Веројатно главната критика од политичките ривали ќе биде дека ВМРО-ДПМНЕ не може да донесе промени, бидејќи самото ВМРО-ДПМНЕ не е променето. За да се демонстрира дека ВМРО-ДПМНЕ е променето, мора да се осврнеме на минатото
Едно од често поставувани прашања во предизборието е за изборните програми на политичките партии и прашан за таа тема мојот одговор е дека изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе биде објавена, но можам да кажам дека е заснована на три работи: првата, многу напорна работа; втората, транспарентност, отчетност и нула толеранција за криминал и корупција; и третата дека имаме научени лекции од минатото или грешки што нема да ги повториме. Во ВМРО-ДПМНЕ постои свесност за критичноста на состојбите во земјата, за силните перцепции дека земјата се движи во погрешна насока и дека јавноста има високи очекувања за промени што ВМРО-ДПМНЕ треба да ги донесе. Веројатно главната критика од политичките ривали ќе биде дека ВМРО-ДПМНЕ не може да донесе промени, бидејќи самото ВМРО-ДПМНЕ не е променето. За да се демонстрира дека ВМРО-ДПМНЕ е променето, мора да се осврнеме на минатото.
ВМРО-ДПМНЕ по иницијалната фаза има два периода на владеење, првиот 1998-2002 година на Љупчо Георгиевски и вториот 2006-2016 г. на Никола Груевски. Првиот период остана во сенка на Косовската војна и нашиот конфликт во 2001 година. Вториот период може да се подели на три дела: првиот 2006-2009 година силно реформски, вториот 2009-2011 година транзитен и третиот од 2011 до крајот на 2015 година означен со поларизација и застој. Пред реформскиот дел, самото ВМРО-ДПМНЕ помина низ реформа и консолидација во периодот 2004–2006 година.
Дека 2006–2009 година е веројатно периодот на најзначајни реформи во историјата на Македонија е мошне неспорно. Тие започнаа уште во 2000 година со воведувањето данок на додадена вредност (ДДВ) наместо данок на промет и со укинување на Заводот за платен промет и пренесување на платниот промет во банките. Во 2006 година се направи пензиската реформа (втор пензиски столб), а даночната реформа продолжи со воведувањето рамен данок од 10 проценти во 2007 година, за во 2009 година да следува воведувањето бруто-плата. Сето тоа со цел да се зголемат приходите и да се консолидираат државните финансии. Во 2007 година започна интензивната работа на слободните економски зони или ТИРЗ.
„Џонсон Мети“, отворена во 2010 година, сега е најголема фирма во Македонија, а и другите како „Кромберг и Шуберт“ се меѓу најголемите. Веројатно ова се доволно примери за реформите. Што правеше во тој период СДСМ како опозиција? Ги критикуваше и оспоруваше сите до една реформа, ќе пропаднела земјата, ќе се отпуштале работници, да се потсетиме на негативните кампањи против странските инвеститори. Може да се сетете на една реформа во два мандата на ДУИ/СДСМ? Добро, сите знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ е супериорно во економијата, но какви беа резултатите во меѓуетничките односи, демократијата и медиумите? Скоро пишував дека оцените за демократија до 2015 година биле подобри од тие што ги имаме во 2023 година. „Националистичкото“ ВМРО-ДПМНЕ имаше резултати и на меѓуетнички план, иако тој период го обележија тензиите за влегување на ДУИ во власта наместо ДПА. Во 2007 година со Законот за државни празници се воведоа празници за сите етнички заедници, а Рамазан бајрам стана државен празник. При носењето на законот се внимавало тоа да бидат празници поврзани со Македонија и така празник на етничките Турци не е Денот на Републиката (Турција), туку Денот на наставата на турски јазик, а празник на етничките Албанци е 22 ноември, Денот на албанската азбука, дефинирана во Битола во 1908 г. Во 2008 г. Македонија беше домаќин на големиот јубилеј 100 години албанска азбука, се отвори куќата, подоцна Музеј на албанската азбука, „Македонски пошти“ промовираа пригодна марка, а централната прослава се одржа во Скопје. Се сеќавам на настанот во Домот на АРМ, во присуство на Сали Бериша и Хашим Тачи, тогашните премиери на Албанија и на Косово, се обрати премиерот Никола Груевски со една реченица на албански јазик, а Сали Бериша возврати со една реченица на македонски јазик. Потврда за успешноста се изборите во 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ освои 63 пратеници, од претходните 45 пратеници.
Што се случи работите да почнат да одат надолу? Се случија НАТО-самитот во Букурешт во 2008 година и ветото на Грција на нашиот прием во НАТО. Започна притисокот на САД и Западот, кои водеа до средби на Никола Груевски и Јоргос Папандреу, кои не доведоа до резултат. Во јуни 2009 година по крајот на претседателскиот мандат Бранко Црвенковски се враќа за претседател на СДСМ. Во септември 2009 година започнува влошување на меѓуетничките односи со случајот „Македонска енциклопедија“, што кулминира со инцидентот на Калето во 2011 година. Во февруари 2010 година е претставен и започнува оспоруваниот проект „Скопје 2014“. Пред изборите во 2011 година, ВМРО-ДПМНЕ ја напушта „портокаловата“ реформска боја и се враќа на традиционалната црвено-црна боја.
Крајот на овој транзитен дел од 2009 година го означија парламентарните избори во јуни 2011 година, во која ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ предводен од Бранко Црвеновски. Непосредно потоа следуваше затворањето на А1 телевизија. Потоа настапува третиот дел од 2011 до 2015 година. Карактеризиран е со жестока политичка поларизација, со инциденти како „Црниот понеделник“, со опозициски бојкоти во Собранието, бојкоти на локалните избори во 2013 година, заврши со Пржинскиот договор во 2015 година. Како растеше поларизацијата така се зголемуваше контролата на сите власти од претседател до локална власт, притисокот врз медиумите, а со тоа растеше и корупцијата.
Секако во ваков формат не може да се набројат сите работи што се случувале, но доволно е да се идентификуваат научените лекции, клучните прашања или грешки, од кои ВМРО-ДПМНЕ треба да извлече поука: корупција, демократија и слобода на медиумите. Тука треба да се одговорат и критиките за изолација на земјата.
(продолжува)
Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Блог www.megjutoa.mк @sklek
#Избори2024
The post Време е за промени! appeared first on Нова Македонија.