет“ на проповедникот Фетулах Ѓулен. Прогонот на досега 50.000 војници, полицајци, наставници, судии е неселективна и непропрционална мерка, тоа е погром на неистомислениците. Од друга страна, за нас како мала земја со неразбирање на големите бројки, само за потсетување дека Турција има околу 3 милиони јавни работници, од кои над 300.000 во образование и над 180.000 полицајци.

Уште долго ќе се расправа за ударот и последователниот прогон, но сега за два аспекти важни за нас во Македонија: геостратегиската ориентација на Турција и натамошниот авторитарен тренд во Турција.

Случувањата во Турција се случуваат во контекст на можни промени на геостратегијата на Турција: промената на премиерот Ахмет Давутоглу, носител на неосманската доктрина; нормализацијата на односите со Русија (и со Израел); промената на позицијата во однос на Сирија во контекст на најавите за потесна соработка со Русија и Иран. Од другата страна односите со САД, се заострени од прашањето на Курдите во Сирија, се до последната закана од САД за проблематизирање на турското членство во НАТО. Секако, дел од изјавите се преговарачки тактики за подобрување на сопствените позиции, и звучи неверојатно Турција да не биде член на НАТО. Но, од друга страна, авторитарна Турција полесно ќе најде поддршка во Русија, отколку во ЕУ и НАТО. Тоа може да значи обновување на периодот на соработка на Турција и Русија. Највидлив чекор може да биде обновување на идејата за гасоводот „Турски поток“, но и поголема турско-руска координација во Сирија и на Балканот (и Македонија).

Вториот аспект е натамошниот авторитарен тренд во Турција. За македонска потреба прво треба да се расчисти дека е кемализмот е авторитарен систем, а уште поважниот дел е дека е ултранационалистички. На пример со уставот од 1982 година, донесен од воените власти, се воведува турска дефиниција на нацијата и се забранува образование на кој било друг прв јазик, освен турски. Всушност АК-партијата на Ердоган, во почетниот период на владеење, беше големата надеж дека демократијата е возможна во муслиманска држава. На АК-партијата се гледаше како на муслимански демократи еквивалент на демохристијаните во Европа. Турција беше идеалот кој требаше да служи за пример на арапските нации и Арапската пролет. Но како Арапската пролет се претвори во мрачна зима, така Турција се претвора во персонален авторитарен режим. Дали сегашните случувања се крај на турскиот демократски експеримент, и покрај сите искушенија за таков заклучок, сè уште е многу рано да се заклучи. На Турција не и е потребно да го замени кемализмот со друг авторитарен режим или друга авторитарна официјална идеологија, како исламизмот, туку со плурална Турција, во која постојат повеќе различности и ниту една не е репресирана со закон. Турција во која сите – и религиозните, и следбениците на Ататурк и Курдите и другите заедници, ќе живеат заедно.

Јакнењето на авторитарните трендови во Турција, заедно со таквите во Русија, во контекст на закочени ЕУ-интеграции, ќе имаат негативно влијание во јакнење на авторитарните трендови на Балканот.

Надвор од овие два главни аспекти, случувањата во Турција можат да доведат до делби меѓу муслиманите во Македонија и делби во опозицијата.

kraj-na-turskiot-demokratski-eksperiment-2И додека се чини дека муслиманите во Македонија (и Балканот) застана во поддршка на Ердоган, за забележување е дека голем дел од проценетата осум милионска балканска дијаспора во Турција е кемалистички ориентирана. Еден од водачите на воениот удар  генералот Адем Худути е роден во близината на  Призрен. И додека јавно се искажува поддршка на Ердоган, во одреден дел наводно организирана од партијата Беса и телевизијата Шења, за кои се говори дека се наводно поврзани со АК-пратијата и Ердоган, не е за потценување и влијанието на движењето „Хизмет“ со кое наводно е поврзано училиштето „Јахја Кемал“ и весникот „Заман“. Прашање е дали судирот на Ердоган и „Хизмет“ може да се пренесе и во Македонија.

Опозицијата се најде поделена меѓу „кемалисти“ и поддржувачи на Ердоган. Левоориентираните, главно етнички Македонци, исплашени од исламизмот и авторитарноста на Ердоган, со идеализирано разбирање на кемализмот (само секуларната страна без авторитарноста и ултранационализмот), се најдоа на страната на воениот удар. За парадоксалноста на поддршката на воениот удар од левата македонска опозиција, кога турската опозиција го осуди, не треба да се коментира. Само се доведува во прашење вредносниот систем на левицата. Како што се доведува во прашање вредносниот систем на дел од поддржувачите- муслимани на Шарената револуција.  Дома се борат против Груевски, а некритички го бранат Ердоган. Или да го парафразирам Љуми Бекири, член на Студенскиот пленум, изгледа не пречи авторитарноста на Груевски, туку тоа што е „каурин“.

На крајот, може да има и директни и индиректни економски последици. Нестабилноста, масовните забрани за патувања, може да го погодат туризмот кај нас, бидејќи учеството на турски туристи е значајно.

Поради сите аспекти на влијанието на случувањата во Турција врз Македонија, со внимание треба да се следи натамошниот развој.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.