Трамп – крајната одмазда на заборавените!

Над 60 проценти на гласачи сметаат дека Трамп нема капацитет да биде Претседател на САД – најмоќната земја на светот. Исто толкав број на гласачи мислат дека темпарементот на Трамп не е соодветен за Претседател. Сепак 47,6 проценти од гласачите го дадоа својот глас за Доналд Трамп, што го доведе до 288 избирачки гласови потребни за победа.

tramp-krajnata-odmazda-na-zaboraveniteШансите на Доналд Трамп за победа беа под 20 проценти, наспроти шансите на Хилари Клинотон кои се проценуваа на 80 проценти. Си-ен-ен ја отвори својата изборна програма со проценка за сигурни 264 избирачки гласови за Хилари Клинтон, а во моментот иако има скоро ист број на гласачите има само 218 избирачки гласови. Сите анкети ѝ даваа предност на Клинтон од 1 до 7 проценти и сите беа погрешни. Моделите беа погрешни, политичките аналитичари погрешија. Ќе поминат недели во анализа каде сите згрешија. За вистина на волјата ова е втора голема грешка на анкетните куќи, првата беше погрешните прогнози за изборите во Велика Британија кога не ја предвидоа убедливата победа на конзервативците.

Всушност не сите имаа погрешна прогноза! Мајкл Мур во јули ја најави победата на Трамп и ја објасни со пет причини. Првата, американскиот брегзит, или одмаздата на работничката класа во индустриската зона на Големите Езера: Мичиген, Охајо, Пенсилванија и Висконсин. Дали поради трговските договори, а Клинтонови се творци на НАФТА – Северноамерикнската слободна трговија, дали поради глобализацијата, дали поради автоматизацијата, индустријата во овие држави е девастирана. Втората, последниот чекор на лутиот бел маж, која по два века го губи приматот од небелците и сега жените. Трета, проблемот со Хилари Клинтон. Четвртиот, депресивниот глас на Берни Сандерс. И петиот Џеси Вентура ефект, на гласачите едноставно им се може да гласаат за најдудучкиот избор, за да покажат среден прст на естаблишментот и за едноставно ги размрдаат работите.
И тоа се случи! Трамп победи во Мичиген, Охајо, Пенсилванија и Висконсин. Ги доби гласовите на „Регановите демократи“ или конзервативните демократи од работничката класа. Во Висконсин со децении не победил републиканец. Трамп ги доби гласовите на белите (58 проценти), мажите (53 проценти), над 45 години (53 проценти), христијани (над 55 проценти). Хилари Клинтон не успеа да ги енергизира доволно Латино (65 проценти), Афроамериканците (88 проценти) и младите (55 проценти). Тие гласаа за Клинтон, но нивниот одѕив не е доволен за победа на Клинтон. Одѕивот од најавуваните 140 милиони или дури 160 милиони гласачи едвај постигна околу 120 милиони гласачи. И не излегоа точно гласачите кои требаа да ја донесат победата на Хилари Клинтон. Веројатно и благодарејќи и на депресивните гласачи на Берни Сандерс, кој во партиските избори победи во неколку од државите на индустриската зона на Големите Езера, каде сега победи Трамп.

Трамп им се обрати токму на тие што ја донесоа неговата победа со „заборавените мажи и жени нема никогаш повеќе да бидат заборавени“. Заборавените ја добија својата шанса за крајна одмазда на естаблишментот и ја употребија. Заборавените, или средната и работничката класа која претрпе најголема загуба во својата економска позиција, е завртена внатре и бара заштита во изолација на САД, колку таа изолација не може да ги реши проблемите. Изолационистичкиот тренд во САД, кој не е отсега, најмногу се фокусираше на слободната трговија, имиграцијата и американскиот интервенционизам. Доколку може да се спореди заборавените во 2006 година го донесоа ВМРО-ДПМНЕ на власт: пензионерите за кои „немаше место во бродот во кој е капетан Бранко Црвенковски“, земјоделците…

Демократите имаат сопствена вина како со проблемот со Хилари Клинтон, така со депресивниот глас на Берни Сандерс. Демократите ја игнорираа моќта на „Окупирај го Волстрит“ движењето кое застана позади Берни Сандерс, за разлика од Доналд Трамп кој капитализираше на „Чајанка“ движењето. И на пример во кампањата Клинтон воопшто не ја посети Висконсин, сметајќи ја за сигурна победа.

Така демократите од планирана победа на Хилари Клинтон, и обид за преземање на водството во Сенатот, завршија со републиканец во Белата куќа и републикански мнозинства во Сенатот и Конгресот. Демократите ја загубија можноста за трет последователен мандат и можноста за консолидација на придобивките на владеењето на Обама (пример Обамакер) или да првпат по 45 години стекнат мнозинство во Врховниот суд на Америка.

Во Европа, некои ќе здивнат, бидејќи Американците ќе ја вратат титулата за „најдудучки (dummy) избор“, што за кратко им ја преземаа Британците со брегзитот. Многумина ќе сметаат дека САД со Трамп за претседател ќе ја изгубат моралната супериорност и ќе претрпат или веќе претрпеле значајни штети по глобалниот углед. Но и на Роналд Реган многумина гледаа како на неуспешен холивудски глумец, а успеа да го заврши вториот претседателски мандат со 68 проценти одобрување. Веќе со воведниот говор Доналд Трамп отстапи од жестоката реторика во кампањата и повика на обединување на нацијата и на соработка и партнерства со другите земји.

Дел од радикалните политики кои Трамп ги заговараше се стратегиски завртувања на Америка, кои нема да бидат едноставни за спроведување. Како противењето на слободната трговија или изјавите за непотребноста на НАТО, и соработката со Русија, ќе влијаат на регионот и на Македонија, останува да се види. Најмала последица ќе биде смален интерес за регионот, пред сè поради фокусот на транзицијата на администрацијата и потребата за завртување кон внатрешните предизвици. Најверојатно апетитот за проширување на НАТО ќе опадне со можни последици по нашите евроатлантски интеграции. Од друга страна намалување на тензиите со Русија сигурно поволно ќе влијае на регионот. Во Македонија, симпатиите се етнички поделени. Етничките Македонци се со поголема симпатија за републиканците. Веројатно и „Велес за Трамп“ даде свој скромен придонес кон победата на Трамп. Дали Македонија ќе го обнови квалитетот на односите од времето на Борис Трајковски и Џорџ Буш, останува да видиме. Но доколку има преобмислување на надворешната политика на САД треба да се потрудиме во подобрување на нашите позиции.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.