Еден суперхерој не е доволен…

… Македонија падна на 132 од 153 места во 2011 година, со што се најде за 41 место подолу во споредба со 2010 година … Драматично, кој е индекс е тоа, дали е „слобода на медиумите“, „индекс на корупцијата“ или, пак „доинг бизнис“? Не ќе да е. Веста објавена на 25 април 2012 г.  скоро не предизвика внимание: немаше партиски прес конференции, ниту уреднички коментари или расправа по социјалните медиуми.

Да, веста за Светскиот индекс за добротворство помина незапазено. Индексот вклучува три критериуми: донации на пари на организација, волонтирање во организација и помагање на непознати. Светскиот индекс за добротворство во 2011 г. вклучува 153 земји, а на врвот се наоѓаат англоамериканските земји, а понатаму следуваат скандинавски и северно европски земји. Земјите од Југоисточна Европа се при дното на листата, а Македонија е подобро рангирана од повеќето земји од регионот. Ваквите состојби се потврдени и со други истражувања како Индексот на граѓанското општество и Општествена одговорност на граѓаните.

Тоа е тогаш одговорот, станува збор за не толку важен индекс, односно не толку важно општествено прашање. Но дали е тоа така. Индексот вклучува прашања кои се суштествени за граѓанскиот ангажман, за граѓанското општество. Алексис де Токвил во своите студии за Демократијата во Америка говори за „демократски состојки“ од кои за најважна го смета здружувањето (associations). Тој смета дека активното здружување е услов за демократија и слобода. „Граѓанско општество без граѓани“ е оксиморон – граѓанското општество не е возможно без активни граѓани, без граѓански ангажман. Затоа, Светскиот индекс на добротворство укажува на битен општествен предизвик.

Кои се причините за таквата состојба на добротворството? Македонија има неповолна социокултурна околина за добротворството со недоверба во институциите и ниска вклученост на граѓаните. И социо-економската состојба, со распостранета невработеност, е неповолна. Сепак студии покажуваат дека е погрешен митот дека донираат богатите  – често посиромашните донираат повеќе, бидејќи самите можат да имаат потреба или бидејќи познаваат луѓе во потреба. И една каректеристика за пост-комунистичките земји – и во Македонија  сè уште постои етатистичка свест и очекувана одговорност на државата, а не на граѓаните или приватниот сектор, за решавање на проблемите. Еден добар пример за етатистичката култура беше снегот изминатата зима – никој не запраша зошто граѓаните не се волонтерски самоорганизираат за чистење на снегот или што прават општинските власти. Заборави волонтерство, заборави децентрализација, бараме силна и сеприсутна држава. Уште една последица на државниот социјализам е дека заедно со репресијата врз верските заедници, потисната е добротворната работа заснована на вера. Поради сите ограничувања тешко ќе може да се споредуваме со англо-американските земји, но мора да бараме решенија за напредок.

Државата има своја улога, но еден суперхерој не е доволен, потребна е плурализација на херои, потребни се секојдневни херои. Покрај државата, секој чинител и граѓаните и приватниот сектор и организациите и  треба да го преземат својот дел од одговорноста.

Ние, граѓаните, мора да ја преземеме својата општествена одговорност. Нема кој, ниту може да има некој да не замени во нашата одговорност и солидарност кон заедницата и општеството.

Read more

Новиот бран – промена или трик

„Новиот бран“, или кадровските промени во ВМРО-ДПМНЕ се еден од фокусите минатата недела. Тоа е мешавина на партиска реорганизација на ВМРО-ДПМНЕ, пред сè на ниво општински комитети и  реорганизација на државни раководни функции. Помалку информации има за случувањата на општинско ниво каде најверојатно промените се поврзани со промена  на раководствата со помалку постигнувања и подготовките за локалните избори во 2013 г. Првите промени на национално ниво се  раководители што и до шест години ја вршат функцијата, и тоа, во основа, е ротација на кадри.

ВМРО-ДПМНЕ  го комуницира „новиот бран“ како: постојана работа и надградување, учење од сопствените грешки, мобилизација, континуирани промени… Со тоа се  нагласуваат политичката доктрина и програма, резултатите и отчетноста и подобрувањето на организацијата. Новина е апелот кон непартиските членови за заедничко дело или „прераснувањето во движење“.  Меѓутоа, за СДСМ  „новиот бран“ е „театар“ за спас на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ од неуспешните политики, а „наводните нови функционери, ќе бидат слепи послушници“ и идни „жртвени јагниња“. Една од критиките  вели дека „новиот бран“ е клучен маркетиншки проект на власта во пресрет на локалните избори, кој треба го пресретне незадоволството и потребата од промени и на општествено-политичко ниво и на партиско ниво, но ќе има само минлив ефект, бидејќи е супституција на потребата од промена на политичкото лидерство и промена на неуспешните политики. Освртот понатаму е на раководните промени, а успешноста на политичкото лидерство и политиките е засебна целина која останува за друг коментар.

Профилот на мојот пратеникИ доколку новиот бран е клучен маркетиншки проект, појдовна основа на секој маркетинг е производот, и тука ВМРО-ДПМНЕ има примарна цел да покаже дека имаат подобар производ, односно подобра кадровска политика.  Или, како што самите велат, нивната цел е „да се биде подобар од конкурентите“, бидејќи успехот или квалитетот постојат само со споредба – со план, со временски период, со друга политика, партија, земја. ВМРО-ДПМНЕ сака да го насочи вниманието во споредба на кадровската политика, својата и таа на ривалот- СДСМ.  „Новиот бран“ следува по „Приклучи се ѝ ти“- формирањето на партиските совети на СДСМ кон крајот на 2011 г. Што покажува споредбата. Двете партии направија слични чекори и ги привршуваат процесите на враќањето на поранешни членови. ВМРО-ДПМНЕ е повклучителен – има простор и за поранешните ривали на нивниот лидер, а во СДСМ само за „вистинските социјал-демократи“.  Наспроти враќањето на поранешните членови,  ВМРО-ДПМНЕ со „новиот бран“ ќе се стреми јасно да ја направи разликата – на нови, модерни, отчетни, мобилни раководители, како и капацитетот да направи значајни кадровски промени наспроти неуспехот на СДСМ да го направи тоа во претходните три претседателства.

Read more

Терористички напад врз меѓуетничките односи

„На Македонија и се потребни добри меѓуетнички односи,
а без членство во НАТО и ЕУ ќе ѝ  бидат потребни уште подобри“
– Ларс Валунд

На 12 април 2012 г. и во деновите по тоа Македонија ја шокира петкратното убиство или „дело кое е најсериозно со кое МВР се има соочено“. Со анализа на петкратното убиство може да се заклучи дека тоа е  терористички напад и можат да се воспостават претпоставки за можните мотиви и со тоа за можните организатори.

Петкратното убиство во Смилковци ги има потребните елементи за да може да биде квалификувано како терористички напад. Повеќето дефиниции на тероризам неминовно вклучуваат: политички цели и мотиви; насилство или закана со насилство за поттикнување на страв; насилство и уништување на неборбени цели (цивили);  планирани за далекосежни психолошки последици поголеми од непосредните жртви, вклучувајќи и преку експлоатација на медиумите ; организирана или тајна група во позадина на актот. Во петкратното убиство се исполнети сите елементи: жртвите се неборбени цели со посебно значење (млади – матуранти); психолошките ефекти на страв се зголемени со изборот на локацијата (етнички мешано подрачје) и времето (Велики четврток); експлоатирани се медиумите, особено од една соседна земја; нивото на организираност укажува на група и целосно јасни се и политичките цели – нарушување на меѓуетничките односи како столб на политичкиот систем и безбедноста на Македонија.

Read more

Меѓутоа

Ова е мојот прв чекор во блогот „Меѓутоа“ и во оваа фаза на учење на првите чекори ќе се осврнам на целта, начелата и содржината на овој блог. Мојата размисла за блог започна пред две години по првата обука за социјални медиуми која Борис Ристовски, соработник за интернет и нови медиуми, ја организираше за МЦМС. … Read more