Кандидатски листи за промени?

Партиите ги објавија кандидатските листи за парламентарните избори на 11 декември 2016 година, а јавноста и експертите започнаа со коментари за истите. Анализите на кандидатските листи понекогаш личат на гатање, бидејќи партиите останаа затворени за објаснување на кандидатските листи. Клучното прашање е дали кандидатските листи се најава за промени, и во државата и во партиите?

СДСМ се осмели и прв ги објави кандидатските листи, со што ѝ овозможи на ривалската ВМРО-ДПМНЕ предност да ги експлоатира слабостите на листата на СДСМ или да подготви соодветен одговор. Од прв поглед јасно е дека се клучни е ИЕ 4 и 1, но и ИЕ 5 и 2 може да влијаат на исходот.

Зоран Заев, како претседател на СДСМ ја напушти практиката за лидерско соочување во изборната единица (ИЕ) 1, и е кандидат во ИЕ 4. Тоа може да создаде впечаток за избегнување на неговиот политички ривал, Никола Груевски. ВМРО-ДПМНЕ се одлучи на предизвик, и Никола Груевски ја води листата во ИЕ 4. Нормално двете страни имаат сосема спротивни толкувања за своите потези. СДСМ тврдат дека ќе победат во ИЕ 1 и затоа Груевски бега од таа изборна единица. Ако е така, прашањето е зошто Зоран Заев не е кандидат во ИЕ 1, туку тоа е Стево Пендаровски? Од друга страна Никола Груевски вели дека ќе се соочи со Зоран Заев во ИЕ 4, зошто тој одбрал таму да биде соочувањето и дека тоа е лидерско соочување за премиер на Македонија. Логичен избор за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во ИЕ 4 (како и ИЕ 3) има подобри резултати отколку во ИЕ 1, ќе се соочат двајцата лидери во ситуација кога Никола Груевски има двапати повисок рејтинг од Зоран Заев. Зоран Заев избирајќи ја ИЕ 4 и својата Струмица укажува дека се спрема за одбрана, а не за напад. ВМРО-ДПМНЕ ќе парира и на кандидатурата на Љубчо Георгиевски и ќе се обиде да спречи позначаен одлив на гласови во коалицијата „ВМРО за Македонија“.

kandidatski-listi-za-promeniПаралелно со ИЕ 4, значајно ќе биде што се случува во ИЕ 1. Изборот на Стево Пендаровски е логичен, земајќи ги предвид неговите резултати во Скопје на претседателските избори. Но од друга страна доколку Стево Пендаровски, кој инаку стана носител во ИЕ 1 во последен момент, оствари добар резултат, дали се менува архитектурата на моќ во СДСМ и дали тоа ќе биде предизвик за лидерот Зоран Заев и за Радмила Шеќеринска, вториот човек во СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 1 го кандидира како носител Никола Поповски, веројатно најдобриот можен одговор за кандидатурата на Стево Пендаровски. Никола Поповски и Никола Тодоров во чаршијата се спомнуваат како можни премиери, и исходот во ИЕ 1 може да биде значаен од тој аспект. Или Никола Поповски, во случај на не толку добар резултат, ќе изгори, или во случај на добар резултат ќе ја зацврсти неговата позиција. Дали дуелот во ИЕ 1, вклучително со Артан Груби, е дуел на идните претседатели на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ (и ДУИ)? Дали исходот на дуелите во ИЕ 1 и во ИЕ 4 ќе одлучи за иднината на раководствата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?

Изненадување е дека Радмила Шеќеринска ќе ја води листата во ИЕ 5, која не е нејзина природна средина, а ќе се спротивстави на Антонио Милошоски. Впечатлива е кандидатурата на Антонио Милошоски во ИЕ 5, кој има голема поддршка во својата изборна единица, со што се потврдува внатрешната кохезија на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти сите шпекулации за негово повлекување. Земајќи во предвид на големите надежи на СДСМ дека ќе привлече гласачи етнички Албанци, треба да се следи ИЕ 2, каде се соочуваат Оливер Спасовски и Никола Тодоров. Другите носители на СДСМ се стандардни партиски кадри и лојалисти на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска. На другата страна Влатко Ѓорчев и Илија Димовски, како носители на изборни листи се утврдуваат во новата генерација на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

И во коалицијата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ доминира опуртуноста, отколку идеологијата. СДСМ има потреба да направи јасна идеолошка разлика од ВМРО-ДПМНЕ или „идеолошка девмроизација на СДСМ“, која не би била победничка на кратки, туку на долги патеки. Но тоа не се случува. На пример, на листата нема работничка класа, претставници од синдикат или стечајци. Или нема ЛБГТ претставници, а има противници на правото на абортус. До некаде тоа се надоместува со кандидирањето на видни учесници на Шарената револуција. Од другата страна, се коалицира со ‘Титови леви сили’. Што бараат титоисти на листа на ВМРО? Секако, прагмата дека ‘Титовите леви’ сили имаат одредено гласачко тело во Скопје и Штип, била пресудна.

За СДСМ од идеолошки (граѓански концепт) и од прагматични (гласачи) причини значајно беше прашањето на етничките Албанци. Но и покрај најавите за позначајно вклучување на кандидати етнички Албанци тоа не е многу видливо на листите. Нема етнички Албанец носител на листа. Од друга страна во коалицијата влезе и Српската напредна странка, поранешните шешељовци, потег што ќе ги оддалечи гласачите етнички Албанци.

Меѓу кандидатите нема звучни имиња од скопска перспектива, што не мора да значи дека нема кандидати признаени во своите средини. Но меѓу кандидатите ги нема и Горан Сугарески, досегашен шеф на пратеничката група на СДСМ. Или пак на Лидија Димова која ја води партиската комисија за ЕУ? Дали тоа значи дека ЕУ не е веќе приоритет на СДСМ? Исто така, меѓу кандидатите, условно речено, нема, ‘бранковисти’. Дали е можно СДСМ да има обединувачка улога во опозицијата ако не се обединат внатрепартиските фракции? Во ВМРО-ДПМНЕ отсустваат од листите повеќегодишните министри, како Ставрески, Пешевски и Ристовски, што е можеби најава за можни позначајни промени во ВМРО-ДПМНЕ.

Анализата се сведува на бипартизам бидејќи тоа е клучниот дуел, иако и ДУИ, ДПА, а можеби и Левица и коалицијата „ВМРО за Македонија“ ќе бидат тие што ќе поттикнат промени. И не само промени на „нови лица“, туку и промени на нови политики.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.