ОБСЕ оди си дома!

OSCE go home или ОБСЕ оди си дома, не е револт поради сообраќајниот
хаос предизвикан од неспособноста на власта, ниту обид да му го расипам расположението на Бујар Османи, министер за надворешни работи на Македонија и претседавач на ОБСЕ. ОБСЕ оди си дома е посветен на потребата за преиспитување на ОБСЕ, генерално и особено во Македонија

OSCE go home или ОБСЕ оди си дома, не е револт поради сообраќајниот хаос предизвикан од неспособноста на власта, ниту обид да му го расипам расположението на Бујар Османи, министер за надворешни работи на Македонија и претседавач на ОБСЕ. ОБСЕ оди си дома е посветен на потребата за преиспитување на ОБСЕ, генерално и особено во Македонија.
За преиспитување на ОБСЕ, генерално, треба да се погледнат корените и досегашните значајни реформи. Каде се корените? Тоа е детантот или попуштањето на затегнатите односи меѓу САД и Советскиот Сојуз од 70-тите години од минатиот век означени со средбата на Никсон и Брежнев во 1972 во Хелсинки. Тогаш Финска е неутрална земја и е место на повеќе средби и конференции, кои резултираат со завршниот акт на Хелсинки во 1975 година. Завршниот акт има број на клучни заложби за политичко-воени прашања, економски и прашања за животната средина и човековите права, кои станаа централни за т.н. „Хелсиншки процес“. Се формира Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КБСЕ), во која учествуваат САД, Советскиот Сојуз и сите земји од Европа. Фокусот е безбедноста во Европа, превенција од конфликти, справување со кризи и постконфликтно управување. По распадот на Советскиот Сојуз се донесува Париската повелба и за неколку години КБСЕ ќе се трансформира во ОБСЕ. Денес ОБСЕ има 57 членки, САД, Европа и поранешниот Советски Сојуз.
Целта на КБСЕ, како резултат на детантот меѓу САД и СССР, веројатно се исцрпи со распадот на СССР. Париската повелба и трансформацијата во ОБСЕ се обид за ревитализација на целта. Како главна цел е безбедноста во Европа, прашање е колку ОБСЕ ја исполнува таа цел? ОБСЕ не ги спречи војните во поранешна Југославија, ниту тие на териториите на земјите од поранешниот Советски Сојуз. Со војните во поранешна Југославија, а особено со војната во Украина е предизвикана безбедносната архитектура во Европа. Русија отворено заговара ревизија, а САД и Русија се далеку од детант. Покрај војната во Украина, не се обновени повеќето договори за контрола на вооружувањето во Европа. ОБСЕ не е граѓанска организација, а целта на ОБСЕ не се семинари за полициска бруталност во Македонија, туку мирот и безбедноста во Европа. А и Финска не е повеќе неутрална земја, туку членка на НАТО. Кога нема детант, а Русија има вето-моќ во ОБСЕ, како што стави вето на идното претседавање на Естонија со ОБСЕ, во прашање е целисходноста на ОБСЕ.
Ако Украина и балтичките земји не доаѓаат на самитот во Македонија, ако Блинкен, државниот секретар на САД, и Лавров, министерот за надворешни работи на Русија, немаат средба во Скопје, која е целисходноста на трошењето десетици милиони евра на министерска конференција? Да, Русија е земја агресор, ама, извинете на мојот француски, и нашите стратегиски сојузници во однос на Палестина не се невини. Поентата на ОБСЕ е медијација и Бујар Османи ќе ги оправда сите проблеми, неспособности, корупции и милиони евра, ако во Скопје има средба Блинкен – Лавров, како чекор, не на нормализација на агресијата врз Украина, туку на комуникации што треба да ги вратат мирот и безбедноста во Европа.
ОБСЕ во Македонија не е само оваа министерска конференција. ОБСЕ има мисија во Македонија, дел од присуството во Западен Балкан. ОБСЕ има мисии покрај во Македонија и во Србија, БиХ, Црна Гора, Косово, како и присуство во Албанија. Клучните приоритети на Мисијата во Македонија се унапредување на конструктивните меѓуетнички односи и поддршка на понатамошното спроведување на Охридскиот рамковен договор од 2001 година и неговите суштински столбови: антидискриминација, образование, децентрализација, правична застапеност, помали заедници и употреба на јазиците. Работи со властите за спроведување реформи во области како што се изборите, демократското полициско работење, локалната власт и судството. Мисијата има околу 160 вработени, од кои околу 40 се странци, и годишен буџет од околу седум милиони евра. Веројатно, во домашната јавност, највидливи се активностите поврзани со изборите.
ОБСЕ оди си дома се однесува особено на мисијата на ОБСЕ во Скопје. Целта на ОБСЕ во Македонија е исцрпена. Охридскиот рамковен договор е спроведен. ВМРО-ДПМНЕ побара укинување на техничката влада пред избори, како демократски исчекор на земјава. Следен логичен чекор е да нема масовно набљудување на изборите во 2024 година. Македонија е членка на НАТО, така што безбедноста на земјава е тука. Оттука Мисијата на ОБСЕ во Македонија треба да биде укината или во најмал случај намалена од мисија во присуство, како во Албанија.
Авторот е аналитичар* 
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek 

The post ОБСЕ оди си дома! appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.