Растeње во сенка: скриената економија и корупцијата

Изминативе недели Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), го објави Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија за 2016 година, за што пишував во коментарот „Провладин молк за корупцијата“, а Центарот за изучување на демократијата (ЦСД) од Бугарија, заедно со партнерите го објави регионалниот извештај и се одржа регионална средба во Скопје, посветена на состојбите во регионот на Југоисточна Европа, од Хрватска до Турција.

Еден од главните наоди е дека, и покрај значајните разлики меѓу најмногу и најмалку корумпираните земји, општото ниво на корупција во Југоисточна Европа е доволно високо за да се биде сериозна грижа на чинителите на добро владеење. Корупцискиот притисок (барањето мито) во регионот, мерено долгорочно, е намален од околу 41 процент на 26 проценти и тој стивнува, иако бавно, но сепак е на многу високо ниво од околу 26 проценти. Може да се каже дека во Југоисточна Европа антикорупцијата крахира. Сузбивањето на корупцијата е многу бавно, и тоа не се должи на недостаток на антикорупциска легислатива. Не може да се разбере корупцијата во регионот без да се разбере зошто крахира анти-корупцијата. За тоа е потребно длабоко разбирање на корупциските динамики, нивно следење, мониторирање и процена.

Една од динамиките која треба да се разбере е скриената економија. Корупцијата на власта не може соодветно да се процени без да се земе во предвид степенот на меѓусебна (не)соодветност на службените правила и преовладувачките социјални норми и вредности. Како и корупцијата, така и скриената економија се појавува таму каде постои несогласување на правните норми или формалните намери на законите и регулативата и социјалните норми или секојдневниот избор на индивидуите и бизнисот. Трајна и значајно по големина скриена економија исто така укажува на неефикасност на институциите. Корупцијата се јавува на допирната точка на формалната и неформалната економија, каде бизнисот и индивидуи плаќаат неформална рента (мито) или ги заробуваат институциите за да останат скриени, неусогласени со законот и регулативата или да обезбедат поевтина и помазно легализирање на нивните продукти и услуги.

Доколку се погледнат податоците за скриената економија во регионот, нејзиното учество како дел од ГДП изнесува меѓу 26 проценти и 35 проценти. Скриената економија е најниска во Турција каде изнесува 26.5 проценти (2013) година, преку Србија со 30 проценти (2010) и Бугарија со 31 проценти (2013) до Албанија со 33 проценти (2007) и Македонија 35 проценти (2007). Големината на скриената економија е доволна за да се очекува дека има влијание на други забранети активности.

Скриеноста, е широк концепт, кој опфаќа од потфати кои се прилично бенигни до целосно опасни (криминални пазари), и соодветно скриената економија може да се нарекува неформална, нерегистрирана, сива до црна економија. Така и корупцијата варира според скриените практики. Два феномена заслужуваат посебно внимание и тоа во подрачјето на вработување и на даноците, каде најчесто се јавува административна корупција во бизнисот.

rastene-vo-senka-skrienata-ekonomija-i-koruptsijataИ покрај значајниот интерес за проучување на скриената економија, не постојат скорешни споредбени податоци за скриеното вработување во Југоисточна Европа. При тоа за скриено вработување се смета непостоење на пишан договор за главната работа, не плаќање на социјални придонеси за главната работа или плаќање придонеси на помал износ од исплатениот. Во различни земји има различни начини за помалку или повеќе легални начини за намалување на данокот и социјалните придонеси, на пример исплата на висока плата за да се надмине максимумот на плата на која се плаќаат социјални придонеси или исплата преку авторски договори. Според ЦСД вработувањето во скриената економија изнесува од 19 проценти во Хрватска до неверојатни 81 проценти во Косово. Бугарија и Македонија со 27 проценти, односно 30 проценти се во групата со пониска скриена вработеност, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора со 37 до 39 проценти се во средина, а покрај Косово на врвот се наоѓаат Србија со 51 процент и Турција со 75 проценти. Не се само нивоата на различно ниво, туку и причините се различни. Повеќе од половина од скриените вработувања во Турција се поради немање пишан договор, со цел да се избегнат социјални придонеси, односно нивно плаќање на минималната плата. Во Косово скоро никој не плаќа здравствено осигурување.

Да се биде во скриена вработеност е некогаш прашање на избор, но сè почесто е зацрвстувачка социјална мрежа и создава посебен даночен морал. Лицата вработени во скриена економија во Југоисточна Европа се помлади, мажи (62 проценти) и обично познаваат повеќе луѓе кои се во слична позиција. Криењето на вработувањето во фирмите станува систематично. Кога е присутно, се применува на целата фирма или на некој независен тим, со што се превенира издавањето и се зацврстува колективен морал на самозаштита против инспекциите. Исто се практикува ако бизнисот е нерегистриран, на пример тимови во земјоделие, улични продавачи, градителски тајфи, забавувачи во ноќниот живот итн. Често ваквите практики се во цел сектор, поради притисокот од другите слични фирми. (продолжува)

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.