Во пишувањето на годишни политички прогнози се вметнува одреден степен на непредвидливост, делумно бидејќи некогаш политиката е непредвидлива, делумно да се оправдаат можните погрешни процени. Но прогнозирањето на 2017 година е крајно непредвидлива година, а таква ја прави еден човек: Доналд Трамп.
Во прогнозата за 2016 година, во значајни настани воопшто не ги вклучив претседателските избори во САД, претпоставувајќи дека ќе победи статус квото, односно Хилари Клинтон. Но се случи „Трамп – крајна одмазда на заборавените!“. Некои и понатаму го потценуваат Трамп, но тој уште не стапен на функција веќе ја менува Америка и светот. Деновиве Форд објави дека се откажува од вложување на 1.6 милијада долари во фабрика во Мексико, а наместо тоа ќе вложи 700 милиони долари во фабрика во Мичиген (една од индустриските држави што му ја донесе победата на Трамп).
Трамп е можност за нов почеток или нова катастрофа. Слоганите на Трамп како „Мејк Америка грејт агеин“ или „Америка фрст“, ќе добијат повеќе значење кога ќе е јасно дали тоа ќе значи нов американски изолационизам или ќе значи нов американски унилатерализам. Повеќемина сметаат дека Трамп е првиот постидеолошки претседател, дека ќе значи одлучен унилатерализам, но и повеќе, ќе значи напуштање на политика заснована на вредности како демократија и човекови права и вртење кон трансакциска политика или што има тука за Америка? Тоа би било крај на седум децении на Пакс американа, крај на Западот како вредносен поим, и негово сведување на чиста географија и враќање на реалполитиката на голема врата. Тоа би значело натамошно повлекување на Америка од глобалната политика и оставање на празен простор (за Русија, за Кина) и слабеење на НАТО и други мултилатерални институции и договори.
Колку брегзитот и Трамп ќе имаат понатамошен спиловер-ефект, ќе се знае набргу. ЕУ ја очекува серија на клучни избори. Веќе во март Холанѓаните ќе треба да изберат меѓу повеќе партии, а на анкетите води Партијата за слобода на Херт Вилдерс, партија што е анти-ЕУ. Во април и мај ќе се одржат претседателски избори, на кои ќе избираат помеѓу најдесен и подесен кандидат. И да не победи Мари Ле Пен, која бара референдум за излегување од еврозоната, ќе победи Франсоа Фијон кандидат на републиканците, кој се залага за поблиски односи со Путин и Русија. Техничката влада во Италија може да свика избори оваа пролет, на кои може да победи движењето „Пет ѕвезди“ на комичарот Бепе Грило, кое исто така се залага за излез од еврозоната. И на крај есента следуваат изборите во Германија. Германците многу повеќе од другите нации се свесни за значењето на ЕУ и на еврото, и многу малку е веројатно дека Меркел би изгубила на изборите. Но сигурен е влезот на анти ЕУ – Алтернатива за Германија во германскиот парламент. Во 2017 година ќе имаме многу слаба Меркел, и прашање е колку ќе биде во можност да издржи во одбрана на ЕУ, пред сè на еврозоната или пак, на остриот курс кон Путин и Русија.
Американското повлекување од светот, запаливата реторика на Трамп, во 2017 година, може да им даде нов ветер во едрата на ИСИС и Ал Каеда и други исламски терористички групи. Со тоа, како и во сценарио на распаѓање на ЕУ-турскиот договор за бегалците и нова бегалска криза, може да се очекува нов бран на тероризам, со можни катастрофални не само човечки туку и политички последици. Со „Крајот на турскиот демократски експеримент“ и јасното движење на Ердоган и Турција кон претседателски систем, ќе јакнат авторитарните тенденции. Тие, пак ќе ја поткопуваат основата на успехот на Ердоган – економскиот раст, што може да го поттикне Ердоган во нов лов на вештерки, ѓуленисти или Курди, или дури и на воена авантура.
Во анализите и прогнозите се фокусирам на ЕУ, Запад-Русија и Запад-Ислам, како глобални прашања кои најмногу ја засегаат Македонија. Така некако на маргините останува Кина, сила во подем, која би можеа да добие уште повеќе на простор со свет без американско лидерство. Оттука, кинеските намери за пристап на централноевропските пазари преку пристаништата во Атина и Солун, а со тоа и преку Вардарската долина, може да имаат голем импакт врз Македонија.
Кој би поверувал дека балканската шега дека „ЕУ ќе се распадне, додека Македонија стане членка“ за само неколку години и не звучи толку глупаво. Прв предизвик ќе биде опстанокот на „еврозоната“. Опстанувањето на еврозоната е поврзана со „повеќе ЕУ“, а во моментот во залет се политички сили кои сакаат „помалку ЕУ“. Тоа може да значи излегување на медитеранските земји од еврозоната, и иницирање на ЕУ со две или можеби три брзини, односно блокови на земји со различен степен на интеграција од федерација до лабав заеднички пазар. А за ЕУ проширувањето, може да заборавиме во догледно време.
Со отсутна Америка, слаба Меркел и ЕУ, јак Путин и Русија, и присутен Ердоган и Турција, Македонија и Балканот може да влезат во геостратегиска конфузија. Е, на таква конфузија најлошото можно сценарио за земјава е со меѓусебно блокирање да се одлага и политичката и правната разврска. Тоа ја засилува перцепцијата на бесперспективност и ја исцрпува земјата и политички и економски. На Македонија ѝ треба Влада која ќе биде подготвена за предизвиците во 2017 година.
***
Честит Божиќ! Среќни празници!