По случајот Диме Спасов, професорот Ненад Марковиќ, на фејсбук, го сподели своето мислење за концептот на вклучување на (пре) млади кадри во врвовите на политиката. Тој процес го нарекува јувенализација на политиката, професорката Гордана Силјановска го нарекува инфантилизација, додека професорката Билјана Ванковска го нарекува педократија. Мојот термин е политичка педофилија, бидејќи, како и кај педофилијата, каде што не се важни годините туку половата несозреаност, и во политичката педофилија не се проблем годините туку политичката несозреаност.
Но чекор наназад, дали навистина имаме премлади политичари, што како некои тврдат е каректеристично само за Африка? Се обидов да најдам примери, кои ќе говорат спротивното дека во врвите на светската политика има млади луѓе. На листата на млади премиери (под 30 години) навистина главно примери од Африка, и ,да, премиери од Балканот: Мило Ѓукановиќ од Црна Гора, кој во 1991 година станал премиер со 29 години, Бранко Црвенковски од Македонија кој во 1992 година стана премиер исто така со 29 години, и Илир Мета и Пандели Мајко од Албанија, кои станале премиери на 30 години. Барајќи по сеќавањата млади премиери се потсетив на младиот Филипе Гонзалес, кој за првпат бил избран за премиер на Шпанија, но на 40 години, а во современата В. Британија, најмлади премиери се Тони Блер и Дејвид Камерун, двајцата со 43 години. Од друга страна ниту еден премиер не бил повозрасен од 59 години во моментот на избор. Најмладиот претседатела на САД бил Џон Кенеди со 43 години кога бил избран. Се откажав од натамошно барање на млади во врвовите на политиката.
По првиот премиер на Македонија Никола Кљусев, избран на 64 години, имаме два премиера со над четириесет години: Владо Бучковски и Хари Костов, а Љубчо Георгиевски и Никола Груевски се избрани на 32 години, односно 36 години. И не се млади само премиерите. Повеќето македонски влади имаат просечна старост под 40 години, за споредба со последната хрватска влада која во просек има 47 години. Се сеќавам анегдотски кога Ален Ле Роа, специјален претставник на ЕУ во Македонија се запознаваше со еден наш министер за надворешни работи, земајќи ја во предвид неговата младост го праша во која земја е македонски амбасадор, и не го скри неговото изненадување кога дозна дека се запознал со министер. Без натамошни истражувања може да говориме за вклучување на премлади кадри во врвовите на политиката. И кај нас тој процес го воведе Киро Глигоров со воведувањето на Бранко Црвенковски на функцијата премиер.
Ненад Марковиќ причините за јувенализација ги гледа во потребата од силна противтежа на комунистичката геронтократија, но и во воспоставениот патронажно-клиентелистички однос во партиите, каде премлади и неискусни кадри доживуваат ѕвезден успех, благодарејќи на својот партиски патрон, а не благодарејќи на постигнувањата. Патронажно-клиентелистички однос со авторитарни трендови фаворизира премлади и неискусни кадри, бидејќи тие не се закана за врвот или за патронот. Од друга страна, ваквиот систем неминовно продуцира корупциски и други скандали, кои ги оцрнуваат политичарите, ја дефинира политиката како валкана работа, и јавноста е во постојана потрага по „нови и чисти лица“, што најчесто завршува со нови премлади кадри. Сето тоа во контекст на отуѓување на политиката, каде според Петер Креко, Директор на Институтот за политички капитал од Унгарија, политичките класи сè повеќе се оддалечуваат од патеките на добро етаблираните кариери и постојат знаци дека клубот на политичари станува сè повеќе затворен.
Ненад Марковиќ смета дека е важно да младите луѓе добијат шанса, ама доколку таа шанса е преголема за премлади години, не станува збор ниту за способност, ниту за успешност. Главниот недостаток покрај политичкото неискуство е недоволната вмреженост во политиката. Тој дава јасна предност на академскиот пристап, со постапно созревање, почитување на повозрасни, постепено зголемување на знаењата, и постепено напредување во кариерата. Веројатно тука, бегајќи од политичката педофилија има ризик од одење на другата страна на клатното во геронтократија. И демократијата не е меритократија.
Кога имав дваесетина година, како претседател на Сојузот на студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и директор на МЦМС, се борев за шанса на младите, во светот на „белите коси“, поради силата, енергијата, апетитот за промени кои го носеа младите. Точно е дека со годините доаѓа искуството и мудроста, но исто така и одбегнувањето на ризик, конзерватизам и комформизам. Се сеќавам на пример како мудриот Стојан Андов се противеше на преносот на платниот промет во банките и укинување на комунистичкиот СОК или Завод за платен промет, а премладиот министер за финансии Никола Груевски, ја истурка таа реформа. Пример од учебниците е поставување на млади луѓе, често од дијаспората, на раководни позиции во балтичките земји за раскин со комунистичкото минато. Во шегите тоа се вика „што знае мали Ѓокица што се триста тона’’.
Млади луѓе се потребни во политиката, за да внесат енергија, идеализам, промени. И не мора или не треба да имаат искуство, тоа треба да го донесат возрасните. Но потребно е да имаат созреан систем на вредности и интегритет. Се чини дека не се проблемите со знаењата и искуството, туку со личноста и карактерот.
***
Благодарност до професор Ненад Марковиќ и дискутантите на Фејсбук за инспирацијата за овој коментар.