Чуму СЈО ако СДСМ прави Влада

Сагата на изборот на мандатар за нова Влада по изборите одржани на 11 декември 2016 година, продолжува – Македонија 74 дена по изборите нема нова Влада. Дали ќе го достигнеме рекордот на Холандија од 200 дена или пак на Босна и Херцеговина од 450 дена или на Белгија од околу 600 дена во преговори за нова Влада? Секако воведот во сагата беа резултатите на изборите, кои донесоа распоред на мандати кои не ветуваа брзо и лесно формирање на мнозинство, а и евентуално формираното мнозинство од неколку пратеници, би било нестабилно и за редовно работење, а не пак за посериозни реформи или пак двотретинско мнозинство за системски закони.

Вториот дел на сагата е платформата на трите партии ДУИ, Беса и ДРДПА. Платформата содржи еден дел рационални барања, најголем дел веќе познати и дебатирани, и еден дел ирационални барања. Платформата може да се објасни со потреба на создавање на чувство на ургентност во адресирање на овие прашања. Деновиве некои аналитичари потсетуваат дека целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор е составен дел од Договорот во Пржино, и дека платформата е само алатка за реализација на тој дел од Договорот во Пржино. Второто можно објаснување, кое не го исклучува првото е дека платформата е дневнополитички обид, пред сè на ДУИ, за дефокусирање на јавноста, за етнизација на јавната расправа, простор во кој ДУИ подобро се снаоѓа од дел од политичките ривали. И тоа се случува деновиве, расправата за формирање на нова Влада е целосно доминирана платформата и посебно од прашањето на „двојазичност“. И третиот можен одговор е дека Платформата на ДУИ, Беса И ДРДПА е намената да оневозможи формирање на влада на СДСМ со овие три партии. Влегувањето на СДСМ во коалиција со вака дефинирана платформа би била политичко самоубиство на СДСМ. ДУИ има најмалку две причини зошто стравува од коалиција со СДСМ, што е анализирано во „Платформа за спас“ и затоа платформата е или оправдување на коалицијата на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, или евентуално широка коалиција, каде премиерот ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ.

Дека платформата е платформа за спас се потврди ноќта кога Никола Груевски го врати мандатот за формирање на Влада и ДУИ од партија најголем губитник на изборите, стана партија најголем победник. Тогаш не добивме одговор дали платформата е или оправдување на коалицијата на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, или евентуално широка коалиција, каде премиерот ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ, најмалку од две причини. Првата причина е дека ДУИ мора да балансира меѓу националното и локалното. Втората причина е дека договорот за Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не доби одобрение од страна на “странците“. Во „ Без премиер одобрен од странците нема Влада“ заклучувам дека доколку премиер биде политичар од ВМРО-ДПМНЕ со поголема поддршка од Западот, таква влада би била поддржана, во спротивно доколку премиер биде политичар од ВМРО-ДПМНЕ кој ќе биде во целосна сенка на Никола Груевски, странците ќе поддржат широка влада. Се чини соопштенијата од Брисел за влада со најширока можна поддршка го поддржуваат претходниот заклучок.

Со јасно испратени пораки меѓу сите страни, влегуваме во нов круг на обиди за излегување од ситуацијата. ВМРО-ДПМНЕ се сплотува околу Никола Груевски, и дава сигнали и на спремност за одење во опозиција. СДСМ и симпатизерите, на секои два дена се пред толку очекуваните потписи за обезбедување на мандат за Зоран Заев. Клучот е повторно кај ДУИ. Колку што Али Ахмети морал да ги земе во обѕир интересите на градоначалниците, толку тие мора да го земат предвид ставовите на Али Ахмети и принципот на Мајскиот договор за коалиција на победник со победник. Ако ДУИ не балансира вешто меѓу интересите на двата блока, ќе се расцепи, што не е од интерес на ниту еден од блоковите. Ѓорѓе Иванов може да го довери мандатот и на СДСМ, кој ќе треба да се соочи со политичкиот ризик на се-албанска коалиција и ризикот ДУИ повторно да не може да се одлучи за една од петте опции. Во таква ситуација остануваат опциите за широка коалиција или нови предвремени избори. Како процесот може да се развлече се до локалните избори, може да превладее логиката за нови парламентарни избори заедно со локалните избори.

Јавноста не е расположена за нови предвремени избори (56 проценти граѓани против нови избори според анката на Телма и МЦМС). Во дел од јавноста постои поддршка за широка коалиција (30 проценти), но меѓу гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не постои спремност за широка коалиција и големо мнозинство меѓу нив се за влада предводена од нивните партии. Секако доколку јавноста се измори од неформирање Влада и доколку предвремените парламентарни избори се одржат заедно со локалните избори (7 или 14 мај 2017 година) може да се зголеми јавната поддршка за нови избори. Од друга страна „странците“ јасно укажуваат дека се против нови избори (повторување на резултати и нова пат позиција) и се за влада со широка поддршка, поради повеќе причини.

Судбината на СЈО ќе биде показател каква Влада ќе добие Македонија. Повеќе проопозициски коментатори и аналитичари се фокусирани на продолжување на мандатот на СЈО, тврдејќи дека влада на ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го обезбеди, наспроти влада на СДСМ. Законот за СЈО е донесен со согласност со сите политички партии (двотретинско мнозинство) и без ВМРО-ДПМНЕ, мнозинство на СДСМ не може да го продолжи мандатот, тоа може само широка коалиција. Од друга страна, доколку СДСМ формира Влада, ќе може да избира јавен обвинител (ЈО го избира Собранието по предлог на Владата), и ќе може на пример да ја постави Катица Јанева на местото на Марко Зврлевски. Во последните неколку дена амбасадорите на САД и ЕУ излегоа со јасни ставови со поддршка на продолжување на работата на СЈО. Тоа може да значи дека сè уште се отворени опциите на влада на ВМРО-ДПМНЕ или широка коалиција, само под услов на продолжување на мандатот на СЈО, како алатка на одговорност на ВМРО-ДПМНЕ. Но тие опции може да ги затвори Никола Груевски, со неговата неспремност да се повлече од политика и да ја одведе ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.