Без премиер одобрен од странците нема влада

Ноќта, минатата недела, кога истече периодот во кој мандаторот Никола Груевски, требаше да состави Влада, ДУИ од партија најголем губитник на изборите, стана партија најголем победник. Така 10 пратеници на ДУИ потврдија дека вредат многу повеќе од претходно двојно пратеници. Но таа трансформација од партија губитник во добитник, на чуден начин беше поддржана од опозициските Беса и ДРДПА. Во коментарот пред две недели ја коментирав платформата како „Платформа за спас“, пред сè на ДУИ. Во коментарот тогаш заклучив дека „платформата на ДУИ, Беса И ДРДПА, е платформа за спас, или оправдување на коалицијата на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, или евентуално широка коалиција, каде премиерот ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ. Платформата исклучува формирање на Влада од страна на СДСМ. Последново го потврдува жестоката реакција на скоро сите про-опозициски аналитичари и коментатори. Дали платформата е вовед во Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, плус една партија, ќе добиеме одговор наскоро!“.

Одговор не добивме минатата недела, поради две причини. Првата причина е дека ДУИ мора да балансира меѓу националното и локалното. Втората причина е дека договорот за Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со премиер Кирил Миновски не доби одобрение од страна на “странците“. За првата причина. Станува јасно дека во ДУИ постои судир на интересите на национално и локално ниво. Политичарите на национално ниво, пред сè лидерот Али Ахмети, имаат јасни преференци за Влада со ВМРО-ДПМНЕ, „со кого тешко се преговара, но го исполнува договореното“. Од друга страна градоначалниците на ДУИ како Невзат Бејта, Теута Арифи и Изет Меџити, се веќе фокусирани на локалните избори, засега планирани за 14 мај 2017 година, и на изборната математика која ќе ги доведе до уште еден градоначалнички мандат. На сите тројца им е јасно дека патот до победа на локалните избори не води преку Влада предводена од Никола Груевски. Патем, истото важи за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои со Влада предводена од Никола Груевски ќе се соочат со негативна мобилизација.

Ваквиот судир на интереси во ДУИ се одрази во фактот дека според информациите објавени од провладини медиуми, неделата вечер бил постигнат договор за Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во кој премиер би бил Кирил Миновски, сегашниот министер за финансии. Доколку се разбира дека еден од клучните елементи на договорот од Пржино е повлекувањето на Никола Груевски, и се земат во обѕир ставовите на ДУИ, зошто Претседателот на Републиката му го додели мандатот на Никола Груевски, кога е повеќе или помалку е извесно дека нема да формира Влада. Едниот одговор, посебно по повторно заострување на реториката кон Брисел и Вашингтон, е дека со тој чин Никола Груевски го подига влогот во преговорите со тоа што ќе преговара за нешто што веќе е договорено, а тоа е негово повлекување од премиерската функција. Вториот одговор е дека со тоа се создава привид на голема победа на Али Ахмети и ДУИ, кои ете ќе си ја препишат заслугата за оневозможување на Никола Груевски да формира Влада.

Договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пропадна најверојатно поради втората причина, дека не доби одобрение од страна на “странците“. Во чаршијата подолго време се говори дека странците нема да поддржат влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ која суштински нема да се оддалечи од Никола Груевски. Доколку премиер биде политичар од ВМРО-ДПМНЕ со поголема поддршка од Западот, таква влада би била поддржан, во спротивно доколку премиер биде политичар од ВМРО-ДПМНЕ кој ќе биде во целосна сенка на Никола Груевски, странците ќе поддржат широка влада. Се чини соопштенијата од Брисел за влада со најширока можна поддршка го поддржуваат претходниот заклучок. Африм Гаши од Беса ќе изјави за медиумите, дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ разработуваат сценарио според кое иден мандатар би бил некој нов Емил Димитриев и дека нема да има суштински промени сè додека Никола Груевски е претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Со јасно испратени пораки меѓу сите страни, влегуваме во нов круг на обиди за излегување од ситуацијата. ВМРО-ДПМНЕ притиснато од сите страни се чини сè повеќе се сплотува околу Никола Груевски. СДСМ се надева на мандат, ама надежта им е заснована на пристрасна селективност. Проопозициски медиуми ќе го цитираат Љубчо Георгивски дека мандатот во вториот обид треба да се довери на СДСМ, но нема да го пренесе фактот дека во 1990 година тогашниот претседател Киро Глигоров два месеци не го доделувал мандатот дури не наметнал сопствено решение за премиер. Или се повикуваат на 1992 година кога по враќањето на мандатот од ВМРО-ДПМНЕ, е доверен мандатот на СДСМ, но забораваат дека по враќањето на мандатот од Петар Гошев, мандатот беше доверен на Бранко Црвенковски, а не на следната партија по број на пратеници. Исто така ја превидуваат одлуката на Уставниот суд за претходниот случај, во кој ја отфрлаат претставката на ВМРО-ДПМНЕ поради ненадлежност на судот. Клучот е повторно кај ДУИ. Колку што Али Ахмети морал да ги земе во обѕир интересите на градоначалниците, толку тие мора да го земат предвид ставовите на Али Ахмети и принципот на Мајскиот договор за коалиција на победник со победник. Ако ДУИ не балансира вешто меѓу интересите на двата блока, ќе се расцепи, што не е од интерес на ниту еден од блоковите. Талат Џафери повика мандатот да му се довери на СДСМ, но истовремено порача дека СДСМ треба да покаже дека може да го обезбеди потребното мнозинство. Ѓорѓе Иванов, може да ги одолговлекува консултациите или може да го довери мандатот на нов мандатар на ВМРО-ДПМНЕ и за тоа да се повика на претходна пракса. Може да го довери мандатот и на СДСМ, кој ќе треба да се соочи со политичкиот ризик на се-албанска коалиција и ризикот ДУИ повторно да не може да се одлучи за една од петте опции. Во таква ситуација остануваат опциите за широка коалиција или нови предвремени избори. Како процесот може да се развлече се до локалните избори, може да превладее логиката за нови парламентарни избори заедно со локалните избори. Со тоа перспективите за излегување од политика криза се намалуваат и е можен период во кој Македонија ќе се соочи со серија на избори, кои не водат кон решение.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.