Недобивањето покана за членство на НАТО-самитот во Чикаго, ја отвори расправата за нашата стратегиска ориентација. За контекстот на случувањата, многу се напиша за грчката блокада, но малку за проширувањето како приоритет на НАТО и на ЕУ. И во НАТО, но и во ЕУ сè појасно е дека и покрај постоењето волја за проширување, тоа не е приоритет во овој контекст. НАТО е преокупиран со операциите во Авганистан, а ЕУ со економската криза. ЕУ тврди дека не е заморена од проширувањето и ја префрли вината за застојот врз апатијата на Западен Балкан. Но ЕУ-јавноста смета поинаку – според последниот Евробарометар од есента 2011 г., 53% од граѓаните на ЕУ се против натамошно проширување во иднина. Најмногу „против“ се во Австрија (77%) и старите членки, а најмногу „за“ се во Полска (69%) и новите членки. Големо мнозинство на граѓаните во клучните земји се против проширувањето, на пример во Германија (76%) и во Франција (71%). Таквата состојба е веројатно резултат на економската несигурност и имиграцијата, најдобро илустрирана со „полски водоводџија“. На политичко ниво двоумењето за проширувањето е резултат на судирот на земјите кои претпочитаат лабав пазарен сојуз и се за проширување и тие кои претпочитаат појаки федеративни врски и се за продлабочување на ЕУ. Резултат на тој судир е двоумењето за приемот на „слаби“ држави и барањето за построго исполнување на критериумите од кандидатите, отколку во минатото. Бугарија се соочува со тоа сега по приемот во ЕУ, со ветото за прием во шенген-договорот. А од Западен Балкан паралелно со ЕУ интеграцијата, се очекува повеќе интеграција на регионално ниво (слободна трговија, енергетска заедница, транспортна заедница), како и решавање на билатералните спорови. Така, всушност билатералните спорови (името, Косово, Северен Кипар) стануваат видливиот дел од заострените критериуми, кој функционира во поширокото опкружување – двоумењето за проширувањето. И тоа е добро и за двете страни, и за ЕУ и за кандидатите како Македонија. На примерот на Грција, времето покажа дека пропуштањето на исполнување на одредени стандарди не е добро за ЕУ, која веќе ја нема финансиската моќ да си го допушти тоа, но многу поважно за нас, неисполнувањето на стандардите е погубно за самата држава. Колку и да сме бесни на тоа, построгите критерими се подобри за нашата успешност.
Дали може да се очекува проширување на ЕУ во блиска иднина со проблемите во еврозоната и со такво јавно расположение во клучните држави? Со ваква ситуација може да се очекува следно проширување на НАТО за 2-4 години, а на ЕУ за 5-10 години.
Но ваквите, забавени, евроатлантски перспективи никако не значат дека Македонија треба да се откаже од нив. На Македонија како мала земја (економија) без богатства ѝ е неопходна интеграцијата, неопходни ѝ се отворени граници и отворена економија. Иако Македонија опстанала и овие дваесет години без нив, евроатлантската, посебно ЕУ перспективата влијае врз нас, на пример на нашиот кредитен рејтинг и цената на странскиот капитал, кој ни е неопходен. Да, „Со НАТО во јато“ ќе постигнеме повеќе благосостојба и просперитет, отколку самите.
Од друга страна, тоа не смее да заврши во другиот екстрем, дека без НАТО и ЕУ нема да нè биде. НАТО и ЕУ не можат да ни направат држава, тие можат да помогнат, но успешна државност може да направиме само ние самите – од нас зависи. Иако е општоприфатено дека евроатлантските интеграции, посебно ЕУ, обезбедуваат рамка за помирување, демократија и просперитет, од нас зависи дали ќе го постигнеме тоа. Никој од страна нема да ни ги реши меѓуетничките односи – 14 земји на ЕУ имаат конфликти за територија или за сецесија, на пример Северна Ирска. Од нас зависи. Ќе се пишуваат извештаи за демократијата, но никој од страна нема да ни обезбеди независност на судството и слобада на медиумите – како што не ја обезбедуваат во Турција или Унгарија. Од нас зависи. Никој од страна не може да обезбеди наша економска компететивност, БДП, пораст и вработување – меѓу самите членки на ЕУ невработеноста варира од 4% во Австрија до 24.1% во Шпанија. Од нас зависи. Промената доаѓа однатре, самите мора да „полетаме“, за да можеме да „летаме во јато“. Затоа е клучно свртувањето кон внатре и суштинска посветеност кон реформите во услови на одолговлечени евроатлантски интеграции.