Граѓански активисти на партиски листи

Деновиве, во сенка на серијата земјотреси, низ традиционалните и социјалните медиуми, се дебатира за најавата на учество на граѓански активисти на партиски листи за парламентарните избори на 11 декември 2016 година, поточна за учество на активисти на граѓански организации и на Шарената револуција на партиски листи на СДСМ. Очекувано дебатата е поделен на „за“ и „против“. Првите сметаат дека тоа е нормално продолжување на борбата против власта, вторите дека тоа е откривање на валкана игра во која партиски членови лажно се претставувале за непартиски граѓански активисти. Има и трети, кои се „за“, но имаат забелешки во однос на конкретните имиња кои се спомнуваат.

graganski-aktivisti-na-partiski-listiСегашнава дебата ме потсети на многу слична дебата од пред десетина години, ми се чини во мај 2006 година, кога Звонко Шаврески, претседател на „Полио плус“, стана кандидат за пратеник. Во трибина на која учествуваа Владимир Милчин, тогашен директор на Отворено општество, Звонко Шаврески и јас, како тогашен директор на МЦМС, сите тројца се согласивме дека правото на здружување и граѓанско и партиско е непри¬косновено човеково право и слобода, оттука произлегува дека ова право не смее да се ограничува. Се согласивме дека исти така ќе постои потреба граѓанските организации да застапуваат и лобираат за своите ставови и во државата, вклучувајќи и кон политичките партии и дека е легитим¬но граѓанска организација или активисти да влијаат на агенда на политичка партија. Дали може да се говори за партиска агенда, ако тоа е истивремено и граѓанска агенда? Но исто така се согласивме дека потребно е да се разговара за судир на интереси и потребата од транспарентност на учество во раководење и во граѓанска организација и во политичка партија. Или како тогаш Милчин ја дефинираше дилемата: „…вистинското прашање гласи: Имаат ли граѓанските здруженија регулативи и процедури со коишто ќе се оневозможи нивната злоупотреба во интерес на партиските кариери или амбициите да се биде пратеник или министер?“. Прашање поставено пред десет години, на кое граѓанското општество нема одговор досега. И дали воопшто треба одговор? Или одговорот треба да го дадат граѓаните како избирачи?

Но во тогашната дебата многу највпечатлив ми беше настапот на Звонко Шаврески. Тој тогаш велеше: „Првпат по 15 години плурализам, при чиста свест и без притисок, решив да се зачленам во политичка партија. И бев дочекан на нож! Што ти требаше ваква глупост? Ти не си „валкан играч”?! Па тебе толку добро ти оди со невладинава?! Ќе ти требаат два пара кожни гаќи??? Си ставаш трн во здрава нога!!! Предавнику, тоа ли ти било целта???“. Верувам дека и во сегашната дебата има многу вакви гласови и прашања.

Во 2013 година во „Окупирај ја политиката (1) и (2)“, пишував за партиската „одбрана“ на политиката како ексклузивен клуб што е поставена во два круга: внатрешен и надворешен. Шаврески ќе напише: „Има „теоретичари” (кафанско/кулоарски) кои тврдат дека политиката е валкана работа и со неа се занимаваат само валкани политичари и нивните послушковци. Оваа теза обично ја пуштаат оние кои веќе ја ‘водат’ политиката, што во суштина значи „подмочување” на територија и одбрана од конкуренција во нивното трло. Демек: оставете нè нас да се ‘мачиме со олку валкана работа’“. Надворешниот круг на одбраната на политиката како ексклузивен клуб, се состои од низа на неформални и формални пречки за влијание на непартиските, граѓанските чинители врз политиката. Покрај тоа, ефикасно средство за контрола на територијата е етикетирањето и нападите со „предавници“, „конвертити“, „колаборационисти“… Всушност во „чувањето“ на надворешниот бедем од самите партии поефикасни се непартиските политички чинители: новинар на новинар, колумнист на колумнист, граѓански активист на граѓански активист му е волк. Патеките на добро етаблираните кариери се разидуваат со партиските и политичките класи и го ослободија патот за тие што во партиите гледаат само биро за вработување.

Шаврески тогаш велеше дека се промовира постоење на некаква си митска река помеѓу двата сектори (партиски и граѓански) и се шири фама дека секој кој ќе ја премине таа река, ја загрозува државата. И ќе напише „Рубикон не постои. Јас никаде не преминав. Мојата животна мисија не е да работам во невладиниот сектор, туку да работам на изедначување на можностите за лицата со хендикеп. Дали тоа ќе биде преку наука, политика, герила, уметност, религија – тоа е оценка на момент и на интелект.“

Оттука, големо охрабрување на граѓанските активисти да работат на остварување на својата мисија и општествена агенда, вклучувајќи и преку учество на партиски листи. Секако, сите треба да бидат свесни за големо ограничување. Постојат внатрешни бедеми на политичката ексклузивност, како отсуство на внатрепартиска демократија и постојниот изборен пропорционален модел, со што се концентрира пратиската моќ во лидерот. Соодветно вклучувањето на граѓански активисти на партиски листи е повеќе одлука на партиските лидери отколку одраз на демократски процеси. И со свесноста за таквото ограничување, сепак, вклучувањето на граѓански активисти на партиски листи е чекор во добра насока.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.