Албанци за поништување на рамковниот договор

Барањето за асоцијација на албански општини, меѓуопштинска заедница на етнички принцип, е спротивно на основното начело на рамковниот договор дека нема „територијални решенија за етнички прашања“

Ете, деновиве, и тоа го посведочивме, етнички Албанци, од партијата Алтернатива, да побараат поништување на рамковниот договор, откако сите релевантни политички чинители го прогласија истиот рамковен договор за спроведен. Ако се прашувате кога Алтернатива побарала поништување на рамковниот договор, тоа е кога побара формирање здружение на албански општини, по урнекот на такво здружение на српски општини во Косово. Барањето на Алтернатива, иако очаен потег за привлекување внимание откако е исфрлена од Владата, сепак бара одговор. Зошто?
Секако дека не само што се бара нешто што сѐ уште не се знае дали ќе биде воопшто направено во Косово и ако биде направено како ќе биде направено. И тука една забелешка, асоцијацијата на српски општини, властите во Косово веќе ја прифатиле и потпишале како обврска со Бриселскиот договор од 2013 година. Македонија не се обврзала за таков модел. Мојот принципиелен став против го објавив во колумната „Француски предлог и за Косово“.
И секако не дека некој има против меѓуопштинска соработка. Напротив, таа е предвидена и со Законот за локална самоуправа (Заедница на единици за локална самоуправа – ЗЕЛС) и со Законот за меѓуопштинска соработка. И не само што е предвидена со законите таа е посакувана и добредојдена. На пример, општините од регионот на Полог да постигнат соработка за регионалниот план за управување со отпад и нова регионална депонија „Русино 2“ или некоја друга локација.
Но барањето за асоцијација на албански општини, меѓуопштинска заедница на етнички принцип, е спротивно на основното начело на рамковниот договор дека нема „територијални решенија за етнички прашања“. Затоа, барањето за асоцијација на албански општини е барање за поништување на рамковниот договор. Е сега, поништување на рамковниот договор, како мировен договор, е во основа барање за поништување на мирот во Македонија. И драги ДУИ, тоа не е антиамерикански и антиевропски чин, тоа е пред сѐ антимакедонски чин и антиалбански чин.
Има етнички Албанци и нивни политичари што сѐ уште сонуваат територијални решенија. Не мислам на голема Албанија, која е повеќе фолклор, туку на федерализација на Македонија. Уште во раните деведесетти, тогаш млад надежен политичар етнички Албанец, сега лидер приврзок на оваа власт, говореше за „независно Косово, федерација во Македонија“ како решение за албанското прашање.
Можеби и рамковниот договор има „меки“ етнички решенија,поради судирот на начелото 1.2. „Не постојат територијални решенија за етничките прашања“ и начелото 1.5 на ОРД „Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење… и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.“ Тоа јасно укажува дека развојот на локална самоуправа во Македонија не е потребна исклучиво за супсидијарност туку и за територијална самоуправа на географски концентрираните немнозински групи, пред сѐ етничките Албанци. Оттука територијалната поделба во општини има етнички аспекти или територијален пристап во решавање етнички прашања (20 проценти за употреба на јазик, 50 проценти за употреба на знаме.)
Но едно е да има „меки“ етнички решенија, а друго е воспоставување заедница на албански општини или, пак, федерално решение, бидејќи и едното и другото бара воспоставување граница меѓу едните и другите. Кој принцип ќе се употреби? Што е албанска општина? Со 50 отсто население етнички Албанци или со градоначалник Албанец? Каде ќе биде Брвеница со мнозинство Албанци и градоначалник Македонец? И ако се примени концептот на мнозинство, мнозинство на етнички Албанци во општините има само во Полог. Нема такво мнозинство ни во Кичево, во родната општина на Али Ахмети. И речиси секој четврти Албанец живее во општина каде што Албанците не се мнозинство.
Историјата покажува дека ретко која граница е решена без војна, на мирен начин. Тоа е така зашто во перцепциите сите ја замислуваат границата многу поинаку. Кога албанските националисти ја замислуваат границата таа безмалку е на реката Вардар. Од којзнае кој подрум излезе некоја изјава на албански радикали за „македонски енклави во албански простори“. Кога во 2001 година некои македонски националисти замислуваа размена на територија, границата ја замислуваа под Шара. Со толку голема разлика во замислените граници на националистите решение може да има само со војна или предавство, кое, пак, ќе води во војна. И затоа повторно предлогот за асоцијација на албански општини не е антиамерикански, антиевропски, туку антимакедонски и антиалбански.

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek

The post Албанци за поништување на рамковниот договор appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.