Некои политичари кога го опишуваат спорот за името Македонија, често велат дека „е неразбирливо едно ирационално прашање да блокира …“. А всушност ирационалноста или емотивноста, колективните стравови и потсвесното е таа што го прави спорот тешко решлив, но не и нерешлив.
И Македонците и Грците го споделуваат истиот колективен страв за идентитетот – „стравот од иднината, проживеан низ минатото“. Во Грција, осебeно во регионите на Македонија, постојат стравувања дека независна Македонија може да ги поткопа нивните придобивки од Македонската борба 1904-1908 г. со која е “бранет грцизмот во Македонија“. Колку ли е голем тој страв, што Самарас посакува „Скопје да се распадне“, и за свои соседи, наместо малата и мирољубива Република Македонија, ги посакува Велика Бугарија и Велика Албанија? Во Македонија, пак, стравувањата се двојни, за идентитетот и за просперитетот.
За Македонците, името и идентитетот се право на самоидентификација. Клучниот страв е дека крајната цел на Грција е Македонија да ја нема, односно дека Грција ќе бара нови и нови отстапки дури не го уништи македонскиот идентитет. Сличноста на двете страни e до тука. Сè што има направено Македонија, на пример со вклучувањето на античката историја, што според мислењето на Меѓународниот суд не претставува кршење на Привремената спогодба, не предизвикува последици по Грција. Од друга страна, акциите на Грција нанесуваат значителни штети – Македонија „ веќе (за)губи чекор во напредокот во однос на оној што би бил постигнат во нормални услови“. Стравот од Македонците, Грците не ги чини ништо, а нас не чини многу. Македонија три пати е блокирана од Грција: повремените блокади 1992/93, трговското ембарго 1994/95 и блокадата на евроатлантските интеграции од 2008 г. Тоа го засилува стравот од загуба на просперитетот – страв од застој на евроатлантските интеграции, страв од економски застој и можно влошување на меѓуетничките односи.
На стравувањата се надоврзува внатрешно политичката употреба на спорот со наизменично припишување на улогите на „предавници“ и „спасители“. И додека донекаде е за очекување цврстиот став на десницата и во двете земји, изненадува таквиот став на левицата. Трговското ембарго го воведе левичарскиот ПАСОК, а сега умерените македонски политичари го употребуваа спорот за отстранување на политички ривали, ја поддржуваа кампањата „Не ме фиромирај, кажи Македонија“, го бараа “мажот што ќе го промени уставното име!“ и во 2005 г. го направиле единственото прекршување на Привремената спогодба.
Иако нема формална стратегија за спорот со името, македонските црвени линии се исцртани и од политичарите и од граѓаните: решение кое нема да го промени Уставот на Македонија / името, нема да го загрози македонскиот национален идентитет и граѓаните да се согласат со можното решение на референдум. Декларираната позиција на Грција е „ерга омнес“ или „едно име со географска одредница“. Грција всушност бара Македонија да се врати во состојбата пред независноста во 1991 г., кога постоеше само во СФРЈ, да не постои меѓународно, туку само внатрешно или во за нив најлош случај македонскиот идентитет да се ограничи само на сега и тука. Дека ставовите се оддалечени покажа и А1 симулациите на преговори за името во Охрид во 2010 г. – разговори имаше, но решение не!