Да се раздвои името од владеење на правото

Кога ќе го читате мислењево, Федерика Могерини, европски комесарка за надворешни прашања и безбедносна политика ќе ја посети Македонија. За посетата се говореше во чаршијата, а медиумите се повикуваа на Радио Телевизија Србија за да информираат за посетата, како ние да немаме МНР. Тоа како и временското преклопување со најновиот врв на нашата политичка криза, оставаше простор за шпекулации. Могерини е комесарка за безбедносна политика, па така централната дилема беше дали нашата криза од политичка станува безбедносна. На ден пред посетата се дистрибуираше информацијата дека посетата е дел од турнејата низ балканските земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија), што ги демантира дел од шпекулациите. Но кога ќе се види дека цел на посетата е да се осигури „неповратноста на процесот на интеграција на овие земји во Унијата“, при што „регионалната соработка и добрососедските односи остануваат од суштинско значење“, се отвора дилемата дали има закана за неповратноста на интеграциите во ЕУ и дали добрососедските односи, односно меѓусоседските тензии се таа закана. На почетокот на февруари во „Кој пали оган во балканското буре барут“ коментирав за индикации за можна нестабилност во регионот и во Македонија.

Пребарувајќи го името на Федерика Могерини, покрај информацијата дека за СДСМ беше посакуван медијатор во нашата криза, забележав една информација од септември 2014 година. Тогаш Федерика Могерини, која пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот настапи во својство на претседавач со Советот на Унијата, посочува дека е потребно да се вложи поголем напор со цел да се реши деценискиот спор меѓу Македонија и Грција. Могерини ќе каже „Треба да се обидеме да го решиме тоа прашање и работите да тргнат напред, оти и внатрешната ситуација во земјата може да отиде во непосакуван правец, ако прашањето за името не се реши и работите не се променат“. Могерини ќе повтори дека за Македонија да напредува во процесот на приклучување кон Унијата, треба да се реши спорот за името со Грција.

За признание е видовитоста на Могерини во септември 2014 година дека доколку не се реши спорот за името, внатрешната ситуација може да отиде во непосакуван правец, како што отиде. Е сега дали Могерини мислела дека со решавање на спорот за името Македонија ќе се интегрира во НАТО и ЕУ и ќе ја консолидира демократијата и владеење на правото, или пак мислела дека ќе се пристапи кон „активни политики“, останува непознаница. Неколку месеци по таа изјава на Могерини, во февруари 2015 година во „Промена на режим во три чекори“ и во март 2015 година во „Бомбите, пучот и меѓународната заедница (1) и (2)“, коментирам дека останува дилемата дека за едните станува збор за заговор на Западот, за спорот за името, за другите други пак тоа е одраз на слободарските и демократските стремежи на граѓаните, за владеење на правото и борбата против корупцијата. Дилемата можеби полесно ќе се реши, ако се напушти пристапот „или, или“ и се прифати пристапот „и, и“. Тоа што се потврдува и со посетата на Могерини дека фокус се добрососедските односи, читај спорот за името, не ги исклучува владеење на правото и борбата против корупцијата. Но неразнасувањето на овие работи може да нанесе штети на националните интереси во смисла на името и на владеење на правото. И најбрз начин за обезбедување на брз и мирен расплет е да се разјаснат овие прашања. Одговорите се кај Никола Груевски и Зоран Заев.

Никола Груевски прв го воведе спорот за името, како причина на политичката криза, во говорот на 15 март 2015 година, а јасно го потврди деновиве во својот телевизиски настап на ТВ Сител. Доколку станува збор за името, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се должни да обезбедат јасни, точни и транспарентни информации, кој нудел, кога нудел и што е понудата за решение на спорот за името. Јавноста мора да знае кои се предлозите, мора да се обезбеди суштинска јавна дебата за можниот предлог за решение на спорот за името, бидејќи како и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ветија одлуката за решение на спорот за името ќе ја донесат граѓаните на референдум.

Зоран Заев и СДСМ може да го олеснат сосредоточувањето на еден дел на македонската јавност на владеење на правото и борба против корупцијата, доколку ја адресираат загриженоста за спорот за името. Зоран Заев и СДСМ треба јавно да ја повторат својата поддршка на македонските црвени линии за спорот за името, вклучувајќи и референдум. Неколку пати СДСМ изјавува дека ќе прифати тоа што ќе биде прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ. Реафирмирајќи ги таквите позиции ќе ја намали загриженоста на дел од јавноста.

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ упатија понуда до СДСМ за малцинска влада, влада која ќе биде најблиску до очекувањата на Брисел за влада со широка поддршка. СДСМ експресно ја одбија таа понуда. Зошто СДСМ експресно ја одби понудата на ВМРО-ДПМНЕ, дури и без обид за проверка на понудата, на пример условување на понудата со продолжување на мандатот на СЈО и барање за оставки на функционерите наводно вмешани во корупција и криминал.

Колку овие работи ќе останат нејасни толку се зголемува можноста за продлабочување на кризата. Покрај одговорноста на Никола Груевски и Зоран Заев, тука е одговорноста на Ѓорге Иванов, Претседател на Републиката. Претседателот е одговорен за брз и мирен премин на власта, и треба да го додели мандатот на Зоран Заев. Претседателот нема мандат за ценење на програми, уставноста на одредени закони ќе ја цени Уставниот суд, а Претседателот може да воведе вонредна состојба ако цени загрозеност на територијалниот интегритет. Само, притоа, треба да се цени дека колку што се сеќавам вонредна состојба не беше прогласена ниту во конфликтната 2001 година. И сè уште мислам дека егзит за Груевски и Заев е дел од решението.

И да има и добра вест во сите овие проблеми, принципот формирање на влада „победник со победник“ е мртов, што може да помогне во процесот на деетнизација на политиката во Македонија.

1 thought on “Да се раздвои името од владеење на правото”

  1. Kade gledash mozhnost za reshavanje na sporot shto go ima Atina so makedonskoto ime?I ponatamu Atina gi ima istite stavovi kako shto gi ima i izmitatite godini.Noviot rezhim vo Makedonija iako saka da svitka kichma,nema da se osmeli zatoa sto znae deka losho kje pomine.VMRO kazha deka e za zachuvuvanje na identitetot,osven na narodot,kazaa i za identitetot na drzhavata.Toa znachi deka e protiv promena na imeto.Shto i da se napravi,narodot sekogash kje bide protiv promena na imeto na referendumot.No bez dogovor megju Makedonija i Atina,nema da ima referendum,a bidejki nikogash nema da ima dogovor,nema ni da ima potreba od referendum.Samo politichki nepismeni i naivchini ochekuvaa(t) promena na imeto na drzhavata.

    Одговори

Напиши одговор на nacional-patriot Откажи одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.