Од другата страна на империјата

Како подолго од една недела не сум во земјата и сум на оддалеченост од околу 5.000 км, не се чувствувам удобно да пишувам на актуелни домашни теми. Затоа пишувам за Киргизстан, каде што сум сега и имам патувано повеќепати, а првпат го посетив во 1998 г..

Пишувам за земјата, од другата страна на империјата, таа на Александар Велики, земја толку далечна, а блиска. Александар Велики, стигнал до Фергана долината, денес на тромеѓето меѓу Киргизстан, Таџикистан и Узбекистан, каде го основал градот Александрија Ексхата, денес Хучанд во Таџикистан. Не го спомнувам тоа од историски причини, туку бидејќи Киргизстан е една од ретките земји каде сум патувал, а при спомнувањето на Македонија луѓето веднаш започнуваат со разговар за Александар Велики. Во 1998 г. ми остави впечаток посетата на неколку села во Фергана долината, каде луѓето раскажуваа за Александар, како да достигнал до тие далечни краишта пред неколку години, а не пред повеќе од 2.300 години. Но темата не ми е Александар, туку Киргизстан.

Зошто далечна, а блиска?

Киргизстан е централната земја во Централна Азија. Во земјата живеат околу 5.5 милиони луѓе. Киргизстан, за централно азиски услови, е меѓу помалите земји, без пристап до море, со четири поголеми соседи: Кина, Узбекистан, Казакстан и Таџикистан. Основана во 1924 г. како дел од СССР, стекнува независност во 1991 г. И покрај кратката историја на независност, Киргизите имаат долга слободарска историја. Знамето на Киргизстан е сонце со 40 зраци. Тоа го симболизира обединувањето на 40 племиња под водство на националниот херој Манас. Најголем дел од земјата е планинска (80%), и освојувачите никогаш не ги покориле целосно планинските предели, слично како во блискиот Афганистан. Но сепак Киргизстан, поради неговата позиција на Патот на свилата, бил освојуван од Монголската Империја, Кина, Узбечкиот Коканд Ханат и Русија.

Read more

(Не)зрел за коментатор?

Во април оваа година од „Нова Македонија“ ме прашаа за пишување коментари, што се совпадна со моите размислувања за започнување на блог. Се согласив, бидејќи сакам да анализирам, имам малку повеќе време откако не сум во раководството на МЦМС и поради тоа што исклучително ја ценам и институцијата „Нова Македонија“, како и нејзиното раководство и новинари. И така започна мојот блог Меѓутоа и објавена е мојат прв коментар во април 2012 г.

Овој 11. пат, коментарот се преместува во четврток, кога досега пишуваше Ана Мартиновска, која во периодот што следи се посветува на проширувањето на семејството, и ми ја остави одговорноста за пишување за промоција на родовата еднаквост и недискриминација за сите. Ќе ги следам тие вредности, бидејќи ги споделувам. И благодарам на Ана Мартиновска за одличните коментари и ѝ посакувам многу љубов и здравје во семејниот живот. Ана Мартиновска се извини дека во својата засега последниот коментар ќе си дозволи поинтимен тон. Јас ќе си го дозволам тоа на почетокот.

Темите за кои пишувам се општествено политички теми, но повремено ќе бидат и институциско-организациски теми и за себеразвој. Тоа се заснова на моето уверување за интегрираност на личниот, организацискиот и општествениот развој, односно дека човекот ги создава организациите и општеството според својот лик и своите вредности и начела. Вредностите и начелата се основата на секоја личност, организација или општество. Затоа моите коментари се насочени кон односот на одреден проблем и решенијата, препораки за тој проблем, засновани на вредности. Покрај наведените теми ќе пишувам и за самите вредности, како и за животот.

Во интернет-изданието на мојот коментар одредени податоци се поврзани-линкувани со изворите, а за илустрација употребувам фотографии или графици.

Како што забележаа некои читатели, во коментарите често употребувам прашални форми. Целта на тоа не е да шпекулирам, туку напротив, мој внатрешен порив да поттикнам аргументација и контрааргументација, размена, разбирање, да поттикнам дијалог. Да поттикнам што повеќе други луѓе да се вклучат во дијалогот, бидејќи јас сум свесен за недостатоците на моите знаења, и секако, за мојата субјективност – за моите вредности, начела и уверувања кои влијаат на моето осознавање на проблемите. Мојот клучен предизвик е да допуштам дека покрај мојата „вистина“ постојат и други „вистини“. Затао сакам дијалог за меѓусебно разбирање. Ваквиот, рационален стил на пишување, понекогаш е можеби премногу академски и недоволно личен. Понекогаш тешко балансирам меѓу личниот порив да вклучам многу собрани податоци и потребата од јасност. Ќе ми биде предизвик коментарите да бидат попривлечни – атрактивни и лесни за читање, разбирливи и во говорен јазик, да бидат едноставни.

Read more

Меѓутоа

Ова е мојот прв чекор во блогот „Меѓутоа“ и во оваа фаза на учење на првите чекори ќе се осврнам на целта, начелата и содржината на овој блог. Мојата размисла за блог започна пред две години по првата обука за социјални медиуми која Борис Ристовски, соработник за интернет и нови медиуми, ја организираше за МЦМС. … Read more